Connect with us

Берза

Ученици од „Илија Николовски-Луј“ на едукативна сесија во Македонска берза по повод Глобалната недела на парите

Објавено

на

Во рамки на одбележувањето на Глобалната недела на парите – Global Money Week 2025, Македонска берза организираше едукативно предавање наменето за ученици од Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.

Преку интерактивна презентација и дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со:

• историјата и начинот на функционирање на Македонска берза,

• можностите за финансирање на бизниси преку издавање акции и обврзници,

• основите на инвестирање во хартии од вредност,

• како функционира виртуелната берза како алатка за симулирање на реално тргување.

Оваа активност е дел од глобалната иницијатива за зголемување на финансиската писменост кај децата и младите, која секоја година се одбележува со настани и предавања во над 100 земји.

Од Македонска берза истакнуваат дека финансиската едукација останува нивна стратешка определба и оти преку вакви активности продолжуваат да ја поддржуваат визијата за општество со високо ниво на финансиска свест и знаење.

Берза

Јанкуловски: Подготвуваме модерна рамка за развој на македонскиот пазар на капитал

Објавено

на

Министерството за финансии работи на воспоставување модерна и сеопфатна регулаторна рамка, која треба да овозможи понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал, поголема стабилност и повисоко ниво на заштита на инвеститорите, истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Во своето обраќање, Јанкуловски посочи дека новата регулатива ги опфаќа и обврските на издавачите на хартии од вредност и треба да почне да се применува во следниот период.

„Со новата регулатива воспоставуваме модерна и сеопфатна рамка за македонскиот пазар на капитал, усогласена со европските регулативи“, нагласи Јанкуловски.

Според него, во Министерството за финансии во тек се дополнителни измени на два закона, кои се очекува да бидат усвоени пред почетокот на нивната имплементација. Целта е навремено да бидат надминати евентуалните предизвици посочени од Македонската берза и од останатите учесници на пазарот.

Новата правна рамка треба да создаде услови за развој на нови производи и услуги, поголема стабилност на финансискиот пазар, зајакнат надзор и повисоко ниво на заштита на инвеститорите.

Расте интересот за граѓанските обврзници

Паралелно со промените во законската рамка, Министерството за финансии направило и практичен исчекор со воведувањето на граѓанските обврзници.

Според податоците што ги презентираше Јанкуловски, досега биле реализирани три емисии на овој тип обврзници. Во третата емисија, реализирана во декември минатата година, 1.543 граѓани запишале обврзници во вредност од над две милијарди денари, односно околу 33 милиони евра.

Обврзниците се со рок на доспевање од две години и со каматна стапка од 4,5 проценти годишно.

„Високиот интерес е потврда дека граѓанската обврзница е препознаена како сигурен и атрактивен инструмент за вложување на заштедите на граѓаните“, рече Јанкуловски.

Министерството за финансии, како што најави, ќе продолжи да работи на унапредување на регулаторната и супервизорската рамка, но и на воведување нови финансиски инструменти на домашниот пазар.

За целосен успех, според заменик-министерот, потребен е активен придонес од сите учесници на пазарот, институциите, регулаторите, Македонската берза, финансискиот сектор и инвеститорите.

Јанкуловски оцени дека размената на идеи и искуства на ваквите конференции може да понуди конкретни решенија и насоки за понатамошен развој на македонскиот пазар на капитал.

Продолжи со читање

Берза

Nasdaq достигна нов рекорд, Dow Jones во пад

Објавено

на

На Волстрит во вторникот индексот Nasdaq достигна ново рекордно ниво, поттикнат од растот на акциите на производителите на чипови, додека Dow Jones забележа пад.

Dow Jones се намали за 0,36 отсто, на 51.863 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.764 поени. Nasdaq, пак, порасна за 0,45 отсто, на 27.244 поени.

Растот на Nasdaq главно се припишува на зголемувањето на цените на акциите на компаниите од секторот за чипови, во услови на очекувања дека технолошките компании ќе продолжат со големи инвестиции во развојот на вештачката интелигенција.

Сепак, инвеститорите останаа внимателни. Во шест од 11-те најважни сектори во рамки на S&P 500 акциите забележаа пад, а најголемо намалување имаше во финансискиот сектор, од 1,7 отсто, и во комуникацискиот сектор, од 0,8 отсто.

Во фокусот на пазарите беше и позитивниот прием на AI асистентот „Muse“ на Meta Platforms, кој може да испраќа електронска пошта и да извршува трансакции во име на корисниците. Неговиот успех дополнително го поттикна растот на акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција.

Во Азија, поголемиот дел од берзите во средата забележаа раст, додека доларот дополнително зајакна во однос на кошницата валути. MSCI индексот на азиско-пацифичките акции беше во плус од 0,3 отсто, шести ден по ред.

Продолжи со читање

Берза

Шахбаз: Технологијата треба да им го олесни животот на луѓето, а не да ги оддалечи од банките

Објавено

на

Банкарскиот сектор во регионот има доволно искуство и капацитет успешно да одговори на актуелните и идните предизвици, а клучот е во правилното управување со промените, инвестициите во технологијата и задржувањето на човечкиот пристап кон клиентите.

Ова го истакна Фатих Шахбаз од Халкбанк АД Скопје, кој учествуваше како говорник на 25. Годишна конференција на Македонската берза.

Според Шахбаз, банките не можат да ги контролираат сите глобални промени, но можат успешно да управуваат со нив доколку навремено и правилно реагираат.

„Банкарскиот сектор во нашиот регион има силно искуство и капацитет да одговори на сегашните и идните предизвици“, порача Шахбаз.

Посебен акцент во неговото излагање беше ставен на рамнотежата меѓу технологијата и човечкиот фактор. Халкбанк продолжува да инвестира во дигитализација и напредни технолошки решенија, но според Шахбаз, технологијата треба пред сè да биде во функција на клиентите.

„Технологијата треба да им обезбеди удобност на луѓето, а не да ги оддалечи од банката. Во ерата на дигитализацијата, емпатијата, довербата и личните односи се повредни од кога било“, истакна Шахбаз.

Третиот важен принцип е континуираната поддршка на реалната економија. Во услови кога глобалните синџири на снабдување се менуваат, а трошоците и неизвесноста растат, Халкбанк ќе продолжи со своите активности во Македонија преку партнерски пристап кон клиентите и компаниите.

Тоа, според Шахбаз, значи банка која ги разбира бизнисите на своите клиенти, размислува долгорочно и обезбедува сигурност и во сложени економски услови.

На крајот, тој потенцираше дека водењето банка во 21 век не се сведува само на финансиските резултати.

„Оваа должност значи и голема одговорност кон економијата, општеството и средината во која работиме“, порача Фатих Шахбаз.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange