Connect with us
no baners

Банки

Комерцијална банка со поволни услови ќе овозможи брзи и лесни трансакции во евра во земји членки на СЕПА

Објавено

на

Комерцијална банка прави уште еден чекор напред во понудата на напредни и конкурентни услуги, со што граѓаните и компаниите ќе можат да ги намалат своите трошоци за меѓународни трансфери во евра кон СЕПА земјите.

Со новите пониски надоместоци и со поедноставени процедури Банката ќе им овозможи на своите клиенти поевтини и побрзи трансфери за испраќање и прилив во евра кон земји членки на СЕПА.

Новата услуга за овозможување кредитни трансфери во евра преку европската платежна шема SEPA (Single Euro Payments Area), која ќе биде достапна од 07.10.2025 година, ќе значи брзи и сигурни плаќања и приливи во евра со поволни провизии.  

Досегашните провизии за плаќања и приливи во евра за физички лица се намалуваат повеќекратно. За најниските износи на приливи до 29,99 евра, надоместокот ќе изнесува само 10 денари, додека за кредитни трансфери до 29,99 евра надоместокот ќе изнесува само 60 денари. За најголем дел од кредитните трансфери преку Интернет банка клиентите ќе плаќаат до 300 денари, а за кредитни трансфери во евра преку шалтерите на Банката до 360 денари. Највисокиот надоместок за приливи над 10.000 евра ќе изнесува 300 денари, a за кредитни трансфери 600 денари.

За клиентите правни лица, исто така, се воведуваат пониски тарифни ставки со фиксни износи за кредитни трансфери и приливи од земји членки на СЕПА, кои се неколкукратно намалени во однос на досегашните надоместоци.

Комерцијална банка е меѓу првите банки во земјава што воведува тарифник за СЕПА плаќања согласно препораките на Народната банка на Република Македонија. Целта на Банката е преку воведување економични финансиски решенија и напредни дигитални технологии да им овозможи на клиентите едноставно и ефикасно управување со секојдневните финансии и да ја поттикне дигиталната трансформација во земјата.

Ова е уште една потврда за посветеноста на Банката на создавање брзи, сигурни и економични решенија што се прилагодуваат на потребите на клиентите, без разлика дали станува збор за физички лица, компании или деловни субјекти кои работат со партнери низ Европа.

Банки

40 кошаркарски табли за 40 години НЛБ Банка – Донација за основните училишта по повод Месецот на штедење

Објавено

на

НЛБ Банка и оваа година, по 14-ти пат, го одбележа Месецот на штедење со низа активности посветени на најмладите, со цел да ја поттикне нивната финансиска едукација и да ја зголеми свеста за важноста од штедењето уште од најрана возраст.

Во рамките на активностите по повод Месецот на штедење, а во чест на значајниот јубилеј – 40 години успешно работење, Банката реализираше донација на 40 нови кошаркарски табли за основни училишта ширум земјава. Иницијатива е дел од активностите со кои НЛБ Банка во текот на годината го одбележува својот 40-годишен јубилеј и континуирано придонесува за подобри услови за спорт и рекреација на најмладите во училишните дворови.

Месецот на штедење за нас е секогаш посебен период во кој се трудиме да ја приближиме важноста од штедењето и финансиската писменост на најмладите. Оваа година, кога одбележуваме 40 години успешно работење, посакавме да оставиме симболичен, но значаен белег во заедницата со донација на 40 кошаркарски табли за 40 основни училишта низ земјата. Веруваме дека тие во училишните дворови не се само спортска опрема, тие се место каде децата учат да соработуваат, да сонуваат и да веруваат во себе. Токму таму се градат првите тимови, првите победи и трајните пријателства.“ – изјави Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на Банката.

Во текот на месецот беа одржани и едукативни настани за најмладите штедачи, каде децата преку игра, забава и дружење со омилените маскоти Тиби и Штуки се запознаа со тајните на штедењето, одговорното користење на парите и финансиската култура.

Како општествено одговорна институција која веќе четири децении е синоним за стабилност, доверба и посветеност, НЛБ Банка продолжува да инвестира во подобра иднина преку поддршка на заедницата, поттикнување на здрави финансиски навики и градење генерации кои ќе растат со трајни вредности.

Продолжи со читање

Банки

Владимир Тренески ќе го предводи корпоративното банкарство на Стопанска банка АД – Скопје

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје со задоволство го објавува назначувањето на г-дин Владимир Тренески за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Банката, со мандат од 1 година.

„Стопанска банка АД – Скопје ја информира јавноста дека согласно одлуката за именување од страна на Надзорниот одбор бр. 84/2025 од 31.07.2025 година и добиената согласност односно Решението на Извршниот одбор на Народна банка на Република Северна Македонија бр. 15-29578/7 од 31.10.2025 година, г-дин Владимир Тренески се именува за Генерален директор за корпоративно банкарство и член на Управен одбор на Банката, со мандат од 1 година“, соопштува Банката преку Македонска берза.

Г-дин Тренески носи речиси 30 години искуство во банкарството, минувајќи ги сите хиерархиски нивоа во Банката, вклучувајќи раководни позиции како Сениор менаџер за корпоративно банкарство, Раководител на корпоративно банкарство, управување со ризици, одобрување на кредити и мрежа на филијали.

Како Генерален директор за корпоративно банкарство, г-дин Тренески ќе ја води стратегијата на Банката во корпоративниот сегмент, со фокус на проширување на пазарниот удел, унапредување на односите со клиентите и одржување високи стандарди за квалитет. Неговото длабоко разбирање на пазарот, потребите на клиентите и организациската култура на Банката ќе продолжи да биде клучен двигател на растот и угледот на Банката во корпоративниот сегмент.

Неговото лидерство ќе биде од суштинско значење и за спроведување на корпоративниот дел од трансформациската програма на Банката – поедноставување на процесите за кредитирање, зголемување на оперативната ефикасност и обезбедување на прилагодени финансиски решенија кои ги задоволуваат растечките потреби на компаниите низ целата земја.

Г-дин Тренески е дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје а има завршено и бројни програми за професионален развој на INSEAD Франција, NBG Атина и други реномирани меѓународни институции.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ја ревидираше проекцијата за инфлацијата и економскиот раст

Објавено

на

Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја ревидираше својата проекција за инфлацијата за 2025 година нагoре, со што до крајот на годината таа се очекува да изнесува 3,9%, наместо првично предвидените 3% од априлската проекција. На среден рок, инфлацијата се очекува да се стабилизира и да се врати кон историскиот просек од 2%, изјави гувернерот д-р Трајко Славески.

Поради присутните инфлаторни притисоци, основната каматна стапка останува непроменета на 5,35%, ниво што важи од февруари годинава. Според гувернерот, факторите како зголемувањето на платите и пензиите придонесуваат за „лепливост“ на инфлацијата, но очекувањата се дека идните усогласувања на пензиите ќе бидат во рамки на законската формула, што ќе придонесе за стабилизација на ценовните движења.

Од друга страна, економскиот раст покажува позитивна динамика. Народната банка ја ревидираше проекцијата за растот на БДП од 3% на 3,5% за крајот на 2025 година, со очекување дека на среден рок растот ќе достигне 4%.

„Главните двигатели на растот остануваат домашната побарувачка, бруто-инвестициите и личната потрошувачка, поддржани од зголемениот расположлив доход на домаќинствата, солидната кредитна активност на банките и поволната државна кредитна поддршка за фирмите“, истакна гувернерот Славески.

Кредитната активност на банките, според податоците на НБРСМ, значително се засилила во првите девет месеци од годината, а трендот на раст се очекува да продолжи и до крајот на 2025 година.

Во периодот 2025 – 2028 година, Народната банка предвидува стабилни нето-приливи на финансиската сметка, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. Овие приливи ќе овозможат финансирање на дефицитот на тековната сметка, како и зголемување на девизните резерви, обезбедувајќи соодветно ниво за одржување на стабилноста на денарот.

„Во периодот 2025 – 2028 година се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка кои би се искористиле за финансирање на дефицитот на тековната сметка. Во однос на структурата, најголемиот дел од приливите на нето-основа се очекуваат во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство. За целиот период на проекцијата се очекува зголемување на девизните резерви и натамошно соодветно ниво за одржување на стабилноста на домашната валута“, рече гувернерот.

Со ревидираните проекции, Народната банка испраќа порака на умерен оптимизам и стабилност, при што фокусот останува насочен кон одржување на ценовната стабилност, поддршка на економскиот раст и зајакнување на отпорноста на финансискиот систем.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange