Банки
Одржана седница на Комитетот за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е зачувана
Финансиската стабилност е задржана, а финансискиот систем и натаму покажува добра отпорност и способност за справување со предизвиците. Овие оцени беа дадени на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, одржана во Народната банка, на која присуствуваа Трајко Славески, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Ремзи Бајрами, претседател на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Ели Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Макроекономскиот амбиент е поповолен, но и натаму е неизвесен. Трговската неизвесност, геополитичките тензии, нарушувањата во синџирите на снабдување и непредвидливоста во политиките создаваат зголемени ризици за светската економија, а посредно и за домашната економија. Како мала и отворена економија, земјава е чувствителна на надворешни шокови. Сепак, ефектите од овие ризици засега се оценуваат како ограничени, а отпорноста на финансискиот систем на шокови е значително зајакната.
Во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор ја задржа стабилноста и непречено го извршуваше финансиското посредување. Банките работеа во постабилен амбиент, но и натаму имаше неизвесност поврзана со трговските бариери и светските политики. Во овој период е забележана поголема кредитна и депозитна активност, проследено со натамошно намалување на евроизираноста на билансите на банките.
„Банкарскиот сектор располага со солидна солвентност, којашто достигнува највисоки нивоа од 2006 година, како и со задоволителна ликвидност. Квалитетот на кредитното портфолио и натаму е солиден, при што нефункционалните кредити се намалени на историски најниските 2,3%, а не се очекува влошување на портфолиото од реструктурирани и пролонгирани кредити, коишто се мали по обем и уште се намалуваат. Профитабилноста на банките сѐ уште е добра и претставува значаен извор за натамошно зголемување на нивниот капитал, иако е благо пониска во однос на претходниот период. Макропрудентните мерки на Народната банка и натаму имаат значителен придонес за јакнењето на солвентноста и отпорноста на банкарскиот сектор на потенцијални шокови“, посочи гувернерот д-р Трајко Славески.
„Одржувањето на стабилноста на финансискиот систем во целина е особено значаен за остварување на економските политики што ги спроведува Владата и Министерството за финансии. За таа цел, се преземаат мерки и активности за подобрување на законската регулатива, вклучително и за финансиските друштва и друштвата за лизинг со цел да се олесни пристапот за финансирање и заштита на потрошувачите“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Комисијата за хартии од вредност постојано го зајакнува регулаторниот и надзорниот пристап кон пазарот на капитал, каде што вкупната пазарна капитализација на акциите и обврзниците на 30.11.2025 година изнесуваше 378,5 милијарди денари, а индексот МБИ-10 бележи раст од речиси 12% на годишно ниво. Истовремено, нето-вредноста на средствата на инвестициските фондови на 30.11.2025 година достигна 28,5 милијарди денари, што претставува зголемување од 47% во однос на минатата година. Во услови на зголемена дигитална зависност на финансиските институции, Комисијата за хартии од вредност и во иднина ќе биде посветена на унапредување на дигиталната отпорност на критичната пазарна инфраструктура, како предуслов за долгорочен интегритет и напредок на пазарот на капитал и на финансискиот систем во целина“, истакна претседателката на КХВ, м-р Бујаре Абази.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека во услови на зголемена неизвесност на светските финансиски пазари и постепена нормализација на монетарните политики, капитално финансираното пензиско осигурување и натаму има значајна улога во зачувувањето на финансиската стабилност преку долгорочно и претпазливо инвестирање, претежна изложеност во домашни државни хартии од вредност и соодветна географска и секторска диверзификација. Истовремено, надлежните институции преку координиран надзор и размена на информации внимателно ги следат ризиците поврзани со движењата на каматните стапки, инфлацијата и ликвидноста, заради навремено ублажување на потенцијалните системски ризици. Оттука, се работи на воведување на концептот на мултифондови, како структурна реформа што ќе овозможи поусогласено управување со инвестициските ризици според животниот циклус на членовите, зголемување на долгорочните приноси и дополнително зајакнување на отпорноста и стабилноста на пензискиот систем.
Во своето излагање, Дракуловска, претседателка на Советот на експерти на АСО, заклучи дека осигурителниот пазар во сегментите неживот и живот во 2025 година го обезбедува континуитетот на растот. За првите девет месеци годинава, вложувањата во осигурувањето достигнале ниво од 13,80 милијарди денари (223,77 милиони евра), што претставува зголемување од 13,3 отсто во споредба истиот период од 2024 година. Во истиот период друштвата за осигурување исплатиле бруто-износ на штети од 4,82 милијарди денари, што во споредба со истиот период лани претставува зголемување од 11,4%. Во делот на легислативата и приближувањето кон стандардите на ЕУ, Дракуловска рече дека АСО и Министерството за финансии ќе ги завршат активностите поврзани со изготвувањето на новиот Закон за осигурувањето. Воедно, АСО започна со подготовката за спроведување на светскиот стандард за финансиско известување МСФИ 17. Во делот на супервизијата, АСО ќе се стави поголем акцент на зајакнувањето на супервизорските капацитети и постепено воведување супервизија заснована на ризиците.
Комитетот ја нагласи потребата од натамошно внимателно следење и претпазливо управување со ризиците од страна на финансиските институции, како и при водењето на економските и финансиските политики, како поддршка за одржувањето на финансиската стабилност и во наредниот период.
Банки
Стопанска банка: Apple Pay овозможува безбедно плаќање со СТБ картичките
Стопанска банка АД – Скопје информира дека Apple Pay е безбеден начин за плаќање со СТБ картичките, со само еден допир или поглед, онлајн и во апликација.
Од банката посочуваат дека со користењето на Apple Pay се избегнува внесување на лични информации при плаќање, вклучувајќи го бројот на картичката или безбедносниот код.
Услугата е наменета за побрзо и поедноставно плаќање, со дополнителна заштита на податоците на корисниците.
Банки
Со картичките на АЛТА Банка 20 отсто попуст во SushiCo, SushiCo ZEN и Salvatore
Корисниците на платежните картички на АЛТА Банка (СТББТ) можат да остварат 20 отсто попуст во рестораните SushiCo, SushiCo ZEN и Salvatore.
Од банката информираат дека понудата е дел од програмата за поволности наменета за клиентите кои плаќаат со нивните картички, овозможувајќи им заштеда при користење на угостителските услуги во овие ресторани.
„Резервирајте вечера во добра атмосфера и уживајте во одлична заштеда. Со платежните картички на ALTA Банка (СТББТ), добивате 20% попуст во SushiCo, SushiCo ZEN и Salvatore“, соопштија од банката.
Од АЛТА Банка додаваат дека секое уживање е уште подобро кога е проследено со дополнителна заштеда за клиентите.
Банки
Комерцијална банка: Плаќање сметки без провизија и без чекање на дигиталните киосци
Граѓаните можат брзо и едноставно да ги плаќаат сметките за струја, интернет и телефон преку дигиталните киосци на Комерцијална банка, без провизија и без чекање на шалтер.
Од Банката информираат дека на киосците може да се изврши плаќање кон ЕВН, ЕСМ Снабдување, Телеком, А1 и Телекабел со картичка од која било банка. Дополнително, корисниците на Интернет банка имаат можност бесплатно да испечатат извод од платежна сметка.

За полесно користење на услугата, до крајот на јуни во повеќе филијали и експозитури во Скопје ќе бидат присутни асистенти кои ќе им помагаат на клиентите при реализирање на плаќањата и запознавање со придобивките од дигиталните киосци.
Од Комерцијална банка посочуваат дека плаќањето сметки преку дигиталните киосци е достапно 24 часа дневно, седум дена во неделата, што им овозможува на граѓаните да ги завршат своите обврски и во денови кога останатите услуги не работат.
Локациите на дигиталните киосци се достапни на веб-страницата на Комерцијална банка.
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Банкипред 2 месециНова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 1 месецДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари


