Банки
Народната банка и централната банка на Германијаја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со г. Бурхард Балц, член на Советот на централната банка на Германија, на која се разговараше за продлабочување на билатералната соработка, со акцент на унапредувањето на институционалните капацитети во клучните области на централнобанкарското работење.
На средбата беше нагласено значењето на постојаната меѓу институционална соработка, особено во делот на размената на експертиза и практики што придонесуваат за градење отпорни институции и приближување до европските регулативи и стандарди. Поддршката којашто Народната банка ја добива од централната банка на Германија е од голема важност во процесот на модернизација и унапредување на експертските и техничките капацитети.
Гувернерот Славески истакна дека Народната банка е целосно посветена на усогласувањето на домашната регулатива и практиките со законодавството на Европската Унија, при што особено важна е соработката со централната банка на Германија.
„Европските перспективи се од големо стратегиско значење за Народната банка, којашто посветено работи на реформски програми и на други стратегиски документи поврзани со интеграцијата во ЕУ. Народната банка постојано се стреми кон навремено воведување на европските стандарди во доменот на финансискиот систем. За овој факт се свесни и релевантните европски институции, коишто ја оценуваат како високо усогласена во подрачјата што се во нејзина надлежност“, посочи гувернерот Славески.

Тој додаде дека Народната банка во изминатите години се профилира како модерна институција со силен капацитет и подготвеност за придружување кон европското семејство. На средбата беше заеднички оценето дека европската регулатива постојано се унапредува, поради што е неопходно следење и применување на најновите регулативни измени и практики.
Во рамките на досегашната соработка, Народната банка и централната банка на Германија остварија бројни активности насочени кон размена на искуства, унапредување на аналитичките алатки и примена на најдобрите меѓународни и европски практики. Покрај обезбедувањето билатерална поддршка, централната банка на Германија е и главен носител на техничката помош од Европскиот систем на централни банки за централните банки од регионот, па во моментов се заокружува втората фаза од оваа помош. Оваа соработка придонесе за натамошно зацврстување на капацитетите на Народната банка, во сите области на работењето.
Балц изрази благодарност за долгогодишната лојална соработка на Народната банка со централната банка на Германија и особено го истакна активниот придонес на Народната банка за напредокот на проектот Западен Балкан во фазата III. Тој нагласи дека регионалната соработка меѓу централните банки и органите за супервизија на банките на Западен Балкан се покажа како ефикасна алатка за усогласување со стандардите на ЕУ и со најдобрите практики на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
Банки
НЛБ Банка со порака до учениците за почетокот на новата учебна година
По повод почетокот на новата учебна година, НЛБ Банка Скопје упати честитка до сите ученици, посакувајќи им успешна година исполнета со нови знаења, предизвици и успеси.
„Нови предизвици, нови знаења и уште една година полна со успеси“, порачаа од Банката.
Оттаму на учениците им посакаа успешен почеток и многу причини за гордост во текот на целата учебна година.

„Среќно!“, се наведува во честитката на НЛБ Банка Скопје.
Банки
Седум години „Среќно прваче“ – Халкбанк со поддршка за најмладите ученици
Повеќе од 2.500 првачиња во четири градови во Македонија годинава добија подароци за успешен почеток на новата учебна година во рамки на иницијативата „Среќно прваче“ на Халкбанк. Станува збор за традиционална активност за општествена одговорност, која банката ја спроведува седма година по ред. Пакетчето содржи училишни материјали и Бонтон за убаво однесување во училиштето и во домот, прилагоден за возраста на учениците од прво одделение. Главната цел на оваа иницијатива е да се поддржи едукацијата на децата уште од најмала возраст.
„Задоволни сме што „Среќно прваче“ прерасна во препознатлива активност на Халкбанк, особено што во изминатите седум години со неа беа опфатени повеќе од 15.000 првачиња. Секоја година се трудиме подароците со училишни материјали да бидат доделени во различни општини и во различни делови на Македонија. Првачињата заслужуваат топло добредојде во училишните клупи и среќни сме што и Халкбанк има можност да придонесе во исполнувањето на оваа цел“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.

Годинава пакет подароци со ликот на слончето Халки, кое е симбол на детското штедење на Халкбанк, добија првачињата во сите основни училишта во Охрид, Кичево, Гевгелија и во дел од скопските општини.
„Нѝ претставува особено задоволство што општина Гевгелија е дел од иницијативата „Среќно прваче“ на Халкбанк, со која на нашите првачиња им посакуваме успешен, исполнет и радосен почеток на нивното образование. Ваквите иницијативи имаат посебна вредност бидејќи покажуваат дека грижата за најмладите е заедничка одговорност на локалната заедница, институциите и општествено одговорните компании“, изјави Андон Сарамандов, градоначалник на Општина Гевгелија.
„Упатувам благодарност до Халкбанк за оваа општествено одговорна иницијатива и за вниманието посветено на децата од нашата општина. Вложувањето во нивното образование и знаење е вложување во иднината на Кичево и на целото наше општество“, рече Александар Јовановски, градоначалник на Општина Кичево.
Покрај „Среќно прваче“, Халкбанк спроведува и поддржува голем број активности наменети за децата и младите, пред сè со фокус на финансиска писменост, заштита на животната средина, социјална инклузија, развој на креативни навики и одговорно родителство.
Банки
ЕЦБ ја отвора вратата за блокчејн: Парите на банката влегуваат во нова дигитална ера
Европската централна банка сè поотворено ја разгледува можноста парите на централните банки да станат дел од токенизираниот финансиски систем, односно директно да функционираат на дигитални платформи базирани на технологија на дистрибуирани регистри – DLT.
Членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, на економскиот симпозиум во Џексон Хол порача дека централните банки треба да ја прифатат оваа технологија и самите да „одат on-chain“, наместо нивните пари да останат надвор од новите дигитални финансиски системи.
Според неа, токенизацијата има потенцијал значително да го промени начинот на кој функционираат финансиските пазари, особено во делот на порамнувањето на трансакциите, управувањето со колатерал и обезбедувањето ликвидност.
Доколку централнобанкарските пари станат директно достапни на ваквите платформи, тие би можеле да функционираат како програмабилен дигитален имот. Со користење паметни договори, одредени финансиски операции би можеле автоматски да се извршуваат кога ќе бидат исполнети однапред утврдени услови, со што би се намалиле рачната обработка и потребата од усогласување податоци меѓу институциите.
Шнабел оцени и дека стабилните криптовалути, односно stablecoin-ите, можат да имаат улога во идниот финансиски систем доколку се добро регулирани, но дека не можат целосно да ги заменат резервите на централните банки.
Како една од главните причини ја посочи способноста на централните банки во периоди на финансиски стрес да обезбедат дополнителна ликвидност и да го стабилизираат системот, што приватните издавачи на stablecoin-и не можат да го направат на ист начин.
Евросистемот веќе работи на инфраструктура за поврзување на постојните финансиски системи со DLT платформите преку проектите „Pontes“ и „Appia“.
„Pontes“ треба да ги поврзе постојните TARGET услуги на Евросистемот со DLT платформите, додека „Appia“ има подолгорочна цел – да испита како би можела да изгледа целосната архитектура на токенизираните финансиски пазари во Европа.
Меѓу опциите што се разгледуваат е и заедничка европска инфраструктура во која би можеле истовремено да функционираат централнобанкарските пари, парите на комерцијалните банки и различни видови финансиски средства.
Од ЕЦБ посочуваат дека токенизацијата може да донесе побрзо порамнување на трансакциите, пониски оперативни трошоци и поголема автоматизација, особено кај прекуграничните плаќања и управувањето со колатерал.
Сепак, новата технологија отвора и прашања поврзани со безбедноста, управувањето, интероперабилноста и концентрацијата на ризици.
Конечниот европски модел сè уште не е утврден, но пораката од ЕЦБ е дека централните банки не сакаат да останат само набљудувачи доколку финансиските пазари постепено се преселат на токенизирани и програмабилни платформи.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 1 месецДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 4 неделиПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Советипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Вториот столб е лична заштеда за посигурна пензија
-
Кариерапред 1 месецАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес





