Connect with us

Останато

ПАНТЕЛЕОН ГС понуди 330 милиони денари со што станува потенцијален сопственик на зградата на Еуростандард Банка во центарот на Скопје

Објавено

на

Во текот на вчерашниот ден, на третата електронска лицитација за продажба на зградата на Еуростандард Банка-во стечај како потенцијален и мошне извесен иден сопственик на имотот се јави компанијата Пантелеон ГС која понуди 330 милиони денари. Оваа понуда беше избрана за најдобра во текот на вчерашната електронска лицитација.

За да се комплетира зделката, неопходна е согласност од страна на Собранието на доверители. Вредно е да се напомене дека во текот на изминатите две електронски лицитации, исто така компанијата Пантелеон ГС беше одбрана како најповолен понудувач, но Собранието на доверители не ја даде потребната согласност. Останува во следните денови стечајниот управник и Собранието на доверители да го потврдат купопродажниот процес и имотот да добие нов сопственик.

Станува збор за деловни простории, запишани на три имотни листови: ИЛ 45301, ИЛ 103480 и ИЛ 103479 за КО Центар 1.

Имотен лист 45301 за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена Б4, влез 1 – деловни простории со вкупна површина од 1.522 м2.

Имотен лист 103480за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена Б4-2, влез 1 – деловни простории со вкупна површина од 1.967 м2.

Имотен лист 103479за КО Центар 1:

  • КП 11998/4 на ул. Никола Кљусев бр. 2, зграда 1, намена ГЗ – градежно земјиште со вкупна површина од 410 м2.

Реномираната ревизорска куќа РСМ Македонија има спроведено независна проценка во која е користен “Моделот на Гордон” за утврдување на вредноста на објектот. Согласно овој метод, проценетата вредност на објектот изнесува 5.300.000 ЕУР.

На вчерашната трета електронска аукција своите понуди ги доставиле двајца учесници, од кои за најдобра е оценета понудата од компанијата Пантелеон ГС. Единствена обврска на учесниците во електронската продажба ќе биде да овозможат присуство на вкупно 6 ангажирани лица во стечајната постапка во две простории и сместување на сервер сала во една просторија се до заклучувањето на стечајната постапка, што ќе биде регулирано со Договор.

Компанијата Пантелеон ГС е основана во 2020 година, а согласно последните достапни финансиски извештаи за 2021 година компанијата остварила приходи од 1,2 милиони ЕУР и добивка од приближно 400.000 евра. Во моментов вработува 116 лица.

Седиштето на компанијата се наоѓа во Скопје, со адреса на ул. Максим Горки 13, кат 2.

Специфичната гранка на Пантелеон ГС овозможува да нуди аутсорсинг услуги каде се нудат само умствените капацитети и компаниските пракси, на тој начин задржувајќи ги вработените во рамки на Македонија, со што и директно придонесува кон домашната економија. Дополнително, искуството кое овие луѓе го стекнуваат при работата со странски професионалци е непроценливо, бидејќи отвора нов свет на знаења кои се едноставно различни од она што го знаеме и можат да бидат од корист во идните професионални ангажмани. 

Компанијата се придржува кон мотото „Нашите луѓе се нашиот бренд“, кое ја потенцира заложбата на компанијата да биде работно место во кое вработените ќе бидат задоволни, успешни, ќе напредуваат и ќе уживаат во работата. Така, Пантелеон ГС не само што обезбедува нови и модерни физички простории за работа, низа на лични бенефити и услуги, туку се залага и финансиските пакети кои ги нуди да бидат компетитиви, па дури и натпросечни во поглед на индустријата. 

Останато

УЈП ги повика граѓаните со неодобрени профили да ја завршат регистрацијата за е-Даночни услуги

Објавено

на

Управата за јавни приходи ги заврши активностите за комплетирање на регистрацијата во системот е-Даночни услуги за граѓаните кои поднеле барање за отворање кориснички профил како физички лица, но не ја завршиле целосно постапката.

До овие граѓани се испратени персонализирани пораки од електронската адреса [email protected], со насоки за понатамошно постапување.

Од УЈП информираат дека корисниците треба да се обратат во надлежната даночна канцеларија со важечки документ за лична идентификација, каде што овластено службено лице ќе ја одобри нивната регистрација.

Со валиден и активен профил во системот е-Даночни услуги, граѓаните можат да користат електронски услуги преку порталот uslugi.gov.mk, да имаат увид во Годишната даночна пријава, да остваруваат права од надлежност на УЈП и други институции, како и да ја користат апликацијата „МојДДВ“.

За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на [email protected] или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000, кој е достапен само за повици од фиксни оператори.

Продолжи со читање

Бизнис

Кина руши рекорди: Надворешната трговија порасна за речиси 17% и достигна 3,75 трилиони долари за само шест месеци

Објавено

на

Кинеската надворешна трговија во првите шест месеци од 2026 година достигна 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), што претставува раст од 16,9% на годишно ниво, покажуваат податоците на Генералната царинска управа на Кина.

Извозот се зголемил за 13,4%, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, додека увозот пораснал за 22,1%, на 10,74 трилиони јуани, што укажува на забрзан раст на домашната побарувачка и порамнотежен развој на надворешната трговија.

Во вториот квартал годинава, вкупната трговска размена изнесувала 13,61 трилиони јуани, со годишен раст од 18,4%, што е најсилен квартален резултат од третиот квартал на 2021 година. Само во јуни, трговијата пораснала за 24,2%, продолжувајќи го позитивниот тренд седумнаесетти месец по ред.

Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, кој се зголемил за 20,1%, како и кај високотехнолошките производи, чиј извоз пораснал за 39%. Значително зголемување е регистрирано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната индустриска опрема.

Според кинеската Царинска управа, приватните компании и натаму имаат водечка улога во надворешната трговија, учествувајќи со 57% од вкупната размена, додека околу 267.000 компании во текот на првата половина од годината успеале да освојат нови извозни пазари.

Продолжи со читање

Останато

ЕЦБ избра 36 компании за тестирање на дигиталното евро

Објавено

на

Европската централна банка избра 36 даватели на платежни услуги од еврозоната кои ќе учествуваат во пилот-проектот за дигиталното евро, чиј почеток е планиран за втората половина на 2027 година.

Тестирањето ќе трае 12 месеци и ќе се спроведува во ЕЦБ и во 19 национални централни банки од еврозоната. Целта е да се проверат техничкото функционирање на дигиталното евро, оперативните процедури и корисничкото искуство пред евентуалното воведување на новата дигитална валута.

На повикот објавен во март годинава пристигнале повеќе од 50 апликации, што, според ЕЦБ, покажува голем интерес од финансискиот сектор. Меѓу избраните учесници има банки и небанкарски компании со различна големина, деловни модели и географска застапеност.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, оцени дека големиот интерес покажува оти приватниот сектор е подготвен активно да се вклучи во развојот на дигиталното евро и во зајакнувањето на европскиот платен систем.

Во пилот-проектот ќе се користи бета-верзија на дигиталното евро, која технички и функционално ќе биде блиска до решението предвидено во нацрт-законодавството. Сепак, оваа верзија нема да има статус на законско платежно средство.

Дел од компаниите ќе им овозможат на вработените во Евросистемот да отворат тест-сметки и да вршат плаќања, додека други ќе соработуваат со избрани трговци кои ќе можат да примаат дигитални евра. Некои учесници ќе ги извршуваат двете улоги.

Во тестирањето ќе учествуваат вработени од ЕЦБ и од националните централни банки, интернет-продавници, ресторани, кафетерии и други трговци. Ќе се проверуваат онлајн и офлајн трансакции меѓу физички лица, како и плаќања во продавници и преку електронска трговија и мобилни уреди.

Пилот-проектот ќе се реализира во Белгија, Германија, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија, Словенија, Словачка и Финска.

Избраните компании во следниот период ќе соработуваат со ЕЦБ и со националните централни банки за подготовка на потребната инфраструктура и процеси за тестирањето.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange