Connect with us

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Младите и пензиското осигурување – Како транспарентноста носи подобри одлуки

Објавено

на

Пензионирањето е период од животот во кој се уживаат плодовите од долгогодишниот труд. Тоа е животен стадиум кој носи слобода и време без работни обврски, исполнето со лични задоволства и повеќе моменти со семејството.

Пензиското осигурување е клучно за осигурување на финансиска стабилност во третата доба од нашите животи. Генерално, важи тоа дека како што еден човек напредува во кариерата, така растат и неговите приходи. Како резултат на тоа, стапувањето во пензија може да значи откажување од некои задоволства кои човекот можел да си ги дозволи во текот на работниот век.

Решение за овој предизвик е доброволното пензиско осигурување со кое се обезбедува поголема материјална сигурност и одржување на животниот стандард, затоа е важно уште од рана возраст да се размислува во таа насока, сѐ со цел да се искористат придобивките од долгорочното инвестирање на личните средства и остварување на принос кој би овозможил сигурна пензија.

Доброволното пензиско осигурување е финансиски производ кој нуди флексибилност преку можноста на членот да уплаќа колкав износ сака и кога сака. Исто така, содржи и социјална компонента, придонесувајќи за подобрување на општата благосостојба поради тоа што возрасната група на лица кои ги исполнуваат условите за користење на пензиски надоместок опфаќа значителен дел од вкупната популација во државата.

Финансиска транспарентност карактеристика на новиот пензиски систем

Воведувањето на пензиската реформа претставува фундаментална промена на пензискиот систем, а со тоа голем акцент се става на транспарентноста на работењето на пензиските фондови и јакнење на довербата во пензискиот систем.

Оттука, друштвата кои управуваат со пензиски фондови имаат обврска квартално да ги објавуваат финансиските извештаи кои претставуваат „крвна слика“ на фондовите. Поради тоа посветуваме особено внимание при подготовката на финансиските извештаи, со што се зајакнува довербата на членовите и се дава можност да донесат правилна одлука при избор на фондот во кој сакаат да членуваат.

Дополнително во насока на транспарентноста, друштвото секојдневно врши проценка на средствата на фондот и ја пресметува вредноста на сметководствената единица. Таа претставува пропорционален дел од вкупните нето средства на фондот и е основен индикатор кој го покажува растот на вкупните нето средства на фондот. Средствата од придонесите на членовите коишто се уплаќаат во фондовите се конвертираат во сметководствени единици чија вредност расте со текот на работењето на фондот.

Едноставен пример би бил следниот: Доколку членот направи уплата од 10.000 денари кога вредноста на единицата изнесува 200,00 уплатата се конвертира во 50 сметководствени единици. Но, со текот на времето вредноста на единицата пораснала на 210,00 што значи дека членот во тој момент има 10.500 денари на својата лична сметка во однос на иницијалните 10.000 денари.

 Оттаму, во директна зависност од вредноста на сметководствената единица е износот на акумулирани средства на секоја лична сметка од кои пак, во голем дел зависи и висината на пензијата од задолжителниот или пензискиот надоместок од доброволниот фонд којшто членовите ќе го добиваат.

Затоа, ги поттикнувам членовите на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд да пристапат на дигиталниот сервис „Моја Сметка“ каде имаат можност да направат увид кога се уплатени нивните придонеси, колкав е износот на акумулирани средства на личната сметка и движењето на вредноста на сметководствената единица. На овој начин се создава директна врска помеѓу придонесите и пензиите со што се мотивираат членовите да носат одлуки чии бенефиции лично ќе ги почувствуваат.

Инвестиција во својата иднина: Зошто младите треба да размислуваат за пензиско осигурување?

Неретко се случува новите членови да не бидат запознаени со начинот на функционирање на пензискиот систем сè до своето прво вработување или пак до добивањето на „зелениот плик“. Од исклучителна корисност е секој што стапува во работен однос за првпат, веднаш да провери во кој задолжителен пензиски фонд е привремено распределен и во следните 3 месеци да одлучи дали ќе остане во фондот каде што е случајно распределен или ќе склучи договор за членство во друг задолжителен фонд.

 Ние како друштво секогаш се трудиме да ја поттикнеме финансиската писменост, а со тоа да ја истакнеме и важноста на доброволното пензиско осигурување, кое на одреден начин претставува алтернативно штедење, особено кај помладата популација.

Младите личности, без разлика дали се во работен однос или не, имаат можност да уплаќаат одреден износ на средства во доброволниот фонд, а со тоа да го искористат потенцијалот на своите години и вкаматувањето, и да остварат експоненцијален принос. Од суштинско значење е на рана возраст да се осознае потребата од доброволното пензиско осигурување и да се стекне навика за редовно уплаќање. Со тоа се добива пазарна изложеност на долг временски период и на одреден начин им се дозволува на парите да „работат“ за нив.

Поради ова, ги охрабрувам младите да бидат дисциплинирани, особено управувајќи со личните финансии и да започнат со редовно уплаќање на средства во доброволниот фонд, затоа што времето е на нивна страна.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Напишано од Дарко Костовски

Авторот на текстот е дипломиран економист и дел од Секторот за сметководство и финансии на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој активно учествува во подготовката на финансиските извештаи и вреднувањето на пензиските фондови.

Бизнис

КБ Прво пензиско друштво го одбележа Светскиот ден на штедењето со порака за сигурна иднина

Објавено

на

По повод 31 октомври – Светскиот ден на штедењето, КБ Прво пензиско друштво упати потсетник дека секој паметен финансиски избор денес создава посигурна иднина утре.

Во светот на финансии, штедењето не е само навика, тоа е инвестиција во себе, во своите најблиски и во спокојна иднина.

Од Друштвото порачуваат дека и најмалите уплати имаат значење, бидејќи со упорност и дисциплина може да се изгради стабилна финансиска иднина.

Преку доброволниот пензиски фонд на КБ Прво, граѓаните имаат можност самостојно да уплаќаат средства, во износ и во време кое самите го одбираат, создавајќи дополнителна пензија и чувство на сигурност за иднината.

Со дваесетгодишно искуство во управување со пензиски фондови, КБ Прво пензиско друштво останува партнер на граѓаните во градењето на долгорочна финансиска стабилност.

„Штедењето е нешто што ќе остане – затоа започнете денес.“

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Моќта на долгорочната инвестиција

Објавено

на

Финансиското планирање не е еднократна одлука, туку процес што бара визија, дисциплина и доверба во иднината. Еден од најдобрите начини за обезбедување стабилна финансиска основа е вложувањето во пензиски фондови, каде секоја редовна уплата добива можност за раст и акумулација во долг временски период.

Како функционира инвестицијата

Средствата што членовите ги вложуваат во фондовите се инвестираат во различни финансиски инструменти, согласно строги законски прописи, со цел да се оствари принос на вложените средства, преку кој се обезбедува можност пензијата, односно пензискиот надоместок да расте. На тој начин не се гради само моментална заштеда, туку се создава долгорочна вредност која обезбедува дополнителен приход во иднина. Клучна улога има времето:

1. Колку порано започне вложувањето, толку повеќе години средствата имаат можност да се зголемуваат.

2. Редовноста во уплатите е подеднакво значајна – малите, но дисциплинирани вложувања со тек на време создаваат значајна акумулација.

3. Приносот што се остварува преку инвестициите е фактор кој ја определува брзината на раст, но времето останува најмоќниот сојузник на секој член.

Зошто е важно да се започне порано со уплати во доброволниот пензиски фонд на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје

Инвестицијата во пензиски фонд не бара високи износи – доволна е мала, но постојана уплата за да се обезбеди стабилност. Возраста на зачленување има директно влијание врз конечниот резултат: секоја пропуштена година го намалува потенцијалот за акумулација.

Членови на доброволниот пензиски фонд може да бидат сите лица на возраст од 15 до 70 години, под услов да не се приматели на пензија, односно лица кои немаат остварено право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тука спаѓаат вработени или невработени лица, вработени на проекти или трети лица – членови на семејството. За малолетни лица, уплатите може да ги врши родителот или старателот во улога на уплаќач.

Со започнување на 25 години, членот има предност од цела деценија дополнителни уплати и раст на вложените средства во споредба со лице кое започнува на 35 години. Оваа временска разлика резултира со речиси двојна акумулација на капитал.

Конкретни примери – ефектот на возраста и приносот

Да ја разгледаме разликата во акумулираните средства при редовно вложување од 3.000 денари месечно:

Разликата е јасна: десет години порано вложување значат неколку стотици илјади денари повеќе во иднина. Тоа е директен показател дека времето и дисциплината се клучните фактори за создавање значителна финансиска предност.

*Пресметката е од информативен карактер. Износот на акумулирани средства е проектиран врз основа на параметрите кои корисникот самиот ги внесува (месечна, годишна или еднократна уплата на износ на доброволен придонес, надомест од уплатени придонеси, очекувана стапка на принос и период на уплата).

Во пресметката е вклучен износот за надомест за управување со средства.

Приносот на вашата доброволна индивидуална сметка и/или професионална сметка е променлив и зависи од приносот на вашиот доброволен пензиски фонд и од надоместоците наплатени од вашето друштво кое управува со доброволниот пензиски фонд.

Надоместоци кои ги наплаќа друштвото: Линк

Оданочувањето на средствата при исплата е согласно Законот за данок на личен доход.

Лидерство и сигурност

Како лидер на пазарот на пензиско осигурување, КБ Прво е посветено на управување со средствата на своите членови на транспарентен, одговорен и професионален начин. Нашата стратегија се заснова на оптимален баланс помеѓу сигурноста на вложувањата и нивниот потенцијал за принос. Долгорочната стабилност и довербата што ни ја укажуваат членовите се најсилен доказ дека дисциплинираната инвестиција носи резултати.

Ваша одлука – ваша иднина

Секој ден е нова можност за создавање финансиска независност. Одлуката да се вложува денес е инвестиција во подобра утрешнина. Пресметајте го вашиот потенцијален раст преку калкулаторот за пензиска заштеда.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/32 24 229.

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво на 24-та годишна конференција на Македонска берза!

Објавено

на

Минатата недела во Охрид се одржа 24-та годишна конференција на Македонска берза.

Нашиот колега Горан Мартиноски, член на Инвестицискиот одбор и Раководител на сектор за управување со средства во КБ Прво, учествуваше во панел дискусијата посветена на мултифондовите. Со своето повеќегодишно искуство во инвестиции, управување со портфолиа, акции, обврзници, ЕТФ фондови и пазарите на капитал, тој даде значаен придонес во дискусијата за тоа што може да значи воведувањето на мултифондовите за пензиските членови и за пазарот на капитал.

Во разговорот беа отворени прашања за искуствата од земји каде мултифондовите веќе се применуваат, за потенцијалните ризици и предизвици кои оваа промена може да ги донесе, за тоа како изборот на фонд ќе влијае врз индивидуалната пензиска заштеда и дали граѓаните имаат доволно финансиска писменост за да донесат информирани одлуки.

Со повеќе од 1,4 милијарди евра во управување (извор: КБ Прво) и долгогодишно искуство признато со меѓународни награди, КБ Прво останува доследен партнер на своите членови и активен учесник во процесите кои придонесуваат за градење посигурна финансиска иднина.

КБ Прво како Сребрен спонзор уште еднаш ја потврди заложбата за развој на домашниот пазар на капитал и унапредување на финансиската култура во земјата – која ќе продолжи да биде еден од најважните сегменти од нашата општествено-одговорна мисија.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02/ 32 24 229

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange