Берза
Што донесе 24-тата Годишна конференција на Македонската берза?
Во период од 26-27 септември 2025 година, во Охрид, Македонската берза АД Скопје ја одржа својата 24-та Годишна конференција, традиционален настан што и оваа година ги обедини преку 250 претставници на финансискиот сектор, котираните компании, регулаторите, институциите и академската заедница.
Конференцијата низ годините прерасна во традиционално и најзначајно годишно собирање на финансиската заедница во земјава и регионот. Таа претставува платформа за размена на идеи, искуства и визии за тоа како да се унапреди пазарот на капитал, како да се зголеми неговата улога во економскиот развој и како да се поттикне довербата кај инвеститорите и компаниите.
Конференцијата беше отворена со обраќања на Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза, кој ја нагласи важноста на берзанските конференции како место за размена на знаење и идеи, по што следуваа поздравните говори на Гордана Димитриеска Кочоска, Министер за финансии, и Бујаре Абази, Претседател на Комисија за хартии од вредност.



Говорот на директорот Штериев можете да го преземете на следниов линк
Во рамки на специјалните говори, Трајко Славески, Гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, зборуваше за предизвиците на монетарната политика во услови на зголемена неизвесност, додека Blaz Brodnjak, Извршен директор на NLB Љубљана, во онлајн излагање зборуваше за потребата од подлабока интеграција на земјите од Југоисточна Европа.
Првиот конференциски ден беше посветен на прашањето за IPO – да се прави или не?. Претставникот на ЕБРД, Attila Toth, ја презентираше поддршката на оваа институција за домашните компании кои сакаат да излезат на берза, а Дарко Перушески, сосопственик и извршен директор на СВОД Мастер АД (Gley), го сподели искуството од нивниот обид за IPO. Дискусијата продолжи на панелот „Некој, на берза…“, каде што своите ставови ги изнесоа Златица Цивкароски од Шпаркасе Банка, Зоран Мартиновски од Prime Blue Institute, адвокатот Кристијан Поленак, Христијан Ковачевски од Унипласт и Ирина Аврамска од Finovate MK, под модераторство на Каролина Каровска Божиноска од Македонска берза. Во овој блок се вклучи и Даме Цветковски, Извршен директор на Неотел, кој говореше за развојните перспективи на компанијата во контекст на берзанското финансирање.
Темата потоа се префрли на берзанско-фондовските приказни, каде што преку интервју на бина, новинарот Горан Теменугов од подкастот „Каде се парите?“ разговараше со Иван Штериев за состојбите и предизвиците на Македонска берза. Штериев во рамките на ова интерјву потенцираше дека клучно е пазарот на капитал да се препознае како стратешка определба за целата економија, а не само за оние што работат на пазарот на капитал.
Панелот што следеше, посветен приватните пензиски фондови и можноста да се воведат и мултифондовите, отвори многу прашања за иднината на пензискиот систем и пазарот на капитал. На оваа дискусија учествуваа Горан Мартиноски од КБ Прво пензиско друштво, Maciej Bitner од Варшавската берза и Gordan Šumanovic од Raiffeisen mirovinski fondovi – Хрватска, а модератор беше Александра Томиќ од Bloomberg Adria. Во продолжение, Krešo Vugrincic, извршен директор на Intercapital ETF,зборуваше за улогата на ЕТФ-овите како локален и регионален развоен двигател.
Попладневниот дел од првиот ден започна со видео-обраќање на Blaz Hribar од Pokojninska druzba A – Словенија, кој се осврна на идните глобални пазарни трендови. Потоа, Hüseyin Erkan, поранешен директор на Истанбулската берза и Светската федерација на берзи, дискутираше за значењето на малите берзи на пазарите во појавување. Денот заврши со комерцијална презентација на Илијанчо Гаговски, ко-основач на Fledgeworks, кој ја претстави нивната HR платформа.
Вториот ден започна со панелот „Пред и после 2025-та – влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување“, во коорганизација на ИСОС. На оваа тема дебатираа Драган Давитков од PwC, Драган Димитров од БДО Македонија, Горан Тиловски од Македонски Телеком и Коста Костадиновски, основач на Капитал Ассет Менаџмент, а модераторка беше Весна Прентоска, Претседател на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Потоа, Филомена Пљаковска Аспровска, Претседател на Управен одбор на CaSys, зборуваше за трендовите во дигиталната трансформација.
Агендата продолжи со разговорот „покрај оган“ меѓу Даринка Дамјановиќ, Извршен директор на ЦДХВ, и Даниел Ленардиќ од KPMG Croatia, посветен на стратешките предизвици на Централниот депозитар за хартии од вредност. Конференцијата заврши со панелот „Добри практики за корпоративно управување – норматива v.s. пракса“, на кој учествуваа Орде Ѓорѓиоски од Витаминка АД Прилеп, Горазд Поповски од Стопанска банка Скопје и Тихомир Касапинов од Винарска Визба Тиквеш, под модераторство на Зорица Асенова, Главен правен советник на Македонска берза.
Спонзори на конференцијата беа КБ Прво Пензиско друштво (како сребрен спонзор) и НЛБ, Шпаркасе и Комерцијална банка, ЦДХВ, Casys International и Неотел (како останати спонзори). Медиумски покровители годинава беа Телма Телевизија, Пари, Капитал и Банкарство, а поддржувачи на конференцијата Винаријата Тиквеш, Бучен Козјак, IUTE и Fledgeworks.
Линк до галеријата од настанот: https://flic.kr/s/aHBqjCvBHG
Берза
Златото повторно во фокусот на инвеститорите – нов сигнал за силен раст?
Златото и денеска се тргува на високи нивоа на меѓународните пазари, при што спот цената се движи околу 5.050 – 5.060 долари за унца. Ова значи дека еден грам злато во текот на денешното тргување вреди приближно 137 евра.
Цената ја задржува психолошката граница од 5.000 долари за унца, откако послабите податоци за малопродажбата во САД ги засилија очекувањата дека Федералните резерви би можеле да ги намалат каматните стапки на наредниот состанок. Овој сигнал дополнително ја зголеми побарувачката за злато како сигурно прибежиште во услови на зголемена неизвесност.
Кон крајот на јануари, златото достигна историски максимум од над 5.600 долари за унца, поттикнато од геополитичките тензии, зголемената глобална нестабилност и зголемените шпекулативни купувања. По наглата корекција и пад од над 13% во само две сесии, цената се стабилизира, надоместувајќи околу половина од загубите.
Во текот на оваа недела, златото повторно се тргува над 5.000 долари за унца, а голем дел од водечките светски банки прогнозираат дека растот би можел да продолжи, со оглед на тоа што фундаменталните фактори кои ја поддржуваат побарувачката и понатаму остануваат присутни.
Берза
Настел продолжува да го намалува уделот во Реплек – продадени нови акции по трет пат за неполни два месеци
Градежната компанија „Настел ДООЕЛ“ продолжува со постепено намалување на својот удел во фармацевтската компанија „Реплек АД Скопје“, преку нова продажба на дел од сопствениот пакет акции.
Според објавата на „Реплек“ на Македонска берза, „Настел“ реализирал трансакција со која биле продадени 64 акции, со што неговото вкупно учество е намалено на 15.054 акции, односно 5,81% од вкупниот број акции со право на глас.
„Постапувајќи согласно член 38 од Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, Реплек АД Скопје објавува дека акционер со над 5% односно компанијата НАСТЕЛ ДООЕЛ, продаде 64 акции, со што поседува вкупно 15.054 акции, односно 5,81% од вкупниот број на акции“, се наведува во соопштението.
И покрај намалувањето на сопственичкиот удел, „Настел“ и натаму останува значаен акционер со над 5%, што му овозможува и понатамошно учество во управувачката структура на компанијата.
Инаку, „Настел“ во минатото важеше за еден од најголемите акционери во „Реплек“, но во последните неколку години компанијата спроведува стратегија на постепено намалување на својот удел, реализирајќи повеќе последователни продажби на акции.
Банки
ТТК Банка исплаќа годишна камата на имателите на корпоративни обврзници од втората емисија
ТТК Банка АД Скопје најави редовна исплата на главницата и годишната камата на имателите на Корпоративната обврзница – втора емисија на обврзници ИСИН MKTTKS200020 и шифра TTKO2.
Исплатата ќе се реализира на 16 февруари 2026 година, при што каматата се пресметува по фиксна каматна стапка од 2,7% на годишно ниво.
Право на исплата ќе имаат сите иматели на обврзницата кои се регистрирани во книгата на иматели во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 13 февруари 2026 година.
Со навремената исплата на обврските, ТТК Банка ја потврдува својата финансиска стабилност и посветеност кон инвеститорите, обезбедувајќи сигурен и предвидлив принос за имателите на нејзините хартии од вредност.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециФатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Комерцијална банка
-
Банкипред 2 месециКомплетиран новиот Управен одбор на НЛБ Банка Скопје: Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст
-
Интервјуапред 2 месециИднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 1 месецСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија вработува Специјалист за плаќања




