Connect with us

Банки

НЛБ Банка им оддаде признание на спортистите од Специјална олимпијада на Македонија

Објавено

на

Во чест да ги прослави медалите на  специјалните олимпијци, денеска НЛБ Банка организираше заедничко дружење со тимот на Специјална олимпијада-Македонија кој од неодамна одржаните Светски специјални олимписки игри во Берлин се врати со пет освоени медали, потврдувајќи дека кога се има силна воља и посветеност не постојат граници.

“За нас, секој еден член, претставник од нашата Специјална олимпијада – Македонија е победник. Заедно покажавме како со посветеност, вложен труд и многу работа резултатите се загарантирани. Освоивме пет медали, но уште поважно – ги освоивме срцата на присутните во Берлин, а верувам и во Македонија. Навистина се гордееме со сите наши атлети, партнери, помагатели и директни учесници на Специјалната олимпијада во Берлин. Честитки и до тренерите кои беа во секој миг до нашите атлети, поддржувајќи ги неуморно. Но, ниту еден успех не е лесен и секогаш е потешко да се направи нешто сам, а полесно е кога се има поддршка, некој кој безусловно верува во тебе и кој несебично те поддржува. Огромна благодарност до  НЛБ Банка, без нивната безрезервна поддршка годинава немаше да ни се случи Светската Специјална Олимпијада. Тие години наназад стојат зад нас, потврдувајќи ја својата општествена одговорност, посветеноста кон инклузивно општество и еднакви можности за сите“ – изјави Моника Бошкоска, Претседател на Специјална олимпијада – Македонија.

Спортот може да има трансформативно влијание врз сите поединци, а компаниите со својата поддршка можат да бидат инспирација за градење значајни општествени вредности. Она што ја издвојува НЛБ е токму вклученоста на Банката во иницијативи што промовираат вредности, беше истакнато на настанот.

„Среќни сме за нашите олимпијци кои успеаа годинава да го дадат максимумот за време на натпреварувањата во Берлин и со петте освоени медали ја докажаа силната посветеност и мотив да се надминат бариерите и да се прошират спортските капацитети и вештини. Тие покажаа дека можат да се носат рамо до рамо со најголемите светски спортски сили и да ја позиционираат својата земја на мапата на светската спортска сцена. Нè направивте горди и ја претставивте Македонија во најдобро можно светло. Ви благодариме за ентузијазмот и успесите! Ја делиме со вас страста за спортот, кој за нас претставува универзален јазик кој ги надминува културните, јазичните и физичките бариери. Вие навистина сте наша инспирација.“ – изјави Бранко Грегановиќ, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка и додаде дека е вистинска чест и привилегија да се биде поддржувач на организација со ваква благородна мисија.

Инаку годинава, на Светските специјални олимписки игри македонската делегација ја преставуваа 13 атлети. Од настапите во пет дисциплини: кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг македонските репрезентативци освоија вкупно пет медали – еден златен, два сребрени и два бронзени медали.

Банки

Нефункционалните кредити се намалија на 1,97%: Банките го подобруваат квалитетот на кредитното портфолио

Објавено

на

Квалитетот на кредитното портфолио на македонските банки останува на релативно високо ниво, покажуваат податоците за второто тримесечје од 2026 година, објавени во статистичкиот преглед на Македонската банкарска асоцијација.

Стапката на нефункционални кредити на крајот од јуни 2026 година изнесувала 1,97%, во споредба со 2,45% во истиот период минатата година. Намалувањето од 0,48 процентни поени покажува подобрување на квалитетот на кредитното портфолио во услови на зголемена кредитна активност.

Во истиот период, вкупните кредити на банкарскиот систем се зголемиле од 524,19 милијарди на 592,19 милијарди денари, што претставува раст од приближно 13%.

Оваа комбинација е важна бидејќи банките успеале да го зголемат обемот на кредитирањето, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупното портфолио се намалило.

Сепак, намалувањето на процентуалното учество на нефункционалните кредити не мора автоматски да значи еднакво намалување на нивната апсолутна вредност. За подетална оценка потребно е да се следат и износите на проблематичните побарувања, исправките на вредноста, реструктурираните кредити и секторската концентрација на ризиците.

Дополнителен позитивен показател претставува капиталната позиција на банкарскиот систем, со адекватност на капиталот од 19,52% на крајот од второто тримесечје.

За следниот период, особено важно ќе биде дали кредитната експанзија ќе продолжи без значително влошување на квалитетот на новоодобрените кредити.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Банки

Рајфајзен банка пласираше обврзници вредни 141 милион евра на Берзата во Букурешт

Објавено

на

Рајфајзен банка Романија (Raiffeisen Bank Romania) котираше нова емисија корпоративни обврзници во вредност од 750 милиони романски леи, односно околу 141 милион евра, на регулираниот пазар на Букурешката берза (BVB). Станува збор за десеттата емисија обврзници на банката што се тргува на романскиот пазар на капитал.

Новата емисија, која од 16 октомври е достапна за тргување под берзанскиот симбол RBRO33, опфаќа вкупно 1.250 обврзници, со номинална вредност од 600.000 леи по обврзница.

Според податоците објавени од Букурешката берза, обврзниците носат фиксна каматна стапка од 7,538 проценти до 2032 година, по што каматата ќе стане променлива и ќе се пресметува врз основа на тримесечната референтна стапка ROBOR, зголемена за 0,85 процентни поени.

Средствата се обезбедени преку институционални инвеститори

Емисијата беше реализирана на 13 август годинава и беше наменета за институционални инвеститори, како дел од стратегијата на банката за зајакнување на капиталната позиција и диверзификација на изворите на финансирање.

Обврзниците се од категоријата приоритетни необезбедени должнички инструменти и се подобни за исполнување на регулаторните барања за минимално ниво на сопствени средства и прифатливи обврски на кредитните институции.

Десетта емисија обврзници на романскиот пазар

Со новото котирање, Рајфајзен банка продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за долгорочно финансирање.

Емисијата е дел од меѓународната програма за финансирање EMTN (Euro Medium Term Notes), која овозможува прибирање средства преку издавање среднорочни должнички хартии од вредност.

Рајфајзен банка е меѓу позначајните банкарски институции во Романија, со приближно 2,4 милиони клиенти од редот на физичките и правните лица. Банката е активна и во финансирањето одржливи проекти и во развојот на пазарот на зелени финансиски инструменти.

Новата емисија претставува дополнително проширување на понудата на корпоративни обврзници на Букурешката берза и ја потврдува улогата на пазарот на капитал како алтернативен канал за финансирање на банкарскиот сектор во Романија.

Продолжи со читање

Банки

Славески: Западен Балкан мора да го промени моделот на економски раст за побрзо приближување кон ЕУ

Објавено

на

Зголемувањето на продуктивноста, инвестициите во нови технологии и развојот на човечкиот капитал се клучни за забрзување на економскиот раст и приближување на земјите од Западен Балкан кон животниот стандард во Европската Унија. Ова го порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на настан организиран во рамките на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Бангкок.

Говорејќи на настанот посветен на Регионалниот економски преглед за Европа, Славески нагласи дека постојниот економски модел во регионот, кој во голема мера се потпира на евтина работна сила и акумулација на капитал, повеќе не е доволен за постигнување повисоки стапки на раст.

Според него, неопходно е економиите да се насочат кон создавање производи и услуги со поголема додадена вредност, воведување современи технологии и поттикнување на иновациите.

„Забрзувањето на економската конвергенција не може да се потпира само врз капиталот и зголемувањето на вработеноста, туку бара сеопфатен реформски план насочен кон повисока продуктивност“, истакна гувернерот.

Тој посочи дека реформите треба да опфатат зајакнување на институциите и владеењето на правото, подобрување на деловниот амбиент, модернизација на пазарот на трудот, како и поголеми вложувања во образованието, истражувањето и дигитализацијата.

Продуктивноста во регионот е двојно пониска од европската

Еден од најголемите предизвици за економиите од Западен Балкан останува ниската продуктивност, која, според податоците што ги презентираше Славески, достигнува приближно половина од просекот во Европската Унија.

Ваквата состојба го ограничува потенцијалот за побрз економски развој и намалување на разликите во животниот стандард.

Гувернерот оцени дека значителен простор за напредок постои преку поголема примена на дигитални решенија, нови технологии и иновации, но и преку подобра соработка меѓу приватниот сектор, образовните институции и научноистражувачките центри.

Посебно внимание беше посветено и на странските директни инвестиции. Иако земјите од регионот успеваат да привлечат значителен странски капитал, според Славески, потребно е инвестициите повеќе да се насочуваат кон дејности што создаваат повисока вредност и овозможуваат поголемо вклучување на домашните компании во меѓународните производствени синџири.

Иселувањето и недостигот од квалификувани работници го ограничуваат растот

Покрај продуктивноста и инвестициите, како сериозна пречка за долгорочниот економски развој беа посочени и демографските движења.

Иселувањето на населението, недостигот од квалификувана работна сила и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на компаниите го намалуваат развојниот потенцијал на регионот.

Дополнителен предизвик претставуваат ниското учество на жените на пазарот на трудот и високата невработеност кај младите, што укажува на значителни неискористени човечки ресурси.

Славески нагласи дека поблиската економска интеграција со Европската Унија може да придонесе за надминување на дел од овие ограничувања.

„Подлабоката интеграција со европскиот пазар може да им овозможи на компаниите да го прошират работењето, да ја зголемат специјализацијата, да привлечат инвестиции и да се вклучат во посложени синџири на вредност“, рече гувернерот.

Тој додаде дека Планот за раст на ЕУ и постепеното вклучување на земјите од Западен Балкан во единствениот европски пазар можат да имаат важна улога во забрзувањето на економската конвергенција.

Инфлацијата изнесува 2,6 отсто, но ризиците остануваат

Во своето обраќање, Славески се осврна и на монетарната политика и мерките што Народната банка ги презеде за справување со инфлациските притисоци и енергетските шокови.

Тој посочи дека комбинацијата од монетарни и макропрудентни мерки, заедно со измените во задолжителната резерва, придонела за стабилизирање на девизниот пазар и забавување на инфлацијата.

Според информациите изнесени од гувернерот, инфлацијата во моментов изнесува 2,6 отсто.

Сепак, предупреди дека глобалната економска неизвесност и можноста од нови надворешни шокови бараат претпазливо водење на монетарната политика.

Во таа насока, Народната банка ќе продолжи да ги следи економските показатели и да ги темели своите одлуки врз расположливите податоци и анализи, со цел зачувување на ценовната и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange