Connect with us

Анализи

Донација од Комерцијална банка вредна 6 милиони денари за изградба на градинка „Верверичка“ во Кисела Вода

Објавено

на

Комерцијална банка продолжува со својот придонес за општественото добро со донирање 6 милиони денари за изградба на градинка „Верверичка“, со што на жителите на оваа општина ќе им обезбеди дополнителен современ и удобен простор за згрижување на нивните деца.

Со свечено поставување на камен темелникот денеска започна изградбата на новата градинка, која ќе биде осмиот објект во рамките на градинката „Весели Цветови“.

Новата градинка „Верверичка“ се очекува летово да ги прими првите дечиња, кои благодарејќи на донацијата од Комерцијална банка и од Општина Кисела Вода ќе добијат нов модерен простор за нивните игри, дружби и први едукативни часови.

Со оваа донација Комерцијална банка ја продолжува својата општествено одговорна мисија за помагање и создавање подобро општество за сите. Грижата за здраво и весело детство ја препознаваме како приоритет на секое општество и затоа Комерцијална банка со повеќе свои донации и проекти досега придонесе за подобри услови за образование, лекување и грижа за децата.

„Огромно е задоволството кога новата година ја започнуваме со нова благородна мисија, со која ќе обезбедиме модерна градинка за дечињата од Кисела Вода. Комерцијална банка е особено горда на секој свој придонес кој значи подобра грижа, поздрав раст и повесели денови за секое дете. Затоа дониравме за реновирање на Детската клиника за кардиологија и ревматологија. Затоа помагаме за опремување сензорни соби во училиштата. Го поттикнуваме инклузивното општество во кое сите треба да имаме еднакви можности. А, донацијата за изградба на градинка во Кисела Вода дефинитивно ни го стопли срцето во овие студени денови затоа што значи уште едно весело катче исполнето со детска смеа и дружба“, изјави на свеченоста д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и в.д. директорката на ЈДГ „Весели цветови“, Мануелка Ивановска, изразија голема благодарност до Комерцијална банка за донацијата.

„Во новата градинка најмногу место ќе има за најмалите дечиња кои чекаат да бидат запишани во јасли, што за мене како градоначалник е убава вест бидејќи е сигурен знак дека нашата општина расте. Децата се нашиот највреден ресурс и инвестирањето во нив е најзначајниот влог што можеме да го направиме. Убаво е да се има сојузници во оваа значајна мисија и затоа сакам да се заблагодарам на Комерцијална банка АД Скопје, со која заеднички преку финансиско партнерство го градиме овој нов објект. За реализација на овој проект Општина Кисела Вода обезбеди 8 милиони денари, а Комерцијална банка учествува со значајни 6 милиони денари“, изјави Ѓорѓиевски.

В.Д. директорката Ивановска истакна дека градинката „Весели Цветови“ успешно работи во делот на воспитно-образовната и згрижувачка дејност со 1.200 деца од предучилишна возраст.

„Со новиот објект „Верверичка“ добиваме 6 нови занимални за над 110 дечиња, што значи унапредување на можностите за нашите најмлади, за нашата иднина. Уште еднаш благодарам за помошта, соработката и поддршката што ја имаме од Општина Кисела Вода, како и на Комерцијална банка АД Скопје, која како дел од својата корпоративна општествена одговорност ги препозна благородните цели и се вклучи во реализацијата на овој проект“, изјави Ивановска.

Комерцијална банка како истакнат лидер во доменот на корпоративната општествена одговорност со секоја своја донација активно придонесува за постигнување повисоки општествени цели и благосостојба, а во истовреме создава и вредности за новите генерации, како и примери кои треба да инспирираат и да поставуваат уште поголеми цели.

Анализи

Златото нагло падна за над 4% под притисок на силниот долар и геополитичките тензии

Објавено

на

Цената на златото забележа остар пад од над 4% за време на европското тргување, повлекувајќи се од двонеделен максимум достигнат претходно во азиската сесија и насочувајќи се кон прва загуба по пет дена раст.

Падот следува по забрзаното прибирање профити од инвеститорите, но и по зајакнувањето на американскиот долар во однос на кошницата светски валути. Индексот на доларот порасна за 0,65%, што дополнително изврши притисок врз цената на благородниот метал.

Цената на златото денеска се намали за 4,3% на 4.554 долари, откако претходно достигна врв од 4.800 долари, највисоко ниво од 19 март.

Пазарите реагираа и на најновите геополитички случувања поврзани со воените активности на САД кон Иран, што ја зголеми неизвесноста кај инвеститорите.

Истовремено, цените на нафтата пораснаа за околу 9%, достигнувајќи највисоки нивоа во последните четири недели, поради стравувањата од нарушување на снабдувањето од регионот на Персискиот Залив, особено поради затворањето на Ормутскиот теснец.

Зголемените цени на нафтата ги засилија очекувањата за можно зголемување на каматните стапки во САД. Според пазарните проценки, веројатноста за зголемување на каматите порасна на 5%, додека шансите тие да останат непроменети се намалија.

Инвеститорите внимателно ги следат и податоците од американскиот пазар на труд, вклучително и неделните барања за надомест за невработеност и извештајот за вработеноста за март.

Аналитичарите оценуваат дека падот на златото доаѓа по неколкудневен раст и дека оптимизмот на пазарите бил претеран, што довело до корекција на цената.

Во меѓувреме, залихите на најголемиот златен ETF фонд, SPDR Gold Trust, се зголемија за 3,72 тони, достигнувајќи вкупно 1.050,99 тони.

Продолжи со читање

Анализи

Трамп пред една година ја преобликува глобалната трговија: Последиците сè уште се чувствуваат

Објавено

на

Една година откако американскиот претседател Доналд Трамп објави „економска независност“ и воведе сеопфатни царини кон речиси сите земји, последиците од оваа одлука сè уште силно се чувствуваат во глобалната трговија.

На 2 април 2025 година, Белата куќа воведе основна царина од 10 отсто за целиот увоз, додека за 85 земји кои имаат трговски суфицит со САД беа предвидени и повисоки стапки, до 50 проценти. Овој потег предизвика силни потреси на глобалните пазари, а берзите веднаш забележаа пад.

Иако американскиот Врховен суд подоцна ја оспори законитоста на мерката, администрацијата продолжи со нејзина примена, а по неколку одложувања, дел од царините стапија во сила во август 2025 година.

Во пресрет на новите мерки, американските компании масовно ги зголемија залихите, при што увозот во првите три месеци од 2025 година порасна за околу 20 проценти, односно за дополнителни 184 милијарди долари.

Промените во трговските текови беа значајни. Увозот од Кина најмногу опадна, за 66 милијарди долари, додека компаниите се пренасочија кон земји со пониски царини, како Австралија и дел од Латинска Америка. Истовремено, некои азиски економии како Тајван и Виетнам дури и го зголемија извозот кон САД.

Сепак, анализите покажуваат дека царините не довеле до очекуваното враќање на производството во САД. Напротив, најголемиот товар го сносат американските потрошувачи. Проценките се дека во 2025 година секое домаќинство во САД било дополнително оптоварено со околу 1.000 долари поради повисоките цени.

Од друга страна, приходите од царини значително пораснаа и достигнаа 287 милијарди долари, што е речиси трипати повеќе од претходните години.

Глобалната трговија во меѓувреме стана многу понеизвесна, со чести промени на правилата и нови закани со царини. Владите ширум светот се обидуваат да им помогнат на компаниите да најдат нови пазари и да ги диверзифицираат синџирите на снабдување.

Експертите оценуваат дека токму таа адаптација може да биде единствениот позитивен ефект од оваа криза.

Извор: DW

Продолжи со читање

Анализи

Нафтата во силен подем, среброто прави пауза пред нов раст

Објавено

на

Цените на суровата нафта бележат раст во последното тргување, поттикнати од поддршката на 50-дневниот експоненцијален подвижен просек (EMA50), што обезбедува силен позитивен импулс за натамошно зголемување.

Според анализата на Economies.com, краткорочниот тренд останува јасно нагорен, при што цената се движи долж поддржувачка тренд линија, што дополнително ја зацврстува стабилноста на растечкиот тренд.

Дополнително, индикаторите за релативна сила покажуваат позитивни сигнали, особено по формирањето на позитивна дивергенција, што укажува на зајакнување на нагорниот импулс и зголемени шанси за продолжување на растот во блиска иднина.

Во однос на среброто, ситуацијата е малку поинаква. Цената бележи привремен пад во текот на последното тргување, под влијание на негативни сигнали од истите индикатори.

Сепак, ова движење се оценува како корективно, со цел да се создаде нов позитивен импулс кој би овозможил продолжување на растот. И покрај падот, цената на среброто и натаму се движи во рамки на краткорочен нагорен тренд, поддржан од тренд линија која останува стабилна.

Дополнителна поддршка доаѓа и од фактот што цената се задржува над EMA50, што создава силна основа за можен брз опоравок во наредниот период.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange