Connect with us

Банки

Тројца кандидати во трка за испразнетото место во Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје?

Објавено

на

Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје наскоро би требало да има нов член, кој ќе дојде на местото на сега веќе поранешниот член на Управниот одбор, Тони Стојановски кој го презема раководењето со НЛБ Банка АД Скопје како прв човек на банката и Претседател на Управниот одбор.

Според информациите до кои дојде Банкарство, во трка за испразнетото место во Управниот одбор се тројца кандидати со долгогодишно искуство во банкарскиот сектор, а тоа се Благоја Устијаноски, Петар Трпески и Владимир Тренески.

Благоја Устијаноски е сегашен директор на Секторот за корпоративни клиенти на Шпаркасе банка АД Скопје. Тој оваа функција ја извршува од јули 2021 година односно од интеграцијата на Шпаркасе Банка со Охридска Банка. Претходно ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за корпоративни клиенти во Охридска банка АД Скопје. Устијаноски има 15-годишно работно искуство во извршување на различни функции во доменот на кредитната анализа, водење и менаџирање на портфолија на корпоративни клиенти, а веќе 7 години го менаџира севкупното работење со корпоративни клиенти. Под негови ингеренции се дирекциите за работа со големи и интернационални компании и за мали и средни претпријатија, Службата за проектно финансирање која ги вклучува деловите за финансирање на проекти поврзани со изградба на недвижен имот и обновливи извори на енергија, како и Службата за позадинска поддршка на корпоративните клиенти.

Петар Трпески во моментов ја извршува функцијата Директор на Деловен сектор за работа со корпоративни клиенти во НЛБ Банка АД Скопје од октомври 2023 година. Тој претходно беше 10 години дел од менаџерскиот тим на Шпаркасе Банка АД Скопје каде извршуваше високо-раководни функции како Директор на Дирекцијата за тргување и финансиски пазари, Директор на Сектор за управување со корпоративни клиенти, како и функцијата Директор на Сектор за управување со средства. Трпески има повеќе од 13-годишно искуство во банкарскиот сектор, а бил дел и од Стопанска банка АД – Скопје како Директор на мрежа на филијали.

Владимир Тренески е Сениор Директор за корпоративно банкарство на Стопанска банка АД – Скопје и е директно запознаен со случувањата во банката. Истовремено, тој е дел од Кредитниот одбор (КО) на банката и од Кредитниот одбор за комерцијални клиенти (КОКК), одбори кои одлучуваат за кредитната изложеност на Стопанска банка АД- Скопје кон поединечен субјект – правно лице. Тренески долги години бил “десна рака” на Тони Стојановски кој 15 години беше член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје како Генерален Директор за корпоративно банкарство и претставува најлогичен избор за наследник на неговиот ментор.

Mенаџментот на Стопанска банка АД – Скопје има тешка задача да го направи вистинскиот избор помеѓу овие тројца истакнати професионалци, но останува да се види дали сопствениците од Грција ќе продолжат да му веруваат на постоечкиот кадар кој е проверен и докажан и кој “порасна” заедно со банката или ќе се одлучат за кадар “од надвор” кој ќе донесе нови погледи во функционирањето. Кој и да биде новиот член на Управниот одбор, ќе има сериозен предизвик да одговори на барањата во една од најголемите и најуспешните македонски банки и да го продолжи континуитетот на успешно работење на една од најголемите банки во државата.

Значајно да се напомене е дека откако банката ќе го направи изборот на кандидатот кој ќе биде дел од Управниот одбор истиот не станува дел од одборот по автоматизам, бидејќи регулаторот, односно Народната банка неопходно е да даде дозвола за именување на истоимениот кандидат во Управниот одбор.

Банки

АМЕРИКАНСКИОТ ДОЛАР СТАБИЛЕН, ЈЕНОТ ПОД СИЛЕН ПРИТИСОК – инвеститорите будно ги следат ФЕД и Банката на Јапонија!?

Објавено

на

Јапонскиот јен падна за 0,3% на 153,15 за американски долари по силните добивки минатата недела, откако економијата на Јапонија порасна за минимални 0,2% во декември, далеку под очекувањата за 1,6%. Разочарувачките податоци ја нагласуваат тешката задача на премиерката Санае Такаичи и потенцијално го искомплицираат патот за затегнување на монетарната политика на Банката на Јапонија, чија клучна каматна стапка е на 0,75%, која останува далеку под нивото на повеќето големи светски економии.

Американскиот долар остана стабилен, поддржан од податоците за инфлацијата кои ги зајакнуваат аргументите за можно олабавување на каматните стапки од Федералните резерви подоцна оваа година. Фјучерсите имплицираат намалување од околу 62 базични поени, со најверојатна следна промена во јуни.

Еврото се тргуваше на 1,1863 долари, фунтата на 1,36395 долари, а швајцарскиот франк благо ослабна на 0,7686 за американски долар. Австралискиот долар се зацврсти на 0,70865, додека новозеландскиот долар падна на 0,6033 пред очекуваниот состанок за монетарна политика на Резервната банка на Нов Зеланд.

Аналитичарите предупредуваат дека глобалните валутни движења остануваат чувствителни на фискални мерки, централнобанкарски политики и економските податоци во Кина, Јапонија и САД.

Продолжи со читање

Банки

Беркан Имери, Александар Иљов и Мухаммед Хаџипази реименувани за Извршни директори и членови на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје соопштува дека согласно решението на Извршниот одбор на Народната банка на Северна Македонија, од 3 февруари 2026 година, е одобрено продолжување на мандатите на г-дин Беркан Имери, г-дин Александар Иљов и г-дин Мухаммед Хаџи-Пази.

„Согласно Решението на Извршниот Одбор на Народна Банка на Р. Северна Македонија издадена е претходна согласност за реименување на г-дин Беркан Имери, г-дин Александар Иљов и на г-дин Мухаммед Хаџи – Пази, сметано од 03.02.2026 година“, се вели во соопштението на Халкбанк.

Промените се официјално упишани во Централниот регистар на 6 февруари 2026 година. Тројцата ќе продолжат да ги извршуваат функциите на Извршен директор и членови на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје.

Халкбанк ја истакнува стабилноста и континуитетот во менаџментот како клучен предуслов за понатамошен развој и успешни финансиски резултати.

Во моментов Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје го сочинуваат:

  • Д-р Фатих Шахбаз – Главен Извршен Директор и Претседател на Управниот одбор;
  • Д-р Беркан Имери – Извршен Директор и член на Управен одбор;
  • Александар Иљов – Извршен Директор и член на Управен одбор;
  • Мухаммед Хаџипази – Извршен Директор и член на Управен одбор;
Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ го отвора Фондот за ликвидност во евра на глобално ниво – нов чекор за јакнење на меѓународната улога на еврото

Објавено

на

Европската централна банка (ЕЦБ) најави проширување на својот Фонд за ликвидност во евра, со што механизмот ќе стане достапен за централните банки ширум светот, со цел зајакнување на меѓународната позиција на единствената европска валута.

Преку REPO линиите, централните банки ќе можат да обезбедат евро-ликвидност под поволни финансиски услови. Досега, овој инструмент беше ограничен на помал број земји, главно од Источна Европа.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, истакна дека во услови на зголемена глобална нестабилност, централната банка мора да биде подготвена и флексибилна. „Овој механизам е важен инструмент за зацврстување на еврото на светската сцена“, изјави Лагард на Минхенската безбедносна конференција.

Се очекува новиот модел да биде операционален од третиот квартал на 2026 година. Исклучок ќе бидат институциите поврзани со перење пари, финансирање тероризам или субјекти под меѓународни санкции.

Одлуката доаѓа во период на зголемена несигурност околу доларот и американските економски политики, што дополнително го зајакнува интересот за еврото како стабилна глобална валута.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange