Uncategorized
Новата платформа за отворено банкарство на КИБС достапна за сите банки и финтек-компании во државата
Отсега, финтек-компаниите и банките ќе може да понудат нови услуги користејќи ја платформата за отворено банкарство на КИБС.
Новолансираната платформа за отворено банкарство на КИБС овозможува вмрежување на финтек-компаниите и банките, а тоа ќе донесе голем број придобивки за сите крајни корисници, односно за компаниите и за граѓаните. Преку оваа платформа, финтек-компаниите ќе имаат можност на корисниците да им понудат дигитални решенија за пристап до банкарските услуги: иницирање плаќања и информации за сметки.
Отвореното банкарство е новитет во платежниот сектор предвиден со Законот за платежни услуги и платни системи, кој е усогласен со постојната регулатива на ЕУ и нуди низа придобивки. Меѓу најважните придобивки од спроведувањето на отвореното банкарство е зголемената понуда на разновидни и современи дигитални решенија за пристап на корисниците до банкарските услуги, со тренд новата дигитална технологија да пристапува и до останатите финансиски услуги. Користењето, пак, на оваа финансиска технологија води до друга важна придобивка – зголемување на безготовинските плаќања.
Како пионери на ова поле, Комерцијална Банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје се првите банки во земјава кои заедно со КИБС го започнаа патот за трансформација кон новата платежна инфраструктура во земјата и истите се дел од платформата за отворено банкарство на КИБС. Нивните развојни портали се достапни на https://ob.kb.mk/, односно на https://ob.stb.kibs.mk/.
Платформата за отворено банкарство на КИБС е отворена за пристапување за останатите банки во државата и за сите заинтересирани финтек-компании, кои преку неа може да развиваат свои решенија за отворено банкарство и да го тестираат поврзувањето со системите на банките.
Uncategorized
НЛБ Фондови со нов инвестициски прашалник за полесен избор на фондови
НЛБ Фондови АД Скопје ги повикува граѓаните да го откријат својот инвестициски профил преку нов онлајн инвестициски прашалник, наменет да им помогне полесно да ги разберат сопствените финансиски цели и односот кон ризикот.
Од компанијата информираат дека прашалникот се состои од пет едноставни прашања, преку кои корисниците можат да добијат подобра слика за тоа колкав ризик се подготвени да преземат при инвестирање и кои видови фондови најмногу одговараат на нивните потреби.
Според НЛБ Фондови, алатката помага да се утврди дали инвеститорот е повеќе насочен кон сигурност или е подготвен да прифати повисок ризик со цел да оствари потенцијално поголем принос. Дополнително, корисниците добиваат насоки за тоа дали за нив се посоодветни акциски, комбинирани, обврзнички или парични фондови.
По завршувањето на прашалникот, достапен е и персонализиран PDF извештај со препорачан инвестициски сооднос.
Од НЛБ Фондови нагласуваат дека прашалникот има исклучиво информативна намена и не претставува инвестициски совет. Како што посочуваат, одлуките за вложување треба да се носат по внимателно разгледување на ризиците и карактеристиките на фондовите.
Uncategorized
ЦКБ со умерен раст и зголемена претпазливост оствари добивка од 13,6 милиони денари во 2025 година
Централна кооперативна банка АД Скопје ја заврши 2025 година со добивка од 13,64 милиони денари, остварена во четвртото тримесечје, во услови на сложено макроекономско опкружување, растечка инфлација и зголемени каматни стапки. Банката работеше во средина на стабилен раст на потрошувачката и инфраструктурни инвестиции, но и под влијание на геополитички ризици и рестриктивна монетарна политика.
Силен раст на билансот и солидна кредитна активност
Во текот на 2025 година, вкупната актива и пасива пораснаа за 17%, со што е остварување од 108% од деловниот план. Кредитите и побарувањата од комитенти бележат раст од 5%, при што планот е исполнет со 97%, а најголем дел од растот произлегува од кредитирање на физички лица.
Паричните средства и паричните еквиваленти се зголемени за 17%, додека вложувањата во хартии од вредност бележат значително повисоко ниво и се 46% над планираното, што укажува на повисока ликвидносна заштита и конзервативен пристап во управувањето со средствата.
Раст на депозитите, но и на каматните расходи
Депозитната база на Банката е зголемена за 20% во однос на крајот на 2024 година и за 10% над планот, како резултат на зголемените каматни стапки на депозитите. Овој тренд директно се одрази и врз трошоците, оттука расходите за камати се повисоки за 15% на годишно ниво и за 9% над планираното.
И покрај тоа, Банката оствари раст на вкупните приходи од камати од 9%, а нето-каматниот приход е зголемен за 6%, што укажува на релативно успешно менаџирање на каматниот маргин во услови на силна конкуренција.
Провизии, трошоци и влијание на МСФИ 16
Приходите од провизии бележат годишен раст од 7%, но остануваат 6% под планот, додека нето-приходите од провизии се зголемени симболично за 1%. Трошоците за вработени се повисоки за 12%, во линија со планираното, а останатите оперативни расходи се зголемени за 8%.
Значителен раст е забележан кај расходите за амортизација (+69%), како резултат на примената на МСФИ 16, што влијаеше и врз растот на недвижностите и опремата од 25% на годишно ниво.
Зголемени резервации и судски ефект
Во текот на 2025 година, Банката издвои 10,67 милиони денари нето резервации за кредитен ризик, што претставува зголемување од 5,21 милиони денари во однос на претходната година. Дополнително, еден судски спор имал материјално значајно негативно влијание врз финансискиот резултат.
Без дивиденда и фокус на стабилност
ЦКБ во 2025 година не исплати дивиденда, задржувајќи конзервативна политика на капитал и ликвидност. Во делот на задолжувањата, Банката користела кредитна линија од Развојната банка на СМ во износ од 27,5 милиони денари.
Очекувања: претпазлив оптимизам и фокус на квалитет
За наредниот период, ЦКБ очекува постепена стабилизација на макроекономските услови и внимателно олеснување на монетарната политика. Банката најавува задржување на високата претпазливост при кредитирањето, фокус на квалитетот на портфолиото, модернизација на технолошката платформа и зајакнување на клиентското искуство.
Uncategorized
Стопанска банка овозможи дигитално ажурирање на лични податоци преку OneID
Стопанска банка АД – Скопје им овозможува на своите клиенти кои поседуваат дигитална електронска идентификација OneID да ги ажурираат своите лични податоци во Банката лесно, брзо и безбедно, во секое време и без посета на филијала.
Постапката е едноставна: започнува со посета на веб-страницата https://id.stb.com.mk/ и паралелно користење на мобилната апликација OneID. Со оваа нова дигитална услуга, Банката им овозможува едноставен и удобен начин на клиентите да ја исполнат нивната законска обврска за ажурирање на личните податоци.
„Флексибилноста и зголемената достапност на нашите производи и услуги се императив за новите функционалности кои ги развиваме и планираме за претстојниот период“ – истакнуваат од Стопанска банка АД – Скопје.
Повеќе информации за сервисот можете да најдете на следниот линк. Банката подготви и видео упатство за користење на оваа нова услуга.
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 2 месеци„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
-
Кариерапред 2 месециИуте Македонија отвора клучна лидерска позиција: Раководител на партнерски екосистем за следната фаза на дигитален раст



