Банки
Ангеловска-Бежоска: Потребни се квалитетни инвестиции и зголемување на продуктивноста за подигнување на потенцијалот за раст на економијата
Народната банка за наредната година очекува умерено забрзување на растот којшто би се искачил на 3,3%, со позитивен придонес од сите компоненти на растот, меѓу кои и најавениот јавен инвестициски циклус и повисокиот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува забрзување на извозот со понатамошно закрепнување на светските услови, како и позитивен придонес на личната потрошувачка при раст на расположливиот доход и очекувања за солидно кредитирање на населението. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап. Ова го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Македонското радио“.
Ангеловска-Бежоска ги посочи трите основни фактори за економскиот раст на една економија − продуктивноста, човечкиот и физичкиот капитал, чиј обем зависи од јавните и приватните инвестиции. За следната година се очекува одредено подобрување кај инвестициите, дури и на среден рок, поради најавениот посилен јавен инвестициски циклус и позначителниот прилив на странските директни инвестиции. Се очекува дека растот на инвестициите во просек ќе изнесува околу 7%. Притоа, Ангеловска-Бежоска посочи дека странските директни инвестиции во првите три квартали од оваа година надминаа 800 милиони евра. „Доколку продолжат овие трендови, тоа е добар сигнал за засилување на инвестициската активност и зголемување на потенцијалот за раст“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска и додаде дека се потребни значителни реформски зафати за да се подигне нивото на продуктивноста во нашата економија, којашто во моментов е половина од просечното ниво на продуктивноста во ЕУ.
Гувернерката ја истакна и важноста на извозот, како значајна алатка за малите економии, коишто немаат сопствен голем пазар и се упатени на пласирање на своето производство на странските пазари. „Постојат голем број емпириски истражувања коишто ги поврзуваат степенот на надворешната трговија во една земја (извозот) и степенот на конвергенција. Кај нас во последните две декади доходовната конвергенција е двојно зголемена, меѓу другото поради големото зголемување на извозот од 70% на 150% од БДП, со што сме земја со најголема трговска отвореност во регионот на Западен Балкан. Имавме поголем пад на извозот во периодот на пандемијата, меѓутоа потоа следеше процес на постепено закрепнување. Во последниот период има одредено стабилизирање, при што главно овие трендови се во согласност со светските трендови каде што се гледа забавување на растот на светската трговија којшто се сведе на 0,8%. Врз македонската економија влијаеа и одредени специфични домашни фактори, односно привременото неработење на одредени капацитети од металопреработувачката и автомобилската индустрија, за кои се надеваме дека се од привремен карактер и за кои сметаме дека од наредната година ќе придонесат кон солидно забрзување на извозот од 5,8% на среден рок“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
За време на гостувањето гувернерката Ангеловска-Бежоска им го честиташе осумдесетгодишниот јубилеј на сите генерации вработени во „Македонското радио“, посакувајќи им натамошни успеси негувајќи го духот на македонската традиција.
Банки
Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?
Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.
Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.
Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.
Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.
Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.
Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.
Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.
Банки
Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка
Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.
Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.
Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:
- Емилија Спировска
- Стевче Кузмановски
- Милан Дамчевски
- Маја Михајлова
Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.
Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.
Банки
4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој
НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.
Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и порационална потрошувачка.
НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.
Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.
Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот
Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.
Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.
*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката





