Connect with us
no baners

Интервјуа

Иднината на пензиите во Македонија – разговор со Иван Стојановиќ од КБ Прво

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight, разговараме со Иван Стојановиќ од КБ Прво пензиско друштво за едно од најважните, а често недоволно разбрани прашања за иднината на пензискиот систем и улогата на приватните пензиски фондови.

Дваесет години по воведувањето на задолжителните пензиски фондови во вториот столб, се отвораат суштински теми: дали системот ја оправда довербата, колку се заштитени средствата на идните пензионери и какви се реалните очекувања од пензијата што допрва ќе ја примаме.

Како се промени перцепцијата за вториот столб?

Во разговорот, Стојановиќ анализира како се менувала јавната перцепција за приватните пензиски фондови од почетна недоверба, до сè поголема свесност дека вториот столб е клучен дел од долгорочната финансиска сигурност.

Дали придонесите се доволни за сигурна пензија?

Се отвора и прашањето дали процентот од придонесите што се издвојува во корист на приватните фондови е доволен за пристојна пензија, особено во услови на демографски промени и подолг животен век.

Како растат средствата на идните пензионери?

Посебен акцент е ставен на тоа колку се „оплодуваат“ средствата на членовите, како и на фактот дека приватните пензиски фондови денес располагаат со околу 3 милијарди евра, кои се инвестираат по строго регулирани и диверзифицирани стратегии.

Во што се инвестираат средствата?

Стојановиќ објаснува каде се вложуваат овие средства – од државни хартии од вредност, до странски пазари и други инструменти – и како се балансира ризикот со цел долгорочен принос.

Кога следува помасовна исплата на пензии?

Еден од клучните моменти во разговорот е очекувањето кога ќе започне помасовната исплата од вториот столб и како тоа ќе влијае врз целокупниот пензиски систем.

Нашиот модел во европски контекст

Се прави споредба на македонскиот модел со оние во други европски земји, при што се потенцираат и предностите и просторите за унапредување.

Што значи мултифондовски пристап?

Во епизодата се појаснува и концептот на мултифондовски пристап, кој овозможува различни инвестициски стратегии во зависност од возраста и ризичниот профил на членот.

Интересот за третиот столб

Разговараме и за тоа дали младите покажуваат интерес за доброволното пензиско осигурување, колку е важна раната уплата и дали постои минимален износ што ја прави инвестицијата исплатлива.

Што следува од КБ Прво пензиско друштво?

На крајот, Стојановиќ открива што можат членовите да очекуваат од КБ Прво пензиско друштво во иднина – во поглед на производи, транспарентност и поддршка за подобро пензиско планирање.

🎥 Целата епизода на FinSight носи јасни одговори и корисни насоки за секој што размислува долгорочно за својата финансиска сигурност.

Интервјуа

Од плата до капитал: Како најдобро да ги оплодите вашите средства | Владимир Деспотовски | WVP фондови

Објавено

на

Во услови на зголемена економска неизвесност и притисоци од растечка инфлација, граѓаните сè почесто се соочуваат со дилемата – дали да ги чуваат заштедите во банка или да ги вложат во инвестициски фондови со цел повисок принос.

Оваа тема е во фокусот на најновата епизода од емисијата FinSight, каде гостува Владимир Деспотовски од ВФП Фондови. Во разговорот се отвораат клучните прашања за управување со личните финансии во турбулентни времиња, но и за реалните очекувања од различните инвестициски опции.

Банкарските депозити и натаму се сметаат за најсигурна форма на штедење, особено поради гаранцијата на средствата до 30.000 евра. Сепак, актуелните каматни стапки се релативно ниски, што значи дека реалниот принос често не ја следи инфлацијата. На пример, вложување од 10.000 евра во банка со камата би донело ограничен принос во период од неколку години.

Од друга страна, инвестициските фондови нудат можност за повисоки приноси, но и повисоко ниво на ризик. Во емисијата се објаснува каде се инвестираат средствата на клиентите – дали во најголемите светски компании, на развиени пазари или и на азиските берзи, како и кои стратегии се применуваат за управување со ризикот.

Дополнително, се дискутира за тоа колкава е минималната сума за инвестирање, какви се очекуваните годишни приноси, но и дали постои ризик од загуба на вложените средства, особено во услови на пазарни турбуленции.

Посебен акцент е ставен и на тоа како граѓаните да изберат соодветен финансиски производ според својот профил, приходи и семејни потреби, како и колку средства е препорачливо да се издвојуваат месечно за штедење или инвестирање.

Во време кога инфлацијата ја намалува вредноста на парите, а глобалните пазари се подложни на осцилации, информираното донесување одлуки станува клучно за заштита и раст на личниот капитал.

Целото интервју со Владимир Деспотовски погледнете го во најновата епизода на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Борче Треновски: Инфлацијата доаѓа во бранови – од горивото до платите

Објавено

на

Разговараме со универзитетскиот професор Борче Треновски за тоа како се пренесува инфлацијата низ економијата и зошто ефектите не се чувствуваат веднаш.

Според него, инфлаторниот притисок не доаѓа одеднаш, туку се развива во неколку фази.

„Треба да размислиме како делува овој инфлаторен бран“, вели Треновски.

Првиот удар, објаснува тој, доаѓа од растот на цените на енергенсите, особено на нафтата и горивата.

„Најпрво се зголемуваат цените на нафтата, односно бензинот на бензиските пумпи, што го гледаме во моментов“, посочува Треновски.

Овој раст не се пренесува веднаш во останатите сектори, но ефектите почнуваат да се чувствуваат по краток период.

„Овие зголемувања не влијаат веднаш на транспортот и логистиката, но по 1 до 3 недели почнуваат да се пренесуваат“, вели тој.

Според Треновски, овој процес постепено го зафаќа целото општество.

„Влијае насекаде – и кај оние што носат леб во пекарите, и кај бизнис секторот, и кај професорот кој оди на работа“, објаснува тој.

Во следната фаза, по околу шест недели, инфлаторниот бран се прелева во пошироката економија.

„Потоа се пренесува во индустријата, автомобилскиот сектор, градежништвото, производството на храна и земјоделството“, додава Треновски.

Најкритичната фаза, според него, е кога инфлацијата ќе се „вгради“ во очекувањата на граѓаните.

„Четвртиот бран е кога се вклучуваат инфлациските очекувања – луѓето веќе очекуваат раст на цените и бараат повисоки плати бидејќи стандардот се намалува“, нагласува тој.

Колку силен ќе биде овој процес, зависи од траењето и интензитетот на почетниот шок.

„Во зависност од тоа колку ќе трае и колку ќе биде силен нафтениот шок, ќе зависи и колкав ќе биде инфлаторниот притисок“, заклучува Треновски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Интервјуа

Доцните мерки создаваат шпекулации и притисок врз цените, вели Треновски во FinSight

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со универзитетскиот професор Борче Треновски за навременоста на економските мерки и нивното влијание врз пазарот.

На прашањето од Наташа Мерсовска дали институциите задоцнуваат со реакцијата и дали треба веднаш да се делува, Треновски истакнува дека брзината е клучна, но реалноста често е поинаква.

„Треба што поскоро да се реагира, но реалноста е дека се чека за да се донесат мерки“, вели Треновски.

Според него, ваквото одложување создава простор за шпекулации и неизвесност на пазарот.

„Кога се чека, почнуваат шпекулации во медиумите – дали ќе има мерки, дали ќе се делува со акцизите… Тоа не смееме да го дозволиме, бидејќи директно влијае врз цените на било кој пазар“, посочува тој.

Треновски потсетува дека слична ситуација веќе се случила со цените на одредени производи во изминатиот период, кога неизвесноста дополнително ја засилила ценовната нестабилност.

Решението, според него, е јасна и навремена комуникација од институциите.

„Треба што побрзо да се излезе со јасна политика – како ќе се делува, во кој период и на каков шок со која мерка ќе се одговори“, нагласува Треновски.

Целта, додава тој, е да се намали неизвесноста кај граѓаните и бизнисите.

„Само така може да се смират граѓаните и да се создаде предвидливост за тоа што ќе се случува во иднина“, заклучува Треновски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange