Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на Меѓународниот форум за женско лидерство: Нецелосното искористување на потенцијалот на жените е загуба за целата економија

Објавено

на

„Општествата со поголема родова еднаквост се сметаат за посигурни, поздрави, со помалку насилство и  поголема кохезија. Но, исто така поголемата интеграција носи и голем број економски придобивки, не само за жените, туку и за целото општество.“ Ова го истакна Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка, на Меѓународниот форум за женско лидерство „Жените пишуваат историја“,  организиран од Универзитетот за туризам и менаџмент. Притоа, посочи дека емпириски анализи упатуваат дека со поголема вклученост на жените во работната сила, економскиот раст во развиените земји може да се зголеми за 10%, а во помалку развиените земји дури до 30%.

„За жал, податоците упатуваат на недоволна интегрираност на жените во глобални рамки.“, нагласи Ангеловска-Бежоска, говорејќи за учеството на само 47% од вкупниот број работоспособни жени на пазарот на трудот, притоа дополнувајќи: „неколкуте последователни кризни понеповолно се одразија врз жените и доведоа до помала наспроти поголема вклученост на жените, што се согледува преку фактот дека само во првата панедемична година околу 54 милиони жени излегоа од пазарот на трудот во глобални рамки, а се проценува дека 90% од нив на трајна основа.“

Ангеловска-Бежоска се осврна на разликите во родовата застапеност во македонската економија, истакнувајќи дека само 45% од жените се активни на пазарот на трудот, за разлика од мажите каде што оваа стапка е околу 65%. Притоа, посочи дека разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд упатуваат на родов јаз, којшто е малку помал од просекот на регионот на Западен Балкан, но поголем од јазот во ЕУ каде што изнесува 11%. Таа додаде дека пазарот на труд забележува и сегрегација во однос на раководните позиции, односно мажите преовладуваат на работните места со повисок статус, а жените се поретко на раководни места. Во компаниите, според податоци од 2020 година, жените заземаат само 21,3% од високите раководни позиции. Тоа води и кон поголем јаз кај платите.

Оценувајќи дека состојбите во нашиот финансискиот сектор се незадоволителни и дека не се разликуваат многу од глобалните трендови во банкарската индустрија, вклучително и во најразвиените економии, гувернерката посочи дека во светот на финансиите сѐ уште преовладуваат мажите, истакнувајќи дека кај банките само 31% од вкупниот број членови на УО и НО се жени, а кај дел од банките воопшто нема жени во раководните органи на банката.

„Народната банка е добар пример за родова еднаквост не само во домашен контекст, туку и во меѓународен. Горди сме што минатата година нашата централна банка беше рангирана како прва во светот по еднаквоста во централнобанкарската заедница“, истакна Ангеловска-Бежоска, осврнувајќи се на резултатите и објавите од страна на угледниот британскиот тинк-тенк ОМФИФ, чијшто Индекс го мери учеството на жените во раководните тела на институцијата. Притоа дополни: „Општо земено, во централнобанкарското работење преовладуваат мажите. Од околу 185 централни банки во светот, само 17 се раководени од гувернерки“.

Тргнувајќи од постоењето на разлики во родовата застапеност, Ангеловска-Бежоска истакна дека централната банка работи засилено на подобрување на родовата еднаквост преземајќи активности во областа каде што може да придонесе, како што е  подобрување на пристапот на жените до финансии, којшто во глобални рамки главно е помал за женската популација. Притоа дополни: „Еден од важните аспекти е зајакнување на напорите за промовирање на женското претприемаштво. Зголемувањето на економското учество на жените – особено во малите и средните претпријатија, може да доведе до намалување на сиромаштијата и да поттикне инклузивен раст бидејќи овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% од додадената вредност.“

„Родовата еднаквост како прашање се провлекува низ децениите секаде, па и кај нас. Но, сѐ додека имаме заложби од сите заедно, како и сѐ додека имаме жени на раководни места во сите сфери на општеството, имаме и сигурност дека родовата рамноправност е остварлива во сите сегменти.“ – истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката на Народната банка беше дел од панел-дискусијата „Жени кои го движат бизнисот“, одржана во рамките на Меѓународниот форум за женско лидерство. Покрај гувернерката, на панел-дискусијата учествуваа и Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи, Емилија Спироска, членка на Управниот одбор на „Прокредит банка“, Улкер Шуле Аксој, генерална директорка на „Туркиш ерлајнс Македонија“, Анета Пешева, генерална директорка на УНЕТ и почесна конзулка на Канада, Мерита Рамадани Алими, сопственичка на компанијата „Доган“ и Сања Божиновска, советничка за енергетика во Прага.

Банки

Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славескиучествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.

Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.

На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.

Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

Продолжи со читање

Банки

Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст

Објавено

на

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.

На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.

Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.

Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.

Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.

Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка како партнер на НСРР ја продолжува поддршката за родова рамноправност и финансиска независност на жените

Објавено

на

Комерцијална банка и оваа година ја потврдува својата општествена одговорност преку континуирана поддршка на Националниот совет за родова рамноправност (НСРР), продолжувајќи ја својата мисија за помагање, охрабрување и едуцирање на жените за зајакнување на нивната финансиска независност.

Како дел од оваа заложба, Комерцијална банка финансиски ќе го поддржи проектот „Дигитализација и дигитална видливост на услугите на Советувалиштето и СОС линијата при НСРР“, со цел унапредување на пристапноста до поддршка и информации за жените кои се соочуваат со различни животни и социјални предизвици.

Во рамките на акцијата „Биди своја, биди силна!“, Комерцијална банка активно ќе придонесува кон охрабрување и мотивирање на жените да носат информирани и правилни финансиски одлуки, да изградат финансиска сигурност и полесно да ги надминат предизвиците на начин што обезбедува самостојност и заштита.

Со континуираната поддршка на активностите на НСРР, Банката ја потврдува својата заложба за родова еднаквост и за достапна, целосна поддршка на жените во сите аспекти на финансиското и социјалното делување.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange