Connect with us

Осигурување

Се формира нова компанија за осигурување живот „Прва живот“

Објавено

на

По пауза од шест години на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат 4 милиони евра. Оваа инвестиција е доказ дека актуелниот менаџмент на АСО во соработка со другите финансиски институции активно ја подобрува деловната клима и создава услови за вложувања во осигурителниот бизнис.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) издаде дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“. Оваа  компанија ќе нуди осигурување живот на нашиот осигурителен пазар. Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).

Словенечката групација е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и на Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот.

Во новоформираното осигурително друштво словенечката компанија вложи 4 милиони евра колку што изнесува и основачкиот капитал на „Прва живот“. Средствата се депонирани на посебна девизна сметка на централната банка.

Советот на експерти на АСО на редовната седница го донесе решението за издавање дозвола со која „Прва живот“ ќе врши работи на осигурување во рамките на групата на осигурување на живот во класата 19  – осигурување на живот.

„Прва живот“ ќе започне со работа во рок од шест месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје. За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски.

АСО го задолжи друштвото да назначи овластен актуар во рок од два месеци од уписот на друштвото во трговскиот регистар.

„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер Лајф ВИГ“ и „Уника Лајф“.

Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле над 14 милиони евра во осигурување живот.

На нашиот осигурителен пазар се вложува во три групи производи за осигурување живот. Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.

Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента.  Со него во случај на смрт за времетраење на договорот се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.

Осигурувањето живот во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал.

Осигурување

Халк Осигурување со понуда за професионална одговорност за повеќе дејности

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје ја истакнува важноста на осигурувањето од професионална одговорност како заштита од штети што можат да настанат поради грешки или пропусти при извршување на професионалните обврски.

Од компанијата посочуваат дека вниманието, знаењето и професионалноста се основа на довербата во секоја професија, но и дека целосната посветеност не може секогаш да ја исклучи можноста за ненамерна грешка или пропуст.

Осигурувањето од професионална одговорност е наменето токму за вакви ситуации и обезбедува заштита при штети настанати во текот на совесното и професионално извршување на работните обврски.

Халк Осигурување нуди решенија приспособени за различни професионални дејности, меѓу кои ревизори, сметководители, адвокати, здравствени работници, нотари, проектанти и геодети, како и други професии.

„Професионалноста е ваша одговорност. Сигурноста е наша“, порачуваат од Халк Осигурување.

Продолжи со читање

Осигурување

Осигурувањето расте низ Балканот – каде е Северна Македонија?

Објавено

на

Осигурителниот сектор во земјите од регионот продолжува да расте и во 2026 година. Во Босна и Херцеговина, Косово и Албанија во првите седум месеци се бележи зголемување на бруто-полисираната премија, а регионалните бројки повторно го отвораат прашањето колку е развиен македонскиот осигурителен пазар и колку граѓаните користат животно осигурување.

Во БиХ, осигурителните компании во периодот јануари–јули оствариле бруто-премии од 496,1 милиони конвертибилни марки, односно околу 253,7 милиони евра. Тоа претставува раст од 4,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

Во Косово, пак, премиите во првите седум месеци од годинава пораснале за околу 5 отсто, додека албанскиот осигурителен пазар бележи раст од околу 3 отсто.

Северна Македонија со посилен раст, но пазарот останува доминиран од неживотното осигурување

Последните целосни годишни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување покажуваат дека македонскиот пазар во 2025 година забележал значително повисок раст. Вкупната бруто-полисирана премија достигнала 17,93 милијарди денари, што е раст од 12,31 отсто во споредба со 2024 година.

Премијата по жител, еден од показателите за развиеноста и распространетоста на осигурувањето, во државата во 2025 година изнесувала 9.840 денари, односно приближно 160 евра по жител. Тоа е за 13,18 отсто повеќе од претходната година. Истовремено, учеството на осигурувањето во БДП се зголемило од 1,67 на 1,72 отсто.

Но, структурата на пазарот покажува дека неживотното осигурување и натаму убедливо доминира. Од вкупната премија во 2025 година, 14,74 милијарди денари или 82,21 отсто се однесувале на неживотно осигурување. Животното осигурување учествувало со 17,79 отсто, со премии од 3,19 милијарди денари. Премиите во животното осигурување за една година пораснале за 10,22 отсто.

За споредба, во Албанија животното осигурување во првата половина од 2026 година учествувало со само 9,26 отсто во вкупниот пазар, додека повеќе од 90 отсто од премиите се однесувале на неживотно осигурување. Тоа покажува дека Северна Македонија има поголем удел на животното осигурување од дел од пазарите во регионот, иако и кај нас овој сегмент останува далеку помал од неживотното осигурување.

Регионалните податоци, според тоа, покажуваат дека растот на осигурувањето не е изолиран тренд. Премиите се зголемуваат во повеќе балкански земји, но вистинската разлика меѓу пазарите сè повеќе ќе се мери преку премијата по жител, учеството на осигурувањето во економијата и развојот на животното осигурување.

За Северна Македонија бројките покажуваат солиден раст, но и значителен простор за понатамошно продлабочување на пазарот, особено преку поголемо користење на животното осигурување и доброволните осигурителни производи.

Продолжи со читање

Осигурување

Vienna Insurance Group го прошири работењето во Црна Гора, групацијата е силно присутна и во Северна Македонија

Објавено

на

Vienna Insurance Group (VIG) го прошири своето присуство во Црна Гора со основање на компанијата Wiener Städtische Osiguranje Podgorica a.d. – Vienna Insurance Group, која доби дозвола за работа од Агенцијата за надзор на осигурувањето и официјално започна со работа.

По долгогодишното работење во сегментот на животно осигурување, групацијата сега влегува и на пазарот на неживотно осигурување, со што го продолжува инвестицискиот циклус во земјата.

Основачкиот капитал на новата компанија изнесува пет милиони евра, што е значително над законски пропишаниот минимум од три милиони евра.

Vienna Insurance Group поседува 50,1 отсто од капиталот, додека Wiener Städtische животно осигурување Подгорица и Wiener Städtische осигурување Белград имаат по 24,95 отсто.

Извршниот директор Петар Вујошевиќ изјави дека новата компанија од самиот почеток ќе има силна поддршка од целата групација, преку меѓународно искуство, финансиска стабилност и пренесување на знаење од компаниите во Подгорица и Белград.

Одлуката за новата инвестиција следува по успешното работење на Wiener Städtische во сегментот на животно осигурување во Црна Гора. Според податоците за крајот на вториот квартал од 2026 година, компанијата има околу 48 проценти пазарен удел според бруто-фактурираната премија и е лидер во овој сегмент.

Од компанијата посочуваат дека капиталот од пет милиони евра треба да обезбеди дополнителна финансиска стабилност и простор за инвестиции во продажната мрежа, дигитализацијата, новите производи и подобрување на услугите.

Vienna Insurance Group има значајно присуство и во Македонија, каде што работи во сегментите на животно и неживотно осигурување преку „Винер лајф“ и „Македонија осигурување“. Во јули 2024 година, Winner Non-Life беше споен со „Македонија осигурување“, по што компанијата продолжи да работи под брендот „Македонија осигурување“.

Vienna Insurance Group работи во околу 30 земји во Централна и Источна Европа преку приближно 50 компании, има повеќе од 30.000 вработени и над 33 милиони клиенти. Новата инвестиција во Црна Гора е дел од пошироката стратегија на групацијата за зајакнување на позициите на осигурителните пазари во регионот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange