Connect with us

Анализи

АНАЛИЗА: Кешот vs дигиталната ера – дали граѓаните ќе им останат верни на банкоматите?

Објавено

на

Во набиената агенда на гувернерот Трајко Славески влезе и одлуката да им овозможи на граѓаните бесплатно повлекување пари од банкомат, без провизија независно на која банка е банкоматот. Според најавата, НБРМ предлага граѓаните да имаат право на четири бесплатни повлекувања готовина месечно од банкомати на други банки, при што износот на една трансакција да не биде поголем од 2.000 денари.

Образложението на гувернерот Славески е да на граѓаните да им обезбеди полесен и подостапен пристап до готовина, без разлика во која банка ги чуваат парите. Според него, и покрај дигитализацијата, готовината останува важна за мнозинството граѓани, кои ја користат за секојдневните потреби. И тој лично смета дека секој треба да има дома готовина барем за неколку дена до една недела затоа што анонимноста и слободата на кешот треба да се почитуваат.

Оваа мерка се очекува да стапи во сила почетокот на 2026 година. Имајќи предвид дека има банки во земјава кои им овозможуваат на своите клиенти без провизија да подигаат пари од банкомат и од други банки, Славески има еден аргумент зошто и другите банки би можеле да го овозможат тоа.

Како добар аргумент му дојде и информацијата од Грција дека од 11 август кај нашиот јужен сосед стапи на сила ново законодавство, донесено од Министерството за економија и финансии, со кое се укинуваат речиси сите трошоци поврзани со подигање готовина од банкомат. Целосно се укинаа провизиите за подигање готовина помеѓу сите банки кои учествуваат во националниот интербанкарски систем DIAS. Нема провизии за трансакции преку банкомати на трети страни во случај кога постои директна или индиректна сопственичка поврзаност помеѓу банките, ниту за подигање готовина во рурални средини и општини каде има само еден банкомат.

Тргнавме од најновата идеја на НБРМ и анализиравме колку таа ќе им користи на граѓаните во земјава. Зошто гувернерот Славески смета дека граѓаните ќе заштедат доколку им се овозможи да повлекуваат пари од банкомат бесплатно (барем 4 пати месечно)?

Веројатно затоа што граѓаните се уште многу го сакаат кешот. Повеќе од половина од вредноста на домашните платежни трансакции со картички се однесува на подигање готовина на банкомат. Заклучно со март оваа година, вкупната вредност на платежните трансакции со картички од страна на физички лица изнесува 31,6 милијарди денари, од кои 16,7 милијарди се повлечени на банкомат. Безготовински се потрошени 10,6 милијарди денари преку трансакции на ПОС терминал и 2,4 милијарди денари преку онлајн трансакции во е-трговија.

Овие бројки веројатно се доволно големи за централната банка да процени дека укинувањето на провизиите за повлекување готовина на банкомат е доволно значајна мерка за да ги намали дел од трошоците на граѓаните за банкарски услуги. 

Исто така, факт е и дека граѓаните тешко се откажуваат од навиката да користат готовина како пари што им се 24/7 на располагање и на картичката, во телефонот преку Apple Pay, Google Pay, Garmin Pay или пак за вршење онлајн трансакции. Не ги разубедува ниту фактот дека добар дел од банкарските услуги преку електронско банкарство се бесплатни или со многу пониски трошоци од тие што се вршат на шалтер.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во првите три месеци оваа година вкупната вредност на готовината повлечена на банкомат изнесува 48,1 милијарди денари, а во истиот период претходната година била 45 милијарди денари. Годишниот раст изнесува 6,8%. Во исто време, вредноста на платежните трансакции на ПОС терминали е зголемена за 6,2%, од 28,4 милијарди денари во првиот квартал од 2024 на 30,2 милијарди во истиот квартал годинава. Вредноста на трансакциите пак во е-трговија бележи најголем раст од дури 20%. Во првите три месеци лани биле извршени трансакции во вредност од 6 милијарди денари, а годинава од 7,1 милијарда денари. 

Вредност на трансакции со картички јануари-март 2024/2025 (денари)

Ако се погледне возрасната структура на граѓаните што вршат трансакции со картички, може да се забележи дека помладите подеднакво повлекуваат пари на банкомат или плаќаат директно со картичка или онлајн. Во 2024 година, според последно објавените податоци на Народната банка, граѓаните на возраст од 35 до 44 години, на банкомат повлекле 42,1 милијарда денари, на ПОС терминал платиле 32,6 милијарди денари, а во е-трговија 6 милијарди денари. Тие на возраст од 45 до 54 години, на банкомат повлекле 38,8 милијарди денари, на ПОС терминал поминале 28,3 милијарди денари, а во е-трговија 4,4 милијарди денари. Најлош е соодносот кај граѓаните на возраст над 55 години, кои на АТМ повлекле 73,7 милијарди денари, на ПОС терминал платиле 37,7 милијарди денари, а во е-трговија само 4,6 милијарди денари.

Анализи

Банкарските врски: Кои финансиски институции му давале услуги на Епстин?

Објавено

на

Џефри Епстин, озлогласениот сексуален престапник, долго време беше предмет на внимание не само поради неговите криминални активности. Истражувањата за неговите финансии откриваат сложена мрежа на банкарски односи кои овозможиле акумулација на неговото богатство и функционирање на наводната криминална мрежа. Разбирањето кои финансиски институции му давале услуги на Епстин е клучно, не само за следење на текот на средствата, туку и за разгледување на одговорноста на банките во откривање и спречување нелегални финансиски активности. Овој текст ги анализира банкарските врски на Епстин, правните и етичките импликации, како и влијанието врз меѓународните дискусии за финансиски надзор.

Финансиски профил на Епстин: Преглед

Џефри Епстин акумулирал значително богатство низ децении, главно преку приватно банкарство, управување со инвестиции и врски со ултра-богати поединци. Судски документи и истражувачки извештаи откриваат дека неговото портфолио вклучувало офшор сметки, недвижности и сложени трустови. Иако јавно се претставувал како финансиер, голем дел од неговото богатство останува нејасен, што отвора прашања за улогата на финансиските институции во овозможувањето или недоволното следење на неговите активности.

Финансиските експерти посочуваат дека профилот на Епстин бил типичен за клиенти кои бараат дискретност и приватност. Банките што им служат на вакви клиенти често нудат специјализирани услуги како приватно банкарство, управување со средства и офшор структурирање. Иако овие услуги се легални и легитимни во многу случаи, примерот со Епстин покажува како богатите клиенти можат да ги злоупотребат овие системи за нелегални цели.

Познати банкарски врски

Неколку банки и финансиски институции се поврзани со финансиските активности на Епстин преку судски документи, медиумски истраги и регулаторни извештаи:

JPMorgan Chase: Документи покажуваат дека Епстин имал сметки и користел услуги за приватно банкарство во оваа банка. Банката се соочи со прашања околу степенот на внимателност во однос на неговите активности. Според регулаторни поднесоци и интерни меморандуми, односот бил прекинат по засилен јавен притисок и обелоденување на неговото криминално минато.

Bear Stearns (пред преземањето од JPMorgan): Извештаи укажуваат дека Епстин имал финансиски активности преку оваа инвестициска банка, особено во областа на управување со богатство и инвестициски советувања, со користење сложени финансиски инструменти наменети за клиенти со висока нето-вредност.

Deutsche Bank: Истражувањата открија дека банката одржувала сметки поврзани со Епстин. Подоцнежните проверки на нејзините практики за спречување перење пари укажаа на пропусти во следењето на високоризични клиенти, што доведе до внатрешни ревизии и регулаторни казни.

Други офшор институции: Портфолиото на Епстин наводно вклучувало офшор сметки на Карибите и во европски јурисдикции, често преку трустови или фиктивни компании, што овозможувало прикривање на сопственоста и текот на средствата. Иако овие структури се легални, нивната непрозирност ги прави ранливи за злоупотреба.

Објавувањето на судски документи и финансиски записи продолжува да ја осветлува сложената банкарска мрежа што го поддржувала Епстин.

Улогата на приватното банкарство

Случајот со Епстин ја нагласува улогата на приватното банкарство во управувањето со богатство за елитни клиенти. Приватните банки нудат персонализирани услуги, вклучувајќи управување со инвестиции, администрирање трустови и даночно планирање, со висок степен на дискретност.

Во неговиот случај, оваа приватност можеби му овозможила да консолидира големи суми пари со ограничена јавна транспарентност. Истражителите посочуваат дека ваквото ниво на приватност, иако легално, може да се злоупотреби за перење пари, даночно затајување или прикривање на финансиски аспекти на криминални мрежи.

Правни и етички импликации

Вклученоста на големи банки во финансискиот екосистем на Епстин отвори неколку клучни прашања:

Спречување перење пари (AML): Банките имаат законска обврска да следат сомнителни трансакции. Случајот отвори прашања дали процедурите биле доследно применети.

„Know Your Customer“ (KYC): Протоколите за идентификација и проверка на клиентите треба да откријат ризици. Критичарите тврдат дека биле игнорирани предупредувачки знаци.

Репутациски ризик: Поврзаноста со Епстин имаше сериозни последици по угледот на банките. Граѓанска и регулаторна одговорност: Можно е банките да се соочат со тужби или казни доколку се утврди дека не пријавиле сомнителни активности.

Меѓународна димензија

Финансиските активности на Епстин не биле ограничени само на САД. Неговите офшор сметки и инвестиции во европски јурисдикции привлекуваат внимание од меѓународните регулатори. Земји со строги закони за банкарска тајна, како Швајцарија и одредени карибски држави, биле под притисок за соработка.

Меѓународни тела го посочуваат случајот како пример за потребата од глобална координација во борбата против финансиски криминал.

Поуки за финансиските институции

Случајот нуди неколку јасни лекции:

-Засилена проверка на високоризични клиенти

-Баланс меѓу приватност и транспарентност

-Меѓународна регулаторна соработка

-Силно корпоративно управување и етички стандарди

Пошироки импликации

Банкарските врски на Епстин ја истакнуваат важноста на финансискиот надзор во борбата против трговија со луѓе и експлоатација. Следењето на паричните текови може да обезбеди клучни докази за криминални мрежи. Регулаторните агенции сè повеќе ја нагласуваат оваа врска.

Заклучок: Пресекот меѓу финансиите и криминалот

Банкарските врски на Џефри Епстин откриваат сложена интеракција меѓу богатството, тајноста и криминалната активност. Иако многу институции формално работеле во рамките на законите, остануваат прашања за нивниот надзор и етичка одговорност.

Случајот служи како предупредување дека строга усогласеност, внимателен мониторинг и глобална соработка се неопходни за спречување злоупотреби. Истовремено, тој потсетува дека богатството и привилегијата не смеат да бидат штит од законска одговорност и јавна контрола.

Продолжи со читање

Анализи

Трошоците за живот поскапени за 3,2 проценти за една година!

Објавено

на

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, е намалена за 0,7%, додека цените на мало бележат пад од 2,7%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, трошоците на живот во јануари 2026 година во однос на јануари 2025 година бележи зголемување од 3,2 %, а индексот на цените на мало се покачил за 1,2% во споредба со јануари 2025 година.

Месечниот пад на инфлацијата е резултат на значително поевтинување кај транспортот (-9,3%), како и намалување на цените во групите информации и комуникации (-1,6%), рекреација, спорт и култура (-1,5%), облека и обувки (-1,2%) и лична нега и разновидни услуги (-0,5%).

Истовремено, зголемување на трошоците е забележано кај домувањето и енергенсите (+1%), покуќнината (+1%), рестораните и хотелските услуги (+0,7%), како и кај образованието и алкохолните пијалаци (+0,1%).

На годишна основа, најголем раст на цените е регистриран кај покуќнината и апаратите за домаќинство (5,8%), храната (5,5%) и алкохолните пијалаци (5,3%). Кај индустриските прехранбени производи цените се зголемени за 4,8%, а кај земјоделските производи за 3,2%.

Од јануари 2026 година, Државниот завод за статистика започна со примена на новата европска класификација ECOICOP 2, усогласена со стандардите на Евростат и Обединетите нации, без промени во методологијата на пресметка на индексите.

Фото: ВИ

Продолжи со читање

Анализи

БУМ НА ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ: Квадратот стигна до 3.000 евра – дали купувањето стан стана луксуз?

Објавено

на

Пазарот на недвижности во Македонија продолжува со силен раст – во последниот квартал од 2025 година се изградени и регистрирани 1.004 нови станови, што е за 159 повеќе од претходниот квартал, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини. Истовремено, цените на недвижностите бележат раст од 25% на годишно ниво.

Во Агенцијата за катастар се евидентирани и 27.522 листови за предбележување градба, што укажува на значителен број нови објекти кои допрва ќе влезат на пазарот, дополнително засилувајќи ја градежната активност.

Највисоката цена по квадратен метар е регистрирана во општина Центар, каде што стан од 83 квадратни метри е продаден по цена од 182.404 денари за квадрат (околу 3.000 евра). Најголем број станови се продадени во Аеродром – вкупно 304, додека најмногу куќи се продадени во Битола (91). Продажбата на деловни простории е најизразена во Центар, земјоделско земјиште и шуми најмногу се тргувале во Куманово, а градежно земјиште во Ѓорче Петров.

Во четвртиот квартал се реализирани вкупно 9.283 трансакции со недвижности, од кои 6.230 купопродажби и 3.053 договори за закуп. Најголем обем на трансакции е регистриран во Центар, Аеродром и Штип.

Податоците на Народната банка потврдуваат дека цените на недвижностите во последниот квартал од 2025 година пораснале за 25% на годишно ниво, додека Државниот завод за статистика бележи 304 одобренија за градење во ноември, за изградба на 761 стан, најмногу во Скопскиот регион.

Сите индикатори упатуваат дека побарувачката за станбен простор останува висока, а ценовниот тренд и понатаму е нагорен, особено во Скопје и поголемите урбани центри.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange