Анализи
Најдобри совети како да го реновирате вашиот дом во рамките на буџетот

Домот треба да биде наше засолниште, но и среќно место каде ќе се релаксираме на крајот од напорниот ден и ќе креираме семејни спомени со нашите најмили. Токму затоа, секој од нас сака да создаде што поудобна и попријатна атмосфера во него. Една од причините поради која може да се одлучите да го реновирате домот е желбата да го направите подобро место за живеење или едноставно сакате промена и свежина во домот.
Реновирањето на вашиот дом со одреден буџет бара внимателно планирање и паметни одлуки. Еве неколку корисни совети кои ќе ви помогнат да го реновирате домот без да потрошите многу пари.
Поставете буџет – Одредете колку можете да си дозволите да потрошите за вашиот проект за реновирање. Ова ќе ви помогне да ги поставите приоритетите на вашите трошоци и да избегнете прекумерно трошење.
Планирајте однапред – Направете детален план за вашето реновирање, вклучувајќи ги специфичните промени што сакате да ги направите и потребните материјали. Јасната визија ќе ги спречи непотребните трошоци и ќе ги намали шансите за скапи грешки.
Работете сами каде што е тоа можно – Размислете за преземање задачи што можете да ги завршите сами, со цел да заштедите пари на работна сила. Сепак, бидете реални за вашите вештини и обидете се само со проекти за кои сте уверени дека ќе ги завршите.
Фокусирајте се на исплатливи подобрувања – Ставете приоритет и на деловите од вашиот дом на кои им треба најмногу внимание и фокусирајте се на исплатливи подобрувања. На пример, бојадисување ѕидови, нов мебел или модерните детали може да имаат значително влијание во постигнување на целта без да потрошите многу пари.
Споредете ги цените – Одвојте време да ги споредите цените и да ги побарате најдобрите понуди за купување. Побарајте попусти, распродажби, па дури и размислете за купување користени или обновени предмети ако се во добра состојба.
Пренаменете и рециклирајте – Бидете креативни со пренамената на предметите што веќе ги имате. На пример, можете да го обновите стариот мебел или да користите обновено дрво за нови проекти.
Поволен извор на финансии – Доколку ви е потребен дополнителен извор на финансиски средства, пожелно е да разгледате повеќе различни опции, и секако да ги земете предвид факторите како што се каматните стапки, условите за отплата и вашата способност за навремени плаќања.
Потрошувачкиот кредит со животно осигурување и полиса од незгода на Халкбанк АД Скопје е одличен избор за дополнителен извор на финансиски средства со фиксна каматна стапка од 6,2% за првите две години, максимален износ до 1.500.000 денари и рок до 120 месеци.
Овој тип на кредит обезбедува дополнителен вид на сигурност за кредитобарателите и нивното семејство во поглед на отплата на кредитот.
Провизијата за обработка е 0%, а во случај на негова предвремена отплата, не се наплатува провизија. Новиот потрошувачки кредит е идеален за финансирање на најразлични потреби, меѓу кои и реновирање на домот, но може да биде добредојден и за рефинансирање на постојни кредити во други банки, со што може да се добие и значително намалување на месечните рати.
Анализи
Дали светот е на работ на нова нафтена криза?

Геополитичките тензии меѓу Иран и Израел повторно ја раздвижуваат глобалната економија и предизвикуваат загриженост на светските енергетски пазари. Долготрајната непријателска реторика и конфликтите со посредници во регионот, како Хезболах и Хамас, добиваат нова димензија, при што аналитичарите предупредуваат на потенцијална директна конфронтација меѓу двете држави. Но најголемата закана за глобалната економска стабилност би била евентуалното затворање на клучните поморски теснеци – Хормуз и Баб ал-Мандеб.
Зошто се важни Хормуз и Баб ал-Мандеб?
Теснецот Хормуз лоциран меѓу Персискиот Залив и Оманскиот Залив, е најважниот транспортен коридор за нафта во светот. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (IEA), секој ден низ овој теснец се пренесуваат околу 17–20 милиони барели нафта, што претставува над 20% од глобалната дневна потрошувачка.
На другата страна на Арапскиот Полуостров се наоѓа теснецот Баб ал-Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и е клучна врска за нафтениот и трговскиот сообраќај помеѓу Европа, Азија и Источна Африка. Во услови на затворање на овие теснеци, алтернативните поморски рути се значително подолги и поскапи, што веднаш ќе влијае врз цените на транспортот и енергенсите.
Какво би било влијанието врз цената на нафтата?
Затворањето на Хормуз и Баб ал-Мандеб би предизвикало шок на нафтените пазари. Понудата на нафта би се намалила преку ноќ, додека побарувачката останува стабилна или дури зголемена поради неизвесноста. Ова ќе предизвика нагло зголемување на цената на нафтата, со прогнози кои одат над 100 или дури 150 долари по барел, во зависност од должината и сериозноста на блокадата.
Таквиот пораст ќе има директно влијание врз цените на горивата, но и индиректни ефекти врз синџирите на снабдување, транспортот и производствените трошоци во речиси сите индустрии.
Последици за глобалната економија
Инфлациски притисоци: Скапата нафта ќе ги поттикне цените на основните производи, што дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, особено во чувствителни економии со слаб монетарен капацитет.
Монетарна политика: Централните банки ќе бидат приморани да задржат повисоки каматни стапки подолго време или дополнително да ги зголемат со цел да ја намалат инфлацијата, а тоа ќе придонесе да се забави кредитната активност и инвестициите и значително ќе се намали економскиот раст.
Развиените и економиите во развој: Развиените економии ќе забават, додека економиите кои зависат од увоз на енергенси и храна ќе се соочат со сериозни структурни предизвици.
Финансиски пазари: Волатилноста ќе се зголеми. Инвеститорите ќе бараат засолниште во “безбедни” средства како злато, американски долар и државни обврзници, додека на удар ќе бидат поризичните инвестиции како акциите, инвестициските фондови, криптовалутите и слично.
Дали светот може да реагира?
Иако големите нафтени резерви во САД, Кина, Русија и земјите на ОПЕК можат краткорочно да го ублажат шокот, затворање на овие теснеци би имало структурни последици ако трае подолго. Воена интервенција за ослободување на теснеците би претставувала уште поголем ризик, со потенцијал за регионален конфликт со глобални импликации.
Според ова може да се заклучи дека ситуацијата помеѓу Иран и Израел повеќе не е само регионален безбедносен предизвик, туку сериозна закана за глобалната економска стабилност. Светот е на работ на нова нафтена криза и прашање е само дали дипломатијата ќе успее да ја спречи следната фаза на ескалација, а со тоа да се спречи и крајно непосакувана Трета светска војна.
Анализи
МАКЕДОНИЈА НАПРЕДУВА – Додека некои европски земји тонат во инфлација, ние растеме!

Според најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), 2026 година ќе донесе различни инфлациски сценарија за европските земји, при што се очекува значајна дисперзија во движењата на цените меѓу економиите. Додека одредени држави успешно ја ставаат инфлацијата под контрола, други продолжуваат да се соочуваат со ценовни шокови и инфлаторни притисоци.
Швајцарија и Франција со најниски инфлациски стапки
Најниска проектирана инфлација за 2026 година ќе има Швајцарија, со стапка од само 0,5%, што ја позиционира како стабилен економски простор со ефективни монетарни механизми. Следат Франција со 1,6% и Ирска со 1,7%, кои исто така покажуваат солидна способност да одржат ценовна стабилност.
Во групата на најразвиените економии, Германија ќе има умерена инфлација од 1,9%, додека Хрватска ќе ја надмине просечната инфлација на ЕУ со 2,6%, што укажува на послабо амортизирање на внатрешните и надворешните притисоци врз цените.
Полска, Унгарија и Турција со повисоки стапки
Од земјите на Европската Унија, Полска и Унгарија ќе забележат највисоки инфлациски стапки, од 3,4% и 3,6% соодветно. Овие нивоа, иако далеку пониски од постпандемиските пикови, сепак покажуваат дека ценовната стабилизација сè уште не е целосно постигната.
Меѓу најзагрижувачките е случајот на Турција, која и покрај напорите на монетарните власти, ќе се соочи со екстремно висока инфлација од 22,8%, највисока на континентот. Ова е резултат на долгогодишна неортодоксна монетарна политика, девалвација на лирата и структурни економски слабости.
Русија и Украина со задржана ценовна нестабилност
Инфлацијата ќе остане релативно висока и во Русија (5,5%) и Украина (7,7%), што е очекувано со оглед на продолжените геополитички тензии, нестабилноста во снабдувачките ланци и ограничениот пристап до меѓународните финансиски пазари.
Македонија со позитивен сигнал и стабилизација
Во однос на Македонија, ММФ очекува економски раст од 3,2% и во 2025 и 2026 година, што претставува сигнал за постепено заздравување и стабилизирање на економските текови. Инфлацијата е проектирана на 3,4% во 2025 и се очекува да се намали на 2,2% во 2026, што укажува на успешни чекори кон нормализирање на ценовната динамика.
Со вакви проекции, Македонија се позиционира во групата на земји со контролирана инфлација, што е позитивен сигнал за инвеститорите, кредиторите, како и за општата макроекономска стабилност.
Анализи
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?

Секој месец носи свои предизвици за паричникот, но еден од нив се издвојува како апсолутен шампион во трошењето на Македонците. Дали попустите за Black Friday, сезонските попусти или пак празничната еуфорија најмногу го празнат паричникот на граѓаните и буџетот на фирмите?
Македонците имаат јасна шема кога се парите во прашање и, иако попустите се примамливи, само еден месец ги собира желбите, навиките и непланираните трошоци во едно. Декември, со сета своја магија, се чини дека не е само месец на подароци, туку и месец на најголеми финансиски авантури.
А, овој тренд може да биде и финансиски неодговорен. Наместо да ги искористат попустите од претходните месеци, како Black Friday или сезонските акции, навиката да се купува во очи новогодишните празници, кога цените се често повисоки, значи преплатени производи и услуги. Трговците веројатно добро го знаат овој тренд и умешно го користат.
Дали декември е најнеодговорниот финансиски месец во годината? Статистиката на Народната банка на Македонија вели да. Секој декември во изминатите 9 години и граѓаните и компаниите едноставно не го штеделе својот буџет. Предновогодишната еуфорија, проследена со забави и подароци, ги тера да не ги штедат своите сметки и картички. Платежната статистика на НБРМ покажува дека во декември 2024 вредноста на вкупните платежни трансакции со картички изнесува 38,2 милијарди денари (622 милиони евра) и тоа е рекорд од 2016 година досега. Во декември претходната година биле извршени трансакции со картички во вредност од 33,2 милијарди денари (539 милиони евра).
Најмногу пари граѓаните повлекуваат како готовина од банкомат. Во декември лани вкупно биле пивлечени 20,6 милијарди денари (336 милиони евра), од кои само граѓаните повлекле 20,2 милијарди денари. За разлика од нив, најмногу трансакции вршат со плаќања на ПОС терминали.
Во јануари веќе започнува финансискиот пост. Во јануари 2024 година биле извршени трансакции во вредност од 27,1 милијарда денари (441 милион евра), што значи околу 100 милиони евра помалку отколку претходниот месец. И така е секој јануари. Граѓаните потрошиле 25,8 милијарди денари, а компаниите 1,3 милијарди денари.
Интересно е дека после декември како месеци со најмногу плаќања во 2024 биле јули и ноември. За време на летните одмори повторно не се штедат пари, ниту на личните ниту на бизнис картичките. Вкупно биле извршени трансакции во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра), од кои на граѓаните отпаѓаат 31,2 милијарди денари (485 милиони евра), а на компаниите 1,7 милијарди денари (28 милиони евра).
Исто така и во ноември, кој се совпаѓа со Black Friday попустите, се трошело и вкупно биле извршени трансакции со картички во вредност од 32,9 милијарди денари (535 милиони евра). Притоа граѓаните потрошиле 509 милиони евра, а компаниите 26 милиони евра.
Кога Македонците трошат најмногу пари?
Месец/Категорија | Декември | Ноември | Јули |
Вкупна вредност на трансакции со картички | 622 мил. евра | 535 мил. евра | 535 мил. евра |
Трансакции на физички лица | 593 мил. евра | 509 мил. евра | 485 мил. Евра |
Трансакции на правни лица | 29 мил. евра | 26 мил. евра | 28 мил. евра |
Што се однесува до платежните навики на македонските граѓани, e-трговијата зема се поголемо учество во трошоците. Од декември 2016 до декември 2024 година, вредноста на платежните трансакции со картички на ПОС терминали пораснала за помалку од 3 пати, а вредноста на трансакциите на места за е-трговија е зголемена за 13,5 пати. Иако и во е-трговијата најмногу се троши во декември, сепак тоа не е правило секоја година. Во 2022 година најмногу се трошело онлајн во март, а од 2016 до 2018 година тоа било случај во февруари.

Странците во Македонија најмногу пари на картичка трошат во август, кога си доаѓаат македонските иселеници. Во август минатата година потрошиле 8,8 милијарди денари (143 милиони евра). Следен месец кога најмногу придонесуваат за македонската економија е јули, а за третото место се натпреваруваат септември и декември.
Македонците во странство, пак, најмногу пари трошат во нули или во август, што повторно се поклопува со годишните одмори. Лани во јули и во август вкупно потрошиле 7,7 милијарди денари (125 милиони евра). Од статистиката може да се заклучи и дека странците во Македонија во лето трошат многу повеќе пари на картички отколку Македонците како туристи во странство. Сепак, треба да се има предвид и фактот дека Македонците на одмор почесто одат со пари во џеб отколку на картичка.
- Банкипред 2 месеци
НЛБ Банка Скопје e првата банка во земјата со формална апликација кон СЕПА, единствената област за плаќање во евра
- Банкипред 2 месеци
ПРВ КВАРТАЛ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивката зголемена за речиси 20,1%!
- Банкипред 2 месеци
Централна кооперативна банка АД Скопје: Известување за исплата на пензиите за април 2025 година
- Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје во првиот квартал од 2025 година оствари добивка од 13,5 милиони евра!
- Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Дали Македонците најмногу пари трошат за време на попусти, одмори или празници?
- Берзапред 2 месеци
Заеднички настан на Македонска берза и EBRD „Финансирајте се пазарно!“
- Банкипред 2 месеци
ММФ оценува дека Народната банка успешно се справува со шоковите и ја води политиката претпазливо и професионално
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје со нова експозитура во Diamond Mall – банкарските услуги поблиску до клиентите