Connect with us

Бизнис

Три клучни панели ќе ја отворат дебатата за иднината на дигиталните финансии на Finelevate Digital Summit 2026

Објавено

на

На 16 септември во Скопје Мериот Хотел, Finelevate Digital Summit 2026 ќе ги обедини регулаторите и претставниците на клучните институции од финансискиот сектор и технолошката индустрија за да ги отвори прашањата што веќе ја обликуваат иднината на банкарството, осигурувањето и финансиските услуги.

Организаторите најавуваат тематски богата програма, со посебен фокус на три клучни панели на кои ќе се посвети внимание на дигиталниот идентитет и интероперабилноста, новите кориснички очекувања и довербата во ерата на вештачката интелигенција. 

„Целата програма на Finelevate Digital Summit 2026 е составена многу внимателно, така што секое обраќање ќе донесе нова вредност за учесниците и воедно ќе придонесе кон градењето јасна слика каде се наоѓаме денес и кон што треба да целиме во блиска иднина. Оттаму, целта на трите панели е да ја постават дискусијата таму каде што денес се носат најважните одлуки, на точката во која се сретнуваат технологијата, институциите, регулативата и реалните потреби на клиентите,“ вели Виктор Крстевски, основач и извршен директор на Finelevate.  

Панел 1: Темелите на дигиталната трансформација – еИД, доверливи услуги и интероперабилност

Учесниците на првиот панел ќе зборуваат за улогата на државната дигитална инфраструктура, јавните регистри и давателите на доверливи услуги во развојот на безбедни, целосно дигитални и прекугранични финансиски услуги.

Посебен акцент ќе биде ставен на електронската идентификација на граѓаните, но и на сè уште недоволно развиениот дигитален идентитет за правните лица. Ќе се дискутира за можностите за далечинско отворање деловни сметки, дигитално кредитирање, електронски овластувања, квалификувани електронски потписи и печати, како и за пристап до проверени податоци од официјалните регистри.

Оваа панел дискусија ќе ја модерира Васко Кроневски, извршен директор на Nextsense, а меѓу учесниците во разговорот се Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Санела Голијанин, проект менаџер во Канцеларијата за информатички технологии и електронска управа во Владата на Република Србија и Катерина Јовановиќ, раководител на Одделението за доверливи услуги во КИБС АД Скопје.

Панел 2: Повеќе од банкарство – иднината на кориснички ориентираните финансиски услуги

Вториот панел на присутните ќе им открие како технологијата, плаќањата, кредитирањето, осигурувањето и дигиталната трговија се поврзуваат во едно интегрирано корисничко искуство. Ќе се разговара за тоа како инвестициите во технологија и трансформација да се претворат во поедноставни, подостапни и персонализирани услуги, но и како да се постигне рамнотежа меѓу иновациите, финансиската инклузија, регулативата и одржливиот деловен модел.

Панелот ќе го модерира проф. д-р Ежени Брзовска, редовна професорка на Катедрата за маркетинг при Економскиот факултет – Скопје, УКИМ а учество во дискусијата ќе земат  Филомена Пљаковска-Аспровска, извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на CaSys, д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Киро Чадиковски, Директор на Секторот за картички и трансакциски сметки во Комерцијална банка АД Скопје и Билјана Мишиќ, генерална директорка на IUTE Credit.

Панел 3: Аспектот на доверба во дигиталните финансии: ВИ, сајбер-безбедност, управување со ризици од измама и управување со податоци

Третиот панел ќе отвори едно од најважните прашања за финансискиот сектор – како институциите да ги користат вештачката интелигенција, автоматизацијата и напредната аналитика, без да ги загрозат безбедноста, усогласеноста, транспарентноста и довербата на клиентите.

Дискусијата ќе опфати и одговорно управување со ВИ, заштита на чувствителните податоци, ризици поврзани со cloud-технологиите и надворешните добавувачи, следење на перформансите и пристрасноста на моделите, како и подготовка за новите европски регулаторни рамки.

Модератор на панелот ќе биде проф. д-р Владимир Атанасовски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ. Во дискусијата ќе учествуваат Горан Јанковски, главен супервизор за информативни системи во Народната банка, Филип Симеонов, извршен директор на Tessa Security, Иле Ристов, директор за продажба во Intec System и Васко Темелковски, генерален директор на Intercert.

Повеќе информации за програмата и можностите за учество се достапни на официјалната веб страница: https://finelevate360.com

Бизнис

Korpa прв е-трговец во Македонија кој воведе плаќање преку Apple Pay и Google Pay

Објавено

на

Помалку чекори при плаќањето, поголема удобност при секоја нарачка – новите опции за плаќање преку Google Pay и Apple Pay го прават купувањето преку Korpa уште поедноставно.

Korpa, домашната онлајн палтформа за нарачка и достава на храна и намирници, е првиот е-трговец во Македонија што воведе плаќање преку Apple Pay и Google Pay. Оваа новина е особено значајна во време кога мобилниот телефон станува главен канал за секојдневно купување – од омилен оброк, до намирници и мебел за дома, па затоа се потребни повеќе можности за крајните купувачи со помалку чекори.

Корисниците очекуваат брзо нарачување и едноставно плаќање. Наспроти тоа, регулаторните барања за дополнителна автентикација при онлајн плаќање, воведени на почетокот од годинава, чија цел е обвезбедување дополнителна сигурност и заштита на корисниците, внесоа повеќе чекори при потврдување на онлајн трансакциите. Кај најголем дел од трансакциите е потребна потврда преку апликацијата на банката, што бара префрлување меѓу апликации и го прави процесот на нарачување подолг и посложен.

Како одговор на потребата за поедноставен процес, Korpa ги воведе Apple Pay и Google Pay во соработка со Шпаркасе банка и Monri, кои го овозможуваат ова техничко решение. Купувачите сега можат да платат со картичката што веќе ја имаат зачувано во својот дигитален паричник – Wallet, без потреба од дополнителна потврда преку апликацијата на банката. На овој начин, плаќањето станува побрзо и поедноставно, со високо ниво на безбедност. Овие опции се особено практични за корисниците кои претпочитаат да не ги зачувуваат податоците од своите платежни картички на платформата, бидејќи плаќаат преку картичката што веќе ја користат во својот дигитален паричник.

Покрај воведување на новите опции за плаќање, 2026 година за Korpa е во знакот на значајни новитети. Компанијата годинава ја лансираше Korpa Premium – програма за бесплатна достава и поволности за корисниците, како и Korpa Market – онлајн супермаркет кој овозможува брзо и едноставно купување намирници и производи за секојдневна употреба, со достава за околу 40 минути.

Со овие новитети, Korpa продолжува да го поедноставува секојдневното купување и дигитално искуство – од изборот на производи и плаќањето, до доставата.

Продолжи со читање

Бизнис

Македонски Телеком ја активираше првата 5G+ мрежа во Македонија – нова технологија за побрза, постабилна и приоритетна интернет-конекција

Објавено

на

Македонски Телеком официјално ја пушти во употреба првата самостојна 5G+ мрежа во Македонија, со што започнува нова фаза во развојот на мобилните комуникации во земјата. Новата технологија, позната како 5G Standalone, овозможува пофлексибилно управување со мобилниот интернет, приоритетен пристап до мрежата и развој на напредни дигитални услуги за граѓаните и компаниите.

Со воведувањето на 5G+, Македонски Телеком прави значаен технолошки исчекор во годината кога одбележува три децении од воспоставувањето на првата мобилна мрежа во Македонија.

За разлика од досегашната 5G технологија, која за дел од мрежните функции се потпира на постојната 4G инфраструктура, новата 5G+ мрежа користи самостојна архитектура. Ова овозможува понапредно управување со сообраќајот и развој на услуги приспособени на конкретните потреби на корисниците.

Што е 5G+ и по што се разликува од досегашната 5G мрежа?

Главната новина кај 5G+ не се однесува само на брзината на мобилниот интернет, туку и на начинот на кој мрежата го распределува својот капацитет.

Новата архитектура овозможува користење технологија наречена Network Slicing, односно мрежно сегментирање.

Преку оваа технологија, во рамките на една физичка мобилна мрежа може да се создадат повеќе одделни виртуелни сегменти, секој со различни карактеристики и приоритети.

Тоа значи дека одредени услуги можат да добијат посебни мрежни ресурси, во зависност од потребната брзина, стабилност и времето на реакција.

На пример, деловен видеоповик, пренос во живо или апликација што бара стабилна врска може да има различни мрежни потреби од вообичаеното пребарување на интернет.

Со 5G+, операторот добива техничка можност попрецизно да го управува квалитетот на конекцијата.

T Priority – нова услуга за приоритетен пристап до мрежата

Една од првите практични примени на новата технологија е услугата T Priority.

Таа овозможува приоритетен пристап до мобилната мрежа преку Network Slicing, особено во ситуации кога голем број корисници истовремено користат мобилен интернет.

Такви околности може да се појават на концерти, спортски натпревари, големи јавни настани или во други подрачја со зголемена мрежна оптовареност.

За деловните корисници, услугата може да биде значајна во ситуации кога стабилната интернет-конекција е особено важна за комуникација, видеоконференции или пристап до дигитални платформи.

Според информациите на Македонски Телеком, T Priority се активира преку мобилната апликација Telekom MK и важи 24 часа од моментот на активирање.

Приоритетниот пристап не треба да се поистоветува со гаранција дека интернет-конекцијата ќе биде непрекината во сите околности, бидејќи квалитетот на услугата зависи и од покриеноста, уредот и конкретните мрежни услови.

Кои корисници можат да ја користат новата мрежа?

Во почетната фаза, 5G+ е достапна за постпејд корисниците на Македонски Телеком кои ги исполнуваат техничките предуслови.

За користење на новата мрежа потребно е корисникот да се наоѓа во подрачје со 5G+ покриеност, да има соодветна SIM-картичка и телефон што ја поддржува самостојната 5G архитектура.

Дополнително, на телефонот треба да биде инсталирана најновата софтверска верзија што ја овозможува функционалноста.

Во првата фаза, поддршката е обезбедена за следните модели:

  • T Phone 3 Pro
  • Samsung Galaxy S26
  • Samsung Galaxy S26+
  • Samsung Galaxy S26 Ultra

Според најавата на компанијата, наскоро поддршка треба да добијат и моделите Xiaomi 14T Pro и Xiaomi 15.

Листата на компатибилни уреди постепено ќе се проширува.

Тоа значи дека корисниците што веќе имаат телефон со ознака 5G не мора автоматски да имаат пристап до сите функционалности на 5G+, доколку нивниот уред или софтвер не ја поддржува новата технологија.

Нови можности за компаниите и дигиталната економија

Воведувањето на самостојната 5G мрежа има значење и за развојот на дигиталните услуги во македонската економија.

Network Slicing создава технолошки предуслови за напредни решенија во индустријата, логистиката, телекомуникациите и другите дејности што зависат од сигурен и брз пренос на податоци.

Меѓу потенцијалните примени се поврзани индустриски уреди, автоматизирани системи, cloud gaming, апликации базирани на вештачка интелигенција и дигитални платформи што бараат комуникација со мало доцнење.

За компаниите, ваквите технологии можат да создадат услови за поефикасни деловни процеси и развој на нови производи и услуги.

Сепак, реалните економски придобивки ќе зависат од достапноста на соодветни комерцијални решенија, инвестициите во дигитализација и способноста на компаниите да ги применат новите технологии.

Три децении мобилни комуникации во Македонија

Лансирањето на 5G+ се совпаѓа со одбележувањето 30 години од воспоставувањето на првата мобилна мрежа во земјата.

Во изминатите три децении мобилните комуникации се трансформираа од услуга првенствено наменета за телефонски разговори во инфраструктура што поддржува дигитални плаќања, електронска трговија, работа од далечина и пристап до онлајн услуги.

Новата генерација мобилна технологија дополнително го проширува потенцијалот за дигитализација на економијата.

За банкарскиот и финансискиот сектор, понапредната мобилна инфраструктура може да биде важна основа за развој на дигиталното банкарство, мобилните платежни услуги и апликациите што бараат сигурна комуникација во реално време.

Ова не значи дека самата 5G+ мрежа автоматски ги прави финансиските трансакции побезбедни, туку дека создава дополнителни технички можности за развој на напредни дигитални решенија.

Продолжи со читање

Бизнис

ОКТА го намалува дизелот за два денари по литар, но дали ќе поевтини и на бензинските пумпи?

Објавено

на

Компанијата ОКТА воведува привремен попуст од два денара по литар дизел гориво за трговците на големо и мало, кој ќе важи од 20 октомври до 2 ноември 2026 година.

Станува збор за мерка со која компанијата има цел да го поддржи домашниот пазар на горива и да го ублажи влијанието на нестабилните цени на меѓународните пазари.

Сепак, намалувањето на цената по која ОКТА го испорачува дизелот не значи дека горивото автоматски ќе поевтини за два денара и на бензинските пумпи. Конечните малопродажни цени и понатаму ќе ги определуваат трговците, во согласност со нивните комерцијални политики и состојбите на пазарот.

Од ОКТА информираат дека оваа мерка е продолжение на активностите за поддршка на домашниот пазар што компанијата ги спроведува од март годинава. Со најновиот попуст, вкупната вредност на поддршката од март 2026 година се очекува да достигне околу осум милиони евра.

Целта на мерките е да се придонесе за поголема стабилност и конкурентност на пазарот на горива во земјава, во услови на неизвесност на глобалните енергетски пазари.

Дали возачите ќе почувствуваат олеснување при полнењето гориво, ќе зависи од одлуките на бензинските пумпи, односно од тоа дали и во колкав износ ќе го пренесат добиениот попуст врз крајните потрошувачи.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange