Connect with us
no baners

Останато

Ексклузивна можност за професионална инспирација на конферeнцијата „Чувари на мудроста“

Објавено

на

Време е за „Чувари на мудроста“, конференцијата што ќе понуди бесплатни корисни совети од успешните за сите студенти, млади професионалци и претприемачи на кои им е потребна мотивација, инспирација и црпење искуство од луѓето кои оставиле силен професионален и личен печат во своите области. Втората по ред конференција „Чувари на мудроста“ ќе се одржи овој вторник, на 11 јуни, во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот ќе ги собере на едно место луѓето кои со своето знаење, искуство и успех ги мотивираат и ги водат идните генерации кон остварување на нивните соништа.

Конференцијата ќе има седум панел-дискусии, со учество на 14 истакнати професионалци од различни области. Панелот на тема „Од личен развој до иновативно претприемништво“ ќе ги обедини професорот Радмил Поленаковиќ и успешната претприемачка Нина Ангеловска, кои ќе дискутираат за е-трговијата и нејзините можности. Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и Петар Ниновски од „Брејнстер“ ќе ги раскажат своите успешни бизнис-приказни истакнувајќи го значењето на посветеноста, дисциплината и интуицијата во рамките на втората панел-дискусија, насловена „Успешна бизнис-приказна – посветеност, дисциплина, интуиција“.

Темата „Без хуманистика нема иднина“ ќе биде обработена од Искра Гешоска и Јасмина Поповска, кои ќе ја истакнат важноста на културата во нашето општество. Неда Малеска Сачмароска и Ирина Јаневска ќе дискутираат за улогата на невладините организации во создавањето квалитетни општествени промени, додека професорот Мишко Ралев и архитектот Пако Радовановиќ ќе ја споделат својата визија за архитектура на иднината.

Во панелот посветен на правдата, академик Владо Камбовски и професорот Бобан Мисоски ќе разговараат за концептот за инклузивна и одржлива правда, а на последниот панел „Личен потенцијал без бариери“, Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ и Катерина Димова ќе споделат корисни совети истакнувајќи ги предизвиците и можностите за младите психолози.

Покрај дискусиите, конференцијата ќе вклучи и интерактивни работилници, кои ќе ги водат Сања Митровска и Милан Стојанов, а кои ќе се фокусираат на темата развој на стартап бизнис-идеја и употреба на AI-алатки за поставување на визуелна комуникација.

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е создадена со цел да ги обедини младите со најдобрите ментори и практичари од различни професионални области. Не пропуштајте ја оваа уникатна можност да ги чуете приказните и да научите корисни работи од искуствата на луѓето кои со својот труд и посветеност успеале да ги надминат сите бариери и да ги достигнат врвовите во својата кариера.

Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите млади луѓе. Поради ограничениот број, сите заинтересирани треба да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот линк: bit.ly/Конференција-ЧувариНаМудроста

Бизнис

Финансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка

Објавено

на

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои се предвидува заострување на контролите и воведување нови правила за работа на овие компании.

Според најавите, една од клучните промени е укинувањето на можноста кредитните средства да се исплаќаат во готовина. Во иднина, исплатата на кредити ќе се врши исклучиво преку банкарска сметка, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и следливост на финансиските трансакции.

Предложените измени предвидуваат и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде условено со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на пропишани критериуми.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законските измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и недоречености во постојната регулатива.

Таа посочи дека дел од контролите откриле неправилности во работењето на одредени финансиски друштва, а во поединечни случаи биле преземени и санкции, вклучително и одземање лиценци. Како што нагласи, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните.

Со новите законски решенија, Министерството за финансии очекува да се зајакне надзорот врз секторот и да се воспостават повисоки стандарди за работење на финансиските друштва.

Продолжи со читање

Останато

Големо партнерство за големи фудбалски моменти – Иуте и МТЕЛ со ексклузивна понуда создадена за најголемите спортски возбудувања

Објавено

на

Во периодот кога милиони навивачи ширум светот се подготвуваат за следење на најважните фудбалски натпревари во годината, Иуте Македонија и МТЕЛ започнуваат ново партнерство кое носи ексклузивни придобивки за корисниците.

Со оваа соработка, двете компании ги обединуваат дигиталните решенија, современата технологија и флексибилните финансиски услуги со цел да им овозможат на корисниците искуство со уникатни бенефиции и можности.

Првата заедничка понуда е наменета за сите љубители на спортот, филмовите и квалитетната телевизиска содржина. Корисниците кои ќе активираат или обноват MOVE пакет на 24 месеци, ќе можат да купат Samsung телевизор со ексклузивен попуст од 50%, а плаќањето се реализира преку Иуте со можност за купување на 4 рати и 0% трошоци преку iute Smart.

Партнерството со МТЕЛ е уште еден чекор во нашата мисија да им овозможиме на корисниците пристап до производи и услуги кои го подобруваат нивното секојдневие. Веруваме дека комбинацијата од врвна технологија и едноставни паметни начини на плаќање создава вистинска вредност за корисниците токму во период кога интересот за телевизиска содржина и спортски настани е на највисоко ниво“ – вели Игор Трпковски, Директор на продажба во Иуте Македонија.

Во време кога домот повторно станува центар на најголемите спортски емоции, ова партнерство доаѓа како вистинска можност за оние кои размислуваат за подновување со нов телевизор и супер забавно искуството при следење на омилените натпревари, серии и филмови.

Ова е само почеток на соработката помеѓу Иуте Македонија и МТЕЛ, која во иднина ќе донесе нови поволности, иновативни понуди и уште повеќе можности за корисниците.

Повеќе информации за понудата се достапни на продажните места на МТЕЛ и тука.

Продолжи со читање

Останато

ЕУ го одобри почетокот на преговорите за укинување на роаминг трошоците со земјите од Западен Балкан

Објавено

на

Советот на Европската Унија денеска го одобри отворањето на преговорите за укинување на дополнителните роаминг надоместоци меѓу ЕУ и шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

По оваа одлука, Европската комисија ќе започне разговори за посебни секторски договори со секоја од земјите од регионот, со цел нивно приклучување кон европската зона „Роам како дома“ (Roam Like at Home – RLAH).

Овој систем им овозможува на корисниците да телефонираат, испраќаат пораки и користат мобилен интернет додека патуваат во странство без дополнителни роаминг трошоци, под исти услови како во својата матична земја. Во моментов, зоната ги опфаќа земјите-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Молдавија и Украина.

Пред да станат дел од оваа зона, земјите од Западен Балкан ќе треба целосно да ги усогласат и применат правилата на ЕУ во областа на роамингот. Европската комисија ќе ја оценува усогласеноста и, доколку условите се исполнети, ќе потврди дека земјата е подготвена за приклучување.

Со овој процес ќе се формализираат и постојните доброволни договори меѓу дел од мобилните оператори од ЕУ и Западен Балкан, кои веќе нудат намалени роаминг цени за патувања меѓу двата региона.

Инаку, граѓаните на земјите од Западен Балкан веќе користат пониски тарифи за мобилни услуги во рамките на регионот благодарение на регионалниот роаминг-договор, кој стапи во сила во 2019 година.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange