Uncategorized
ЕОС Матрикс: Зголемени инвестициите во откуп на побарувања во корпоративниот сектор
Инвестициите во откуп на побарувања од корпоративниот сектор на ЕОС Матрикс се зголемија повеќе од двојно, споредено со претходниот период. Само во последната година компанијата инвестираше нешто околу 1 милион евра во побарувања од овој тип.
Зголемувањето на овој тип инвестиции делумно се должи на промените кои настанаа на финансиските пазари по пандемијата, на енергетската криза и на растот на инфлацијата, што ја зголеми потребата од нови финансиски инструменти кои треба да овозможат брзо закрепнување на компаниите. Ваквиот тренд е резултат и на воведувањето на низа мерки од страна на државите, кои имаа за цел да придонесат за зајакнување на финансиската ликвидност на реалниот сектор и за негова поголема одржливост.
„Инвестирањето во откуп на побарувања во корпоративниот сектор даде многу позитивен ефект, бидејќи понуди решение за компаниите со проблеми на пазарот, во период на заострување на условите за кредитирање, а што се случува истовремено со намалените и ограничени деловни активности. Во вакви околности, важноста на неконвенционалните инструменти за финансирање се од витално значење, бидејќи овозможуваат корпоративниот сектор брзо да се регенерира и да ја зајакне својата кондиција и успешно да ги продолжи своите активности на пазарот. Нашето искуство укажува на тоа дека ваквите финансиски инструменти имаат голем потенцијал, но неопходни се и системски мерки кои ќе го поттикнат нивниот развој. На тој начин ќе се овозможи поголема одржливост на сите чинители во корпоративниот сектор“, истакна д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОС Матрикс Македонија.
ЕОС Матрикс Македонија е дел од „ЕОС Груп“, групација која работи на повеќе пазари, чие вкупно инвестициско портфолио на побарувања изнесува 1,2 милијарди евра. Како дел од оваа групација, ЕОС Матрикс во Македонија работи со иновативни технолошки решенија кои нудат нови можности на финансискиот пазар, подобрувајќи ја можноста за развој на корпоративниот сектор и за зголемување на неговата конкурентност. Во таа насока, ЕОС Матрикс ќе продолжи со имплементирање на нови финансиски алатки на македонскиот пазар, што ќе биде клучно за компаниите. Преку своите активности компанијата придонесува и за забрзување на процесот на изнаоѓање системско решение за решавање на корпоративната инсолвентност согласно последните препораки на Европската Унија во оваа област, која предвидува креирање на решенија што ќе овозможат реорганизација и рестартирање, наместо стечај или ликвидација на компаниите.
Според достапните податоци, корпоративниот сектор учествува со околу две третини во формирањето на БДП на земјава, а вработува околу три четвртини од вкупно вработените лица, со што овој сегмент е главен столб на вкупните економски активности.
„ЕОС Груп“ минатата година ги зголеми приходите за 21,4%. Групацијата е присутна на пазарите во 24 земји, а вработува 6.000 лица ширум Европа. ЕОС Матрикс Македонија годинава одбележува 20 години од своето делување на домашниот пазар.
Uncategorized
Зелените станбени кредити се пробиваат на Балканот – ЕБОР одвои 4 милиони евра и за НЛБ Банка Скопје
Зеленото кредитирање сè посилно навлегува и во станбениот сектор на Западен Балкан, а последните финансиски аранжмани на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) покажуваат дека банките во регионот постепено отвораат повеќе простор за финансирање енергетски ефикасни домови и други зелени инвестиции.
ЕБОР обезбедува пакет од најмногу 24 милиони евра за Хипотекарна банка во Црна Гора, од кои 20 милиони евра се наменети за станбено кредитирање, а дополнителни 4 милиони евра се обезбедуваат преку програмата Western Balkans Green Economy Financing Facility III, односно GEFF III.
Најмалку 10 проценти од средствата од станбената кредитна линија треба да бидат насочени кон инвестиции што ги исполнуваат критериумите на ЕБОР за зелена економска транзиција, со што ќе се поддржи купување енергетски ефикасни домови и станбени објекти.
Дополнителната кредитна линија од 4 милиони евра е наменета за високоефикасни станбени објекти, мерки за енергетска ефикасност и користење обновливи извори на енергија. Според ЕБОР, целта е да се зголеми понудата на „зелени“ станови, но и да им се овозможи на домаќинствата пониска потрошувачка на енергија и помали трошоци.
Сличен модел веќе се применува и во Северна Македонија.
ЕБОР обезбедува необезбеден кредит од најмногу 4 милиони евра за НЛБ Банка АД Скопје, исто така во рамки на програмата WB GEFF III – REPower. Средствата се наменети за понатамошно кредитирање на резиденцијалниот сектор во земјава и за поттикнување инвестиции во зелената економија.
Проектот на ЕБОР за НЛБ Банка Скопје е регистриран под број 57312 и во моментов е со статус „Disbursing“, односно средствата се во фаза на исплата и реализација.
Развојот на овие кредитни линии покажува дека концептот на зелено станбено финансирање сè повеќе добива место и во понудата на банките во регионот. Наместо станбениот кредит да се гледа само како средство за купување недвижност, новите финансиски модели сè повеќе го поврзуваат кредитирањето со енергетските перформанси на домот и намалувањето на неговата потрошувачка.
Во Црна Гора, ЕБОР директно го комбинира класичното станбено кредитирање со зелено финансирање преку пакетот за Хипотекарна банка. Во Северна Македонија, пак, линијата од 4 милиони евра за НЛБ Банка Скопје треба да овозможи натамошно финансирање зелени инвестиции во резиденцијалниот сектор.
GEFF III е дел од пошироката програма на ЕБОР за декарбонизација на станбениот фонд во земјите од Западен Балкан. За подобните инвестиции во рамки на програмата може да бидат достапни и техничка помош и инвестициски стимулации поддржани од Европската унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и од Владата на Јапонија.
Со тоа, прашањето повеќе не е дали зеленото станбено кредитирање ќе пристигне во регионот, туку колку брзо ваквите кредитни линии ќе се претворат во конкретни и широко достапни банкарски производи за граѓаните.
Uncategorized
Нови правила за лиценци за игри на среќа: Ќе се проверуваат репутацијата, интегритетот и потеклото на парите
Министерството за финансии донесе нов Правилник за утврдување на репутацијата, интегритетот и потеклото на средствата за приредување игри на среќа, кој произлегува од новиот Закон за игрите на среќа, донесен во јуни годинава.
Со Правилникот детално се утврдува документацијата што треба да ја достават правните и физичките лица кои бараат лиценца за казино, обложувалница, автомат клуб или томбола од затворен тип.
Апликантите ќе треба да докажат дека ги исполнуваат условите за репутација и интегритет, меѓу другото преку документи поврзани со евентуално изречени санкции за забрана за вршење професија, забрана за приредување игри на среќа и други околности значајни за нивното учество во оваа дејност.
Со новиот подзаконски акт се воведува и строга контрола на потеклото на средствата во основната главнина. Преку банкарски извештаи, договори и финансиски биланси, Министерството за финансии ќе проверува дали постои непрекинат траг на движењето на парите, од нивниот извор до уплатата во друштвото.
Правилникот ги уредува и постапките при промена на сопственичката структура и главнината, како и при именување членови во органите на управување и надзор.
Една од новините во Законот за игри на среќа е оценувањето на репутацијата на содружниците и соработниците на друштвата кои имаат лиценци, како и на членовите на органите на управување и надзор во трговското друштво за приредување игри на среќа во кое државата е единствен акционер.
Од Министерството посочуваат дека ваквите проверки се важен дел од мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Новиот Закон за игри на среќа беше донесен во јуни 2026 година со цел воспоставување посовремена, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.
Uncategorized
НЛБ Фондови со нов инвестициски прашалник за полесен избор на фондови
НЛБ Фондови АД Скопје ги повикува граѓаните да го откријат својот инвестициски профил преку нов онлајн инвестициски прашалник, наменет да им помогне полесно да ги разберат сопствените финансиски цели и односот кон ризикот.
Од компанијата информираат дека прашалникот се состои од пет едноставни прашања, преку кои корисниците можат да добијат подобра слика за тоа колкав ризик се подготвени да преземат при инвестирање и кои видови фондови најмногу одговараат на нивните потреби.
Според НЛБ Фондови, алатката помага да се утврди дали инвеститорот е повеќе насочен кон сигурност или е подготвен да прифати повисок ризик со цел да оствари потенцијално поголем принос. Дополнително, корисниците добиваат насоки за тоа дали за нив се посоодветни акциски, комбинирани, обврзнички или парични фондови.
По завршувањето на прашалникот, достапен е и персонализиран PDF извештај со препорачан инвестициски сооднос.
Од НЛБ Фондови нагласуваат дека прашалникот има исклучиво информативна намена и не претставува инвестициски совет. Како што посочуваат, одлуките за вложување треба да се носат по внимателно разгледување на ризиците и карактеристиките на фондовите.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита
-
Банкипред 1 месецНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 4 недели10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот





