Uncategorized
Оглас за вработување на Директор на сектор деловна мрежа во Штедилница Можности
Штедилница Можности, регулирана финансиска институција со лиценца од Народна банка на РС Македонија, објавува повик за пријавување на квалификувани и мотивирани кандидати за позиција
ДИРЕКТОР НА СЕКТОР ДЕЛОВНА МРЕЖА
Директорот на сектор деловна мрежа е лице со посебни права и одговорности согласно Законот за банки и Изјавата за основање на штедилницата. Делокругот на работа, потребните квалификации и вештини за огласената позиција вклучуваат:
Опис на работните задачи, одговорности и овластувања:
- Одговорен/а е да раководи со деловните процеси во сектор деловна мрежа – мрежата на експозитури и службите во рамки на секторот, согласно поставените краткорочни и долгорочни цели,
- Ја организира и координира работата на секторот, спроведува надзор и дава насоки и упатства за вработените со цел квалитетно и навремено извршување и постигнување на поставените цели,
- Одговорен/а е за одржување и унапредување на продажбата на продуктите на штедилницата,
- Го управува кредитното и штедното портфолио на штедилница согласно кредитните и штедните политики дефинирани согласно законската регулатива и зададените стратешки цели на штедилницата,
- Конципира системи за продукција и одржување на исплатливи кредитни и штедни продукти и креира и одржува продажно ориентирана култура на вработените и градење на долгорочни и квалитетни релации со клиентите,
- Го следи, контролира и оценува работењето на вработените во секторот и предлага мерки за подобрување,
- Ги следи, имплементира и работи согласно позитивните законски прописи и Законот за банки,
- Одговорен/а е за усогласеност на внатрешните процеси, практики и документација во секторот со законската регулатива и законот за банки,
- Учествува во работни групи и одбори со останатите членови на раководниот тим со цел квалитетно имплементирање и реализација на стратешките цели.
Потребни квалификации:
- Високо образование од областа на економските или други комплементарни науки,
- Најмалку 5 години работно искуство во банка, штедилница, финансиска институција и/или слична дејност, од кои најмалку 2 години искуство во раководење и развој на процеси и луѓе во делот на кредитирање, развој на финансиски продукти и продажба,
- Одлично познавање на Законот за банки, добро познавање на економските текови и практично разбирање за финансиските пазари,
- Исклучителни организациски, менаџерски и лидерски способности,
- Одлично познавање на пишан и говорен англиски јазик.
Препорачани вештини и квалитети:
- Претприемачки дух,
- Способност за деловно расудување,
- Лидерство и мотивираност,
- Посветеност на мисијата и визијата,
- Личен и професионален интегритет,
- Способност за градење релации,
- Способност за носење одлуки преку соработка,
- Ефективно комуницирање,
- Агилност и адаптибилност,
- Разбирање и вреднување на различноста.
Од кандидатите кои ги имаат потребните квалификации и поседуваат поголем дел од препорачаните вештини и квалитети, се очекува да приложат:
-
- Биографија (најмногу 500 зборови)
- Мотивациско писмо (најмногу 300 зборови)
Потребните документи треба да се достават најдоцна до 31 јануари 2023 година на адресата: [email protected] со назнака “Директор на деловна мрежа”.
Од кандидатите кои ќе влезат во потесен избор ќе се побара да приложат визија за континуитет и развој на деловниот сектор на штедилницата (најмногу 2000 зборови), со вклучени:
-
- Ситуациона анализа на секторот,
- Сопствено разбирање на кредитната политика на Штедилница Можности,
- Потребни ресурси и начин за нивно обезбедување.
За подготовка на визијата, на кандидатите им се достапни информации и документи на Штедилница Можности, достапни на веб адресата: www.moznosti.com.mk, вклучувајќи:
-
- Извештаи и податоци на Штедилница Можности со 30.06.2022 година,
- IFRS ревизорски извештај на Штедилница Можности за 2021 година.
Селекцијата на кандидатите ќе се изврши преку постапка која ќе вклучи оценка на поднесените документи и презентација на визијата, со последователни прашања.
За резултатите од оценката на поднесените документи ќе бидат известени само кандидатите селектирани за понатамошниот тек на постапката.
Uncategorized
ЦКБ со умерен раст и зголемена претпазливост оствари добивка од 13,6 милиони денари во 2025 година
Централна кооперативна банка АД Скопје ја заврши 2025 година со добивка од 13,64 милиони денари, остварена во четвртото тримесечје, во услови на сложено макроекономско опкружување, растечка инфлација и зголемени каматни стапки. Банката работеше во средина на стабилен раст на потрошувачката и инфраструктурни инвестиции, но и под влијание на геополитички ризици и рестриктивна монетарна политика.
Силен раст на билансот и солидна кредитна активност
Во текот на 2025 година, вкупната актива и пасива пораснаа за 17%, со што е остварување од 108% од деловниот план. Кредитите и побарувањата од комитенти бележат раст од 5%, при што планот е исполнет со 97%, а најголем дел од растот произлегува од кредитирање на физички лица.
Паричните средства и паричните еквиваленти се зголемени за 17%, додека вложувањата во хартии од вредност бележат значително повисоко ниво и се 46% над планираното, што укажува на повисока ликвидносна заштита и конзервативен пристап во управувањето со средствата.
Раст на депозитите, но и на каматните расходи
Депозитната база на Банката е зголемена за 20% во однос на крајот на 2024 година и за 10% над планот, како резултат на зголемените каматни стапки на депозитите. Овој тренд директно се одрази и врз трошоците, оттука расходите за камати се повисоки за 15% на годишно ниво и за 9% над планираното.
И покрај тоа, Банката оствари раст на вкупните приходи од камати од 9%, а нето-каматниот приход е зголемен за 6%, што укажува на релативно успешно менаџирање на каматниот маргин во услови на силна конкуренција.
Провизии, трошоци и влијание на МСФИ 16
Приходите од провизии бележат годишен раст од 7%, но остануваат 6% под планот, додека нето-приходите од провизии се зголемени симболично за 1%. Трошоците за вработени се повисоки за 12%, во линија со планираното, а останатите оперативни расходи се зголемени за 8%.
Значителен раст е забележан кај расходите за амортизација (+69%), како резултат на примената на МСФИ 16, што влијаеше и врз растот на недвижностите и опремата од 25% на годишно ниво.
Зголемени резервации и судски ефект
Во текот на 2025 година, Банката издвои 10,67 милиони денари нето резервации за кредитен ризик, што претставува зголемување од 5,21 милиони денари во однос на претходната година. Дополнително, еден судски спор имал материјално значајно негативно влијание врз финансискиот резултат.
Без дивиденда и фокус на стабилност
ЦКБ во 2025 година не исплати дивиденда, задржувајќи конзервативна политика на капитал и ликвидност. Во делот на задолжувањата, Банката користела кредитна линија од Развојната банка на СМ во износ од 27,5 милиони денари.
Очекувања: претпазлив оптимизам и фокус на квалитет
За наредниот период, ЦКБ очекува постепена стабилизација на макроекономските услови и внимателно олеснување на монетарната политика. Банката најавува задржување на високата претпазливост при кредитирањето, фокус на квалитетот на портфолиото, модернизација на технолошката платформа и зајакнување на клиентското искуство.
Uncategorized
Стопанска банка овозможи дигитално ажурирање на лични податоци преку OneID
Стопанска банка АД – Скопје им овозможува на своите клиенти кои поседуваат дигитална електронска идентификација OneID да ги ажурираат своите лични податоци во Банката лесно, брзо и безбедно, во секое време и без посета на филијала.
Постапката е едноставна: започнува со посета на веб-страницата https://id.stb.com.mk/ и паралелно користење на мобилната апликација OneID. Со оваа нова дигитална услуга, Банката им овозможува едноставен и удобен начин на клиентите да ја исполнат нивната законска обврска за ажурирање на личните податоци.
„Флексибилноста и зголемената достапност на нашите производи и услуги се императив за новите функционалности кои ги развиваме и планираме за претстојниот период“ – истакнуваат од Стопанска банка АД – Скопје.
Повеќе информации за сервисот можете да најдете на следниот линк. Банката подготви и видео упатство за користење на оваа нова услуга.
Uncategorized
Стабилен банкарски систем и рекордно ниски ризици – Народната банка го усвои извештајот за вториот квартал од 2025
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.
Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%.
Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.
Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.
Советот на Народната банка ја усвои рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење.
Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба.
-
Продуктипред 2 месециХалки картичка за деца – прва платежна картичка за деца на македонскиот пазар
-
Интервјуапред 2 месециFinSight со Слободан Трендафилов (ССМ): Што ако минималната плата не се зголеми до Нова година?
-
Интервјуапред 2 месециСлавески за FinSight: Пониски провизии и повеќе бесплатни услуги за граѓаните од следната година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја трансформира својата продажна мрежа подготвувајќи ја за иднината – во 2025 обновени осум експозитури на Банката
-
Продуктипред 1 месецАЛТА Банка со нов потрошувачки кредит со најповолни услови на македонскиот пазар
-
Банкипред 2 месециГувернерот Славески: Во 2026 година се очекува забрзување на економскиот раст, со зачувување на ценовната и на стабилноста на девизниот курс
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка со предвремена исплата на пензии
-
Банкипред 2 месециГолема празнична кампања на НЛБ Банка проследена со донација




