Анализи
МАКЕДОНИЈА НАПРЕДУВА – Додека некои европски земји тонат во инфлација, ние растеме!

Според најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), 2026 година ќе донесе различни инфлациски сценарија за европските земји, при што се очекува значајна дисперзија во движењата на цените меѓу економиите. Додека одредени држави успешно ја ставаат инфлацијата под контрола, други продолжуваат да се соочуваат со ценовни шокови и инфлаторни притисоци.
Швајцарија и Франција со најниски инфлациски стапки
Најниска проектирана инфлација за 2026 година ќе има Швајцарија, со стапка од само 0,5%, што ја позиционира како стабилен економски простор со ефективни монетарни механизми. Следат Франција со 1,6% и Ирска со 1,7%, кои исто така покажуваат солидна способност да одржат ценовна стабилност.
Во групата на најразвиените економии, Германија ќе има умерена инфлација од 1,9%, додека Хрватска ќе ја надмине просечната инфлација на ЕУ со 2,6%, што укажува на послабо амортизирање на внатрешните и надворешните притисоци врз цените.
Полска, Унгарија и Турција со повисоки стапки
Од земјите на Европската Унија, Полска и Унгарија ќе забележат највисоки инфлациски стапки, од 3,4% и 3,6% соодветно. Овие нивоа, иако далеку пониски од постпандемиските пикови, сепак покажуваат дека ценовната стабилизација сè уште не е целосно постигната.
Меѓу најзагрижувачките е случајот на Турција, која и покрај напорите на монетарните власти, ќе се соочи со екстремно висока инфлација од 22,8%, највисока на континентот. Ова е резултат на долгогодишна неортодоксна монетарна политика, девалвација на лирата и структурни економски слабости.
Русија и Украина со задржана ценовна нестабилност
Инфлацијата ќе остане релативно висока и во Русија (5,5%) и Украина (7,7%), што е очекувано со оглед на продолжените геополитички тензии, нестабилноста во снабдувачките ланци и ограничениот пристап до меѓународните финансиски пазари.
Македонија со позитивен сигнал и стабилизација
Во однос на Македонија, ММФ очекува економски раст од 3,2% и во 2025 и 2026 година, што претставува сигнал за постепено заздравување и стабилизирање на економските текови. Инфлацијата е проектирана на 3,4% во 2025 и се очекува да се намали на 2,2% во 2026, што укажува на успешни чекори кон нормализирање на ценовната динамика.
Со вакви проекции, Македонија се позиционира во групата на земји со контролирана инфлација, што е позитивен сигнал за инвеститорите, кредиторите, како и за општата макроекономска стабилност.
Анализи
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?

Секој месец носи свои предизвици за паричникот, но еден од нив се издвојува како апсолутен шампион во трошењето на Македонците. Дали попустите за Black Friday, сезонските попусти или пак празничната еуфорија најмногу го празнат паричникот на граѓаните и буџетот на фирмите?
Македонците имаат јасна шема кога се парите во прашање и, иако попустите се примамливи, само еден месец ги собира желбите, навиките и непланираните трошоци во едно. Декември, со сета своја магија, се чини дека не е само месец на подароци, туку и месец на најголеми финансиски авантури.
А, овој тренд може да биде и финансиски неодговорен. Наместо да ги искористат попустите од претходните месеци, како Black Friday или сезонските акции, навиката да се купува во очи новогодишните празници, кога цените се често повисоки, значи преплатени производи и услуги. Трговците веројатно добро го знаат овој тренд и умешно го користат.
Дали декември е најнеодговорниот финансиски месец во годината? Статистиката на Народната банка на Македонија вели да. Секој декември во изминатите 9 години и граѓаните и компаниите едноставно не го штеделе својот буџет. Предновогодишната еуфорија, проследена со забави и подароци, ги тера да не ги штедат своите сметки и картички. Платежната статистика на НБРМ покажува дека во декември 2024 вредноста на вкупните платежни трансакции со картички изнесува 38,2 милијарди денари (622 милиони евра) и тоа е рекорд од 2016 година досега. Во декември претходната година биле извршени трансакции со картички во вредност од 33,2 милијарди денари (539 милиони евра).
Најмногу пари граѓаните повлекуваат како готовина од банкомат. Во декември лани вкупно биле пивлечени 20,6 милијарди денари (336 милиони евра), од кои само граѓаните повлекле 20,2 милијарди денари. За разлика од нив, најмногу трансакции вршат со плаќања на ПОС терминали.
Во јануари веќе започнува финансискиот пост. Во јануари 2024 година биле извршени трансакции во вредност од 27,1 милијарда денари (441 милион евра), што значи околу 100 милиони евра помалку отколку претходниот месец. И така е секој јануари. Граѓаните потрошиле 25,8 милијарди денари, а компаниите 1,3 милијарди денари.
Интересно е дека после декември како месеци со најмногу плаќања во 2024 биле јули и ноември. За време на летните одмори повторно не се штедат пари, ниту на личните ниту на бизнис картичките. Вкупно биле извршени трансакции во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра), од кои на граѓаните отпаѓаат 31,2 милијарди денари (485 милиони евра), а на компаниите 1,7 милијарди денари (28 милиони евра).
Исто така и во ноември, кој се совпаѓа со Black Friday попустите, се трошело и вкупно биле извршени трансакции со картички во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра). Притоа граѓаните потрошиле 509 милиони евра, а компаниите 26 милиони евра.
Кога Македонците трошат најмногу пари?
Месец/Категорија | Декември | Ноември | Јули |
Вкупна вредност на трансакции со картички | 622 мил. евра | 535 мил. евра | 535 мил. евра |
Трансакции на физички лица | 593 мил. евра | 509 мил. евра | 485 мил. Евра |
Трансакции на правни лица | 29 мил. евра | 26 мил. евра | 28 мил. евра |
Што се однесува до платежните навики на македонските граѓани, e-трговијата зема се поголемо учество во трошоците. Од декември 2016 до декември 2024 година, вредноста на платежните трансакции со картички на ПОС терминали пораснала за помалку од 3 пати, а вредноста на трансакциите на места за е-трговија е зголемена за 13,5 пати. Иако и во е-трговијата најмногу се троши во декември, сепак тоа не е правило секоја година. Во 2022 година најмногу се трошело онлајн во март, а од 2016 до 2018 година тоа било случај во февруари.

Странците во Македонија најмногу пари на картичка трошат во август, кога си доаѓаат македонските иселеници. Во август минатата година потрошиле 8,8 милијарди денари (143 милиони евра). Следен месец кога најмногу придонесуваат за македонската економија е јули, а за третото место се натпреваруваат септември и декември.
Македонците во странство, пак, најмногу пари трошат во нули или во август, што повторно се поклопува со годишните одмори. Лани во јули и во август вкупно потрошиле 7,7 милијарди денари (125 милиони евра). Од статистиката може да се заклучи и дека странците во Македонија во лето трошат многу повеќе пари на картички отколку Македонците како туристи во странство. Сепак, треба да се има предвид и фактот дека Македонците на одмор почесто одат со пари во џеб отколку на картичка.
Анализи
Стапката на невработеност во САД остана над 4% – дали ФЕД ќе ја релаксира монетарната политика?

Американските работодавци додадоа 177.000 нови работни места во април, според податоците објавени од Министерството за труд на САД во петокот (2 мај). Истовремено, стапката на невработеност остана стабилна на 4,2%, што е благо зголемување во однос на претходните месеци, кога се движеше блиску до рекордно ниските нивоа под 4%.
Двете бројки сигнализираат дека пазарот на труд сè уште е релативно здрав, но покажуваат и знаци на умерено забавување. Новите вработувања се под очекувањата на некои аналитичари, што би можело да укаже на тоа дека економијата влегува во период на умерено темпо на раст.
Повеќето аналитичари сметаат дека влијанието на постојаните високи царини, воведени уште од времето на администрацијата на Доналд Трамп, сè уште не е целосно почувствувано, и дека економските ефекти ќе се проценуваат во наредните месеци.
Американската економија останува силно ориентирана кон услужниот сектор, кој сочинува приближно 70% од трговската активност, но производството и понатаму има значајна улога. Над 40% од американските производители се потпираат на увезени делови и компоненти, што значи дека глобалната трговија и цените на увозот директно влијаат врз домашното производство и вработување.
Може ли ова да влијае врз политиката на ФЕД?
Со оглед на тоа што стапката на невработеност се искачи на 4,2%, економистите сега почнуваат да шпекулираат дали тоа ќе биде доволна причина за претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел и Комитетот за отворен пазар (FOMC) да започнат со олеснување на монетарната политика.
ФЕД досега остануваше претпазлив, главно фокусирајќи се на инфлацијата, која иако се стабилизира, сè уште е над посакуваното ниво од 2%. Сепак, ако растот на работните места продолжи да забавува, а стапката на невработеност продолжи да расте, тоа може да ја зајакне аргументацијата за намалување на каматните стапки во наредните квартали.
Пазарот на труд е еден од клучните индикатори за ФЕД при донесување на одлуки, и ако почне да покажува послаби резултати, тоа може да биде токму она што ќе ја поттикне централната банка да го напушти рестриктивниот пристап и да започне со постепено намалување на референтната каматна стапка, за да го поддржи економскиот раст.
Анализи
Пари во џебот, не само на екран: Швајцарците се против укинувањето на готовината!

Во последните години, дигиталните пари бележат експоненцијален раст на глобално ниво, процес кој беше дополнително забрзан за време на пандемијата на коронавирусот. Швајцарија, како високо дигитализирана економија, не е исклучок од овој тренд.
Мобилната апликација за плаќање „Twint“, развиена од швајцарските финансиски институции, стана клучен двигател на промената во навиките на потрошувачите. Во 2023 година, преку „Twint“ се реализирале над 773 милиони трансакции, што претставува раст од 31% во споредба со претходната година. За илустрација, во 2017 година, кога апликацијата штотуку беше лансирана, биле регистрирани само 4 милиони трансакции, податок кој говори за нејзиниот импресивен раст и прифаќање.

Сепак, и покрај овој дигитален напредок, истражувањата покажуваат дека Швајцарците сè уште покажуваат силна наклонетост кон готовината. Студија спроведена од Универзитетот за применети науки во Цирих (ZHAW) и Универзитетот во Сент Гален открива дека и во 2023 година, физичките пари биле позастапени во споредба со дигиталните за одредени типови на трансакции, тренд кој се променил дури неодамна.
Швајцарската јавност стравува од сценарио слично на она во нордиските земји, особено Шведска, каде што готовината практично исчезна од секојдневната употреба. Во тој контекст, движењето „Швајцарска слобода“, кое се појави како реакција на мерките во време на пандемијата, официјално поднесе иницијатива до властите со барање за уставна гаранција за опстанокот на готовината. Целта е да се обезбеди дека швајцарскиот франк ќе остане достапен во физичка форма, без оглед на технолошкиот напредок.
Овие грижи не се неосновани. Анкета спроведена од Швајцарската национална банка (SNB) открива дека дури 95% од жителите на Швајцарија сакаат готовината да остане достапна. Причината? Флексибилноста и слободата што ја нуди готовината, нешто што многу граѓани не се подготвени да го жртвуваат во корист на дигиталната удобност.
Во споредба со другите европски земји, Швајцарија има значително пофлексибилен режим за користење и транспорт на готовина. Во земји како Франција и Италија, постои лимит од 1.000 евра за готовински плаќања, а во Грција тој лимит изнесува 500 евра. Иако Австрија, Кипар и Луксембург сè уште немаат такви ограничувања, Европската Унија планира да воведе лимит од 10.000 евра за готовински трансакции почнувајќи од 2027 година, како дел од засилената борба против перење пари и финансирање на тероризам.
Швајцарија, иако не е членка на ЕУ, го задржува својот суверенитет во однос на ова прашање. Единствениот услов е обврска за идентификација при готовински плаќања над 100.000 швајцарски франци, додека за носење готовина преку граница потребна е документација само ако тоа го побара царинската служба, и тоа за износи над 10.000 франци.
Заклучок:
Иако Швајцарија технолошки напредува и го прифаќа дигиталното плаќање, нејзините граѓани и институции и понатаму ја вреднуваат слободата и сигурноста што ја нуди готовината. Дискусијата за иднината на физичките пари останува жива – а во Швајцарија, барем засега, франкот во хартиена форма е тука да остане.
- Банкипред 6 дена
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 1 месец
Шпаркасе Банка наскоро започнува со изградба на нова Централа во Скопје
- Интервјуапред 2 месеци
Интервју | ЕМИЛИЈА НАЦЕВСКА: Вклучувањето на Македонија во СЕПА отвора ново поглавје во меѓународните плаќања
- Советипред 1 месец
Водич за станбени кредити – Дел 1: Што треба да знаете пред да аплицирате?
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување на банкарски службеник во Силк Роуд Банка АД Скопје
- Интервјуапред 2 месеци
Интервју | МАРИЈАНА ЛОНЧАР-ВЕЛКОВА: Дигиталната ера носи нови предизвици, но и поголеми можности за заштита на потрошувачите
- Банкипред 2 месеци
Промени во Надзорниот одбор на ТТК Банка АД Скопје
- Бизниспред 2 месеци
Просечната нето плата во Македонија се зголемила за 8,9 проценти и во јануари изнесувала 43.050 денари