Осигурување
Над 305.000 граѓани имаат животно осигурување, вложиле 37 милиони евра
Вложувањата во осигурување живот пораснале за 14 отсто во 2022 година, а најголемо учество во нив имаат инвестициите во животно осигурување со штедна компонента кои изнесуваат 20,1 милиони евра. Истовремено вкупните исплати на осигурителите кон осигурениците пораснале за 18,5 отсто, изнесуваат 14,5 милиони евра и вклучуваат: доживување, прекин на осигурување или смрт на осигуреник. Петте друштва за осигурување живот се солидно капитализирани и минатата година ја завршија со вкупна актива вредна 187 милиони евра.
Вложувањата во осигурување живот надминаа 2,27 милијарди денари (37 мил.евра). Овој сегмент на осигурителниот пазар лани пораснал за 14 отсто во споредба со претходната 2021 година, покажуваат официјалните податоци што ги доставиле петте компании за осигурување живот до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Заклучно со крајот на 2022 година во земјава животно осигурување имале 305.322 лица што е за речиси 45.000 лица односно 17 отсто повеќе во споредба со претходната година. Во истиот период бројот на активни договори надминал 171.000 и е зголемен за 7 отсто.
Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Вкупно во 2022 година во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 1,236 милијарди денари (20,1 мил.евра)
Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента. Со него во случај на смрт, за времетраење на договорот, се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Вложувањата во ова осигурување лани достигнале 547 милиони денари (8,9 мил.евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од претходната година. Бројот на лица кои го имаат ова осигурување надмина 243.000 што е 22 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
Една од двете клучни причини за раст на продажбата за ризико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити кои ги имаат осигурениците.
Другиот катализатор на растот на бројот осигуреници кои имаат животно осигурување е мерката со која АСО им укажа на друштвата за неживотно осигурување дека не смеат да преземаат во осигурување ризик од смрт поради болест во рамки на понудата на осигурувања од последици на несреќен случај (незгода).
Осигурувањето во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во 2022 година над 13.600 осигуреници во овој продукт вложиле 494 милиони денари (8 мил.евра).
Животно осигурување продаваат пет осигурителни компании. Во продажбата на полиси лани „Кроација осигурување“ учествува со 31,7 отсто, „Граве“ со 22,1 отсто, „Винер лајф“ со 17,6 отсто, „Триглав осигурување – живот“ со 16,1 отсто и „Уника лајф„ со 12,5 отсто.
Компаниите за осигурување живот во 2022 годинава на осигурениците им исплатиле вкупно 705,2 милиони денари ( 11,5 мил.евра) односно 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.
Петте друштва за осигурување живот имаат силно влијание на одржување на финансиската стабилност на осигурителниот пазар. Вкупната актива на овие компании на крај на минатата година изнесува 11,5 милијарди денари (187 мил.евра) што претставува 38 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании.
АСО во рамки на своите надлежности се грижи да обезбеди проверка на усогласеноста на применетите деловни политики на вреднување на обврските, како и видовите на вложувања и вреднувањето на средствата на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување во континуитет се усогласени со овие законски барања.
Средствата од техничките резерви и од капиталот на друштвата за осигурување на живот се вложени во сигурни пласмани, со многу низок ризик од загуби и со солидни приноси.
Друштвата за осигурување на живот се солидно капитализирани, средствата од капиталот се од најквалитетни категории на извори на основен капитал, овозможувајќи им добра заштита од неизвесности и неочекувани ризици по континуитетот во работењето.
Бизнис
Триглав ќе дели бруто дивиденда од 3 евра по акција
Управниот одбор и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав предлагаат распределба на дивиденда во износ од 68,2 милиони евра, што е за 7% повеќе од минатата година.
Управниот одбор и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното Годишно собрание на акционери, ќе предложат исплата на дивиденда од 3,00 евра бруто по акција, односно вкупно 68,2 милиони евра. Предложената дивиденда е во согласност со дивидендната политика на Друштвото и претставува распределба на 50% од нето-добивката на Групацијата Триглав за 2025 година.
Се очекува известувањето за свикување на овогодинешното Годишно собрание на акционери на Заваровалница Триглав да биде објавено на 23-ти април 2026 година, а Годишнто собрание е закажано да се одржи на 2-ри јуни 2026 година.
Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Наша цел е да обезбедиме акцијата на Триглав да остане стабилна, профитабилна и сигурна инвестиција што ги исполнува очекувањата на акционерите, вклучително и преку нејзиниот дивиденден принос. Оваа година, предложивме распределба на дивиденда во износ еднаков на половина од минатогодишната консолидирана нето-добивка, што е во согласност со дивидендната политика. Во моментов, тоа претставува приближен дивиденден принос од 4,8% на акцијата ZVTG, што е над просекот за европските осигурители. Овој предлог, на избалансиран начин ги зема предвид сите цели на дивидендната политика, вклучително и остварувањето на високите амбиции во однос на развојот и растот на Групацијата Триглав во стратешкиот период. Истовремено, ќе продолжиме да обезбедуваме капиталната адекватност на Групацијата Триглав да остане во рамки на целниот опсег на среден рок, бидејќи таа претставува основа за успешно работење и сигурност на нашите клиенти. Сметаме дека предложената дивиденда овозможува развој на Групацијата Триглав во посакуваната насока, а притоа продолжува да ги исполнува очекувањата на акционерите.“
Предлогот на Управниот одбор и на Надзорниот одбор во однос на овогодинешната дивиденда е во согласност со дивидендната политика и политиката за управување со капиталот на Групацијата Триглав. Тој ѝ овозможува на Заваровалница Триглав да одржува соодветно ниво на капитал потребно за обезбедување на целната среднорочна капитална адекватност, паралелно со континуиран раст на работењето. Воедно, настојува да ги исполни очекувањата на акционерите што произлегуваат од дивидендната политика, остварените деловни резултати и деловниот развој на Заваровалница Триглав. Доколку капиталните барања на Заваровалница Триглав се зголемат во иднина, ќе се постапува во согласност со усвоената политика за управување со капиталот.
Надзорниот одбор го одобри ревидираниот Годишен извештај на Групацијата Триглав и на Заваровалница Триглав за 2025 година, кој, во согласност со финансискиот календар, ќе биде објавен во понеделник, 30-ти март 2026 година. Се очекува Друштвото на 23-ти април 2026 година да го објави свикувањето на редовното Годишното собрание на акционери, кое е закажано да се одржи на 2-ри јуни 2026 година.
Осигурување
Black Friday понуда на Croatia Осигурување: 70% попуст за годишно патничко осигурување
Croatia Осигурување објави промотивна Black Friday акција со која нуди 70 проценти попуст на годишно патничко осигурување, достапно до 31 март 2026 година.
Според компанијата, осигурувањето опфаќа покриеност до 120 дена во текот на годината и е наменето за сите кои сакаат сигурност при патување, без разлика на дестинацијата.
Понудата вклучува брза и едноставна онлајн регистрација, како и целосна заштита од непредвидени ситуации кои можат да ги нарушат патувањата. Од компанијата посочуваат дека ваквиот тип осигурување овозможува поголема сигурност и мир за корисниците при нивните патувања.
Акцијата важи исклучиво за пријави направени онлајн преку официјалната платформа на Croatia Осигурување.
Осигурување
Еуролинк осигурување со промотивна понуда за „Бизнис Комплет“ со 40% попуст
Еуролинк осигурување ја претстави својата понуда „Бизнис Комплет“, наменета за компании кои инвестираат во развој и сакаат дополнителна сигурност за својот бизнис.
Од компанијата порачуваат дека растот на бизнисот подразбира вложувања во нова опрема, простор и идеи, но и потреба од заштита на тие инвестиции. Токму затоа, пакетот „Бизнис Комплет“ нуди решение за осигурување кое овозможува стабилност и сигурност во деловното работење.
Во рамки на актуелната кампања, која трае до крајот на март, клиентите можат да искористат 40% попуст на премијата за првата година, доколку склучат договор на период од три години.
Заинтересираните компании можат да побараат понуда преку телефонскиот број 02/15888 или преку веб-страницата на Еуролинк осигурување.
Од компанијата нагласуваат дека целта на оваа понуда е да им овозможи на претпријатијата да инвестираат послободно и посигурно, знаејќи дека нивниот бизнис е заштитен.
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Анализипред 2 месециПрофитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?
-
Продуктипред 2 месециГрупацијата Иуте го лансираше Iute Affinity – за целосно дигитални осигурителни решенија
-
Берзапред 2 месециНеколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство
-
Бизниспред 2 месециПлатите во јавната администрација наскоро повисоки – Владата го прифати барањето на УПОЗ!



