Connect with us

Банки

До крајот на овој месец граѓаните ќе можат да вршат увид во надоместоците за платежни услуги на банките, на веб-страницата на Народната банка

Објавено

на

Народната банка на својата интернет-страница до крајот на овој месец ќе започне да објавува споредбени податоци за видот и висината на надоместоците за најрепрезентативните услуги поврзани со платежните сметки, по поединечен давател на платежни услуги (по банка). Овие активности на централната банка се преземаат за натамошно зајакнување на заштитата на граѓаните како потрошувачи на овие услуги и се овозможени со новиот Закон за платежни услуги и платни системи. Со пристапот до овие податоци, граѓаните ќе  можат да споредат и да проценат кои услуги и производи соодветствуваат најмногу на нивните потреби. Покрај транспарентноста, се очекува дека оваа мерка ќе придонесе и кон повисока конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги, а со тоа и кон понуда на поповолни услови.

За оваа цел, Народната банка подготви листа од 11 најрепрезентативни услуги поврзани со платежната сметка за кои редовно, на воедначен начин, ќе прибира податоци за надоместоците од секој давател на платежни услуги, коишто за граѓаните ќе бидат достапни преку посебна платформа за споредба на надоместоците, што веќе ја изработија стручните служби на централната банка. Платформата ќе им овозможи на граѓаните на прегледен начин да прават споредби на надоместоците за одделен производ или услуга, кога одлучуваат кај кој давател да користат платежни услуги.

Новиот Закон за платежни услуги и платни системи, којшто стапи на сила на почетокот на годинава, обезбедува добра правна рамка за заштита на правата на граѓаните како потрошувачи на платежни услуги. За првпат во историјата на користењето на платежните услуги во нашата земја се воведува законска обврска за давателот да ги уреди правата и обврските на потрошувачите со рамковен договор во стандардизирана форма, во којшто треба да биде содржан и задолжителен сет информации, вклучително и за можностите и условите под кои може да биде изменет или раскинат. Притоа, од посебно значење за заштитата на потрошувачот е законската обврска за давателот на платежните услуги да му даде информативен документ за надоместоците, пред потрошувачот да се обврзе да ги користи неговите платежни услуги со рамковниот договор. Информативниот документ за надоместоците е стандардизиран и има за цел да им обезбеди на потрошувачите споредливи информации за надоместоците за најчесто користените платежни услуги во Република Северна Македонија, или т.н. најрепрезентативни услуги. Давателот има законска обврска да доставува извештај за наплатените надоместоци до потрошувачот, најмалку еднаш годишно.

Business Woman

Потврден континуитетот во Стопанска банка АД – Скопје: нов мандат за Мирјана Трајановска како Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје соопшти дека г-ѓа Мирјана Трајановска е повторно назначена за Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор на Банката.

Од Банката истакнуваат дека г-ѓа Трајановска својата професионална кариера ја градеше во рамките на Стопанска банка АД – Скопје, стекнувајќи долгогодишно искуство и експертиза во клучните области на банкарското и финансиското работење. Преку нејзиното досегашно раководење, таа даде значаен придонес во развојот, трансформацијата и стабилното работење на Стопанска банка АД – Скопје.

„Повторното назначување претставува потврда за довербата во нејзиното професионално и институционално знаење, лидерство, посветеност и искуство“, наведуваат од Стопанска банка АД – Скопје.

Банката ѝ упати честитки на г-ѓа Мирјана Трајановска за новиот мандат и изрази уверување дека таа и во наредниот период ќе продолжи да придонесува кон остварувањето на стратешките цели на Стопанска банка АД – Скопје и создавањето долгорочна вредност за клиентите, вработените, акционерите и пошироката заедница.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ прави клучен потег во трката за Адико Банка: ги менува условите за да ја добие битката со Рајфајзен Банк

Објавено

на

Словенечката Нова Љубљанска Банка (НЛБ) најави дека ќе го намали минималниот праг на прифаќање во својата понуда за преземање на Адико Банка од над 75% на над 50%, по добивањето одобрение од Австриската комисија за преземање. Воедно, банката ќе го продолжи и рокот за прифаќање на понудата.

Одлуката доаѓа само неколку дена откако конкурентот Рајфајзен Банк Интернешнл (РБИ) го намали сопствениот праг на прифаќање на над 55%, со што дополнително се интензивира битката за преземање на австриската банка фокусирана на пазарите во Југоисточна Европа.

НЛБ моментално нуди 37 евра по акција, што е значително повеќе од понудата на Рајфајзен Банк Интернешнл (РБИ) од 26,5 евра по акција. Главниот извршен директор на НЛБ, Блаж Бродњак, изјави дека намалувањето на прагот треба да им даде поголема сигурност на акционерите дека понудата успешно ќе биде реализирана, нагласувајќи дека таа и понатаму останува највисока на пазарот.

Двете понуди остануваат отворени до 22 јули, а НЛБ потсети дека акционерите кои веќе ја прифатиле понудата на Рајфајзен Банк Интернешнл (РБИ) имаат можност да ја повлечат својата согласност и да се определат за понудата на словенечката банка.

Адико Банка работи во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, каде што опслужува околу 900.000 клиенти преку мрежа од 155 филијали и други дигитални канали.

За НЛБ, преземањето би значело дополнително зајакнување на регионалното присуство и индиректен влез на хрватскиот банкарски пазар, додека за Рајфајзен Банк Интернешнл (РБИ) аквизицијата претставува можност за зголемување на пазарниот удел во Хрватска и повторен влез на словенечкиот пазар. НЛБ веќе ги обезбеди потребните одобренија за концентрација во Австрија, Србија и Македонија, а постапките пред останатите регулаторни тела сè уште се во тек.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје нуди промотивна каматна стапка од 4,9 отсто за сите купувања направени со Mastercard Platinum кредитната картичка до крајот на годината.

Картичката е наменета за корисници кои, покрај можноста за плаќање на кредит, бараат и дополнителни поволности при патување.

Меѓу придобивките се бесплатен пристап до повеќе од 1.800 аеродромски деловни салони преку програмата LoungeKey, како и можност за користење дополнителни поволности преку Mastercard Travel Rewards.

Барање за картичката може да се поднесе онлајн преку интернет-страницата на банката, преку услугата 24/7 АлоКредит на телефонскиот број (02) 15 110 или во најблиската филијала на Стопанска банка.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange