Connect with us
no baners

Останато

Нови 5 земји влегуваат во БРИКС!?

Објавено

на

Министерката за надворешни работи на Јужна Африка, земја домаќин на Самитот на БРИКС во Јоханесбург, изјави дека лидерите на БРИКС постигнале договор за проширување.

„Се договоривме за прашањето за проширување. Имаме документ што го усвоивме во кој се поставуваат насоки и принципи, процеси за разгледување на земјите кои сакаат да станат членки на БРИКС“, соопшти министерката Наледи Пандор.

Иако сите членки на БРИКС јавно изразија поддршка за проширувањето на блокот, тие се поделени околу тоа колку брзо тоа треба да се случи.

Но, бразилски медиуми известуваат дека Аргентина, Египет, Иран, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија ќе станат нови членки на здружението БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка).

Еден од главните критериуми за избор бил географскиот фактор кој треба да обезбеди регионална рамнотежа во рамките на здружението.

Според бразилск дописник кој имал увид во завршниот документ, се размислува и за додавање на уште една африканска земја во блокот, а бразилските власти би сакале да ја видат и Индонезија како дел од унијата, но Џакарта сè уште не е подготвена да се приклучи на БРИКС.

Според едни извори, 22 земји аплицираа за членство во БРИКС, според други 40 земји пројавиле интерес.

Самитот на БРИКС се одржува во Јоханесбург од 22 до 24 август. На него учествуваат лидерите на Кина, Индија, Бразил и Јужна Африка. Русија ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Претседателот Владимир Путин на самитот учествува преку видео конференција бидејќи Меѓународниот кривичен суд во Хаг, чиј член е Јужна Африка, издаде налог за негово апсење за наводни воени злосторства во Украина.

Бизнис

„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски

Објавено

на

Проектот „Е-фактура“ претставува стратешка и долгорочна инвестиција во дигитализацијата на деловното и даночното опкружување во земјата, која ќе донесе значајни придобивки и за компаниите и за државата, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на настан во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Пред претставниците на бизнис-заедницата, Петрова потсети дека пилот-фазата на проектот започна на 1 јануари годинава и дека во моментов се одвива подготвителен период, во кој активно се вклучени софтверските компании што развиваат фактурирачки решенија, како и економските оператори со сопствени ERP-системи.

Како што информираше, техничката документација за пристап до системот „Е-фактура“ веќе е објавена и јавно достапна, со цел компаниите и ИТ-провајдерите навремено да ги приспособат своите системи и да развијат API-канали за комуникација со националната платформа.

Петрова најави дека клиентската и веб-апликацијата на „Е-фактура“ ќе бидат ставени во употреба во вториот квартал од годинава, по што ќе започне тестирање со малите и средните компании кои немаат сопствени информатички системи и ќе ги користат бесплатните решенија обезбедени од УЈП.

Придобивки за компаниите: помал административен товар и поголема ефикасност

Директорката нагласи дека проектот се развива во тесно партнерство со стопанството, имајќи предвид дека „Е-фактура“ директно ќе влијае врз секојдневното работење на компаниите. Дигитализацијата на процесот на фактурирање ќе значи значително намалување на административниот товар, елиминирање на рачните процеси, автоматизација на книжењето, побрзо архивирање и полесно следење на деловните трансакции.

Дополнително, системот отвора простор за понатамошна дигитална надградба – автоматска подготовка на налози за плаќање, подобра контрола на ликвидноста, како и користење на податоците за аналитички и стратешки деловни цели.

Придобивки за државата: подобра усогласеност и борба против сивата економија

Од аспект на Управата за јавни приходи, „Е-фактура“ значи пристап до структуирани и стандардизирани податоци во реално време, што ќе овозможи поефикасна даночна контрола и значително подобрување на даночната усогласеност.

Податоците од системот ќе се вкрстуваат со постојните бази на УЈП – даночни пријави, финансиски извештаи, банкарски и царински податоци – што ќе овозможи навремено детектирање и корекција на евентуални неправилности.

„Наместо контроли по неколку години, „Е-фактура“ ќе овозможи брзи, автоматизирани и превентивни реакции, што е во интерес и на компаниите, бидејќи ќе можат навремено и полесно да ги коригираат евентуалните грешки“, истакна Петрова.

На крајот, директорката порача дека проектот ќе има силен ефект и во сузбивањето на сивата економија и нелојалната конкуренција, преку создавање целосна дигитална трага за сите деловни трансакции во земјата.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека започна исплатата на средствата за скенираните фискални сметки преку апликацијата „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал од 2025 година. За овој период, предвидена е исплата на вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници, што претставува една од највисоките квартални исплати од воведувањето на мерката.

Од УЈП појаснуваат дека досега се реализирани 184,5 милиони денари кон околу 104.000 корисници, а исплатата продолжува динамично и континуирано кон сметките на корисниците на „Мој ДДВ“, согласно обработката на налозите и техничката валидација на податоците.

Во исто време, од УЈП информираат дека 5.292 корисници во моментов не можат да ја добијат исплатата поради погрешно внесени или неажурирани трансакциски сметки. Институцијата апелира до сите граѓани кои сè уште немаат добиено средства, да ги проверат и ажурираат податоците за својата банкарска сметка директно во апликацијата „Мој ДДВ“.

Средствата, како што нагласуваат од УЈП, не се изгубени, туку ќе бидат исплатени веднаш по корекцијата на податоците.

Средства има, мерката продолжува да се реализира

По доцнењето на исплатите кон крајот на 2025 година, во јавноста се појавија шпекулации за евентуално укинување на мерката поради фискалниот товар и ограничениот ефект врз сузбивањето на сивата економија. Сепак, и од Министерството за финансии и од УЈП категорично ги отфрлија овие тврдења, посочувајќи дека причините за доцнењето биле технички и административни, а не буџетски.

„Во Буџетот има доволно средства, а исплатите кон граѓаните со валидни и точни податоци се одвиваат без никакви проблеми“, велат од УЈП, додавајќи дека мерката останува активна и во 2026 година.

Финансиски и системски ефекти

Програмата „Мој ДДВ“ и понатаму претставува значаен инструмент за:

  • зголемување на фискалната дисциплина,
  • поттикнување на безготовинските плаќања,
  • зголемување на транспарентноста во прометот,
  • намалување на сивата економија, и
  • директна финансиска поддршка на домаќинствата.
Продолжи со читање

Останато

АЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година

Објавено

на

АЛТА банка АД Битола ја заврши 2025 година со нето-добивка од 40,6 милиони денари, што претставува значително намалување во однос на добивката од 163,2 милиони денари остварена во 2024 година. Реализацијата на планот изнесува 44,9%, што ја позиционира 2025 година како изразено транзициска, обележана со промена на сопственичката структура и конзервативен пристап кон ризиците.

Клучен настан во текот на годината беше успешното преземање на Банката од страна на АЛТА Групацијата во октомври 2025 година, со што се создадоа предуслови за стратешко реструктурирање, стабилизација и насочување кон дигитализација и унапредување на внатрешните процеси.

Приходи под притисок, фокус на квалитет наместо раст

Нето-приходите од камата се пониски за 22,2% на годишно ниво, додека нето-приходите од провизии и надоместоци бележат уште подлабок пад од 33,2%, што упатува на намалена кредитна активност и повнимателен пристап во работењето со клиенти. Ваквите движења се директна последица на прудентната кредитна политика и фокусот на наплата и расчистување на нефункционалното портфолио.

Позитивен сигнал доаѓа од нето-приходите од курсни разлики, кои остануваат стабилни и изнесуваат 19,6 милиони денари, како и од останатите приходи од дејноста, поттикнати од повисоки приходи од дивиденди.

Подобрување на квалитетот на активата

Значајно подобрување е евидентирано кај исправката на вредноста на финансиските средства, која на нето-основа е позитивна и изнесува 19,4 милиони денари, за разлика од негативниот ефект во 2024 година. Ова упатува на поефикасно управување со кредитниот ризик и подобар квалитет на портфолиото.

Истовремено, Банката евидентира загуби од оштетување на нефинансиски средства во износ од 20,5 милиони денари, поврзани со преземен имот, што е очекуван трошок во процес на консолидација и усогласување со регулативата.

Исклучително силна капитална и ликвидносна позиција

И покрај пониската профитабилност, АЛТА банка се издвојува со исклучително високи капитални и ликвидносни показатели. Стапката на адекватност на капиталот достигнува 33,4%, додека ликвидната актива учествува со речиси 50% во вкупната актива, нивоа значително над просекот на банкарскиот сектор.

Оваа позиција ѝ обезбедува на Банката силна основа за идно кредитно активирање и раст, особено во услови на стабилизирана сопственичка структура и јасно дефинирана стратегија.

Поглед напред: раст по стабилизацијата

Очекувањата за наредниот период се насочени кон раст на кредитната активност, дигитализација и проширување на понудата, со поддршка од матичната АЛТА банка од Србија. Фокусот ќе биде на подобрување на ефикасноста, профитабилноста и пазарната позиција, по година која повеќе беше посветена на „чистење“ и поставување темели, отколку на агресивен раст.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange