Останато
Интегритетот како темел на довербата: УЈП и ДКСК преку обуки кон зајакнување на етичките стандарди
Управата за јавни приходи, во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на 12 мај во Клуб на пратеници во Скопје одржаа обука на тема „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“. Целта на обуката беше препознавање и спречување на непрофесионално, неетичко и коруптивно однесување.
На настанот воведно обраќање имаа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова и претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ. Во своето обраќање директорката Петрова истакна дека интегритетот не е само лична вредност, туку и институционална обврска, врз која се гради довербата на граѓаните и деловната заедница во системот.
Таа посочи дека, по донесувањето на Декларацијата за даночна етика, Управата за јавни приходи активно работи и на подготовка на Стратегија за интегритет и анти-корупција, со која се воспоставуваат јасни принципи, стандарди и механизми за професионално, одговорно и транспарентно постапување.
„Се обврзуваме на систем во кој нема „брзи ленти“, нема „тивки интервенции“ и нема различни правила за различни луѓе. Корупцијата не започнува со големи афери. Таа започнува тогаш кога правилата почнуваат да зависат од лични контакти, неформални барања и услуги „да се провери“, „да се забрза“, „да се среди“ или „да се премолчи“, истакна директорката на УЈП, Елена Петрова.

Претставниците на ДКСК истакнаа дека особено е значајна заложбата на УЈП за развивање интерни политики, етички стандарди и механизми за превенција на корупцијата, како и градење институционална култура заснована на одговорност, транспарентност и законито постапување.
Во контекст на работата на УЈП, беше истакнато дека институцијата постапува со чувствителни податоци, носи одлуки со директно влијание врз граѓаните и деловниот сектор и работи во средина во која е особено важно да се препознаваат и навремено да се управуваат ризиците од притисоци, неформални влијанија, судир на интереси и злоупотреба на службени информации.
Целта на ваквите едукативни активности е службените лица навремено да ги препознаат ризичните ситуации, да знаат како правилно да постапат, кога да побараат совет, кога да пријават приватен интерес и кога да се изземат од постапување. На тој начин, како што беше истакнато, се заштитуваат и институцијата и вработените, а се јакне довербата на граѓаните и правните лица во јавниот сектор.
Директорката Петрова пред присутните порача дека градењето институција со висок интегритет подразбира доследна примена на правилата, транспарентност во постапувањето и професионален однос во секојдневната работа. Особен акцент беше ставен и на личната одговорност на секој вработен во создавањето институционална култура во која чесноста, отчетноста и еднаквиот третман се вредности што се живеат секојдневно, а не само формално пропишани принципи. Додаде и дека довербата на граѓаните се гради преку доследност, предвидливост и професионално постапување, но и преку подготвеноста институциите отворено да ги препознаваат ризиците и континуирано да работат на нивно надминување и зајакнување на довербата во даночните службеници и УЈП.
„Довербата во УЈП ќе ја зајакнеме со интегритет, транспарентност и доследност секој ден, во секој предмет, за секој рок, во секој контакт со даночен обврзник и во секоја одлука што ја носиме“, порача Петрова.
Таа додаде дека Управата за јавни приходи останува посветена на унапредување на етичките стандарди, јакнење на професионалниот интегритет и создавање институционална култура заснована на одговорност, еднаквост, професионализам и владеење на правилата.
Обуката „Етика и интегритет на вработените во Управата за јавни приходи“ е дел од континуираната соработка меѓу ДКСК и институциите од јавниот сектор за зајакнување на системот на интегритет, унапредување на професионалните стандарди и развивање култура на одговорно, законито и непристрасно постапување. На обуката учествуваа 46 вработени.
Останато
МФ: Нови 2,9 милиони евра за инвестиции на домашните компании
Министерството за финансии префрли нови 176,5 милиони денари, односно околу 2,9 милиони евра, од централниот Буџет кон Развојната банка, наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании.
Со најновиот трансфер, вкупната владина поддршка за домашниот приватен сектор достигна 14,7 милијарди денари, или 239 милиони евра. За оваа намена во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра.
Средствата се обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, а до компаниите се пласираат преку Развојната банка и мрежата на домашни деловни банки. Целта, според Министерството за финансии, е да се поттикне нов инвестициски циклус во приватниот сектор и да се поддржи економската активност.
Домашните компании можат да ги користат средствата под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс период до три години.
Останато
УЈП ги подготвува општините и јавните претпријатија за системот е-Фактура
Управата за јавни приходи, во соработка со ЗЕЛС, започна со подготовки на општините и јавните комунални претпријатија за воведувањето на системот е-Фактура. Во рамки на обука организирана за оваа намена учествувале 80 претставници од локалната самоуправа и јавните претпријатија.
На обуката биле претставени главните функционалности на новиот систем, начинот на негово користење, како и обврските и придобивките што ќе произлезат од електронското фактурирање.
Претставниците на УЈП ја презентирале и бесплатната веб-апликација преку која ќе може да се пристапува до е-Фактура, а биле разгледани и практичните аспекти од примената на системот.
Посебен акцент бил ставен на потребите на јавните комунални претпријатија, кои издаваат голем број фактури кон граѓаните. Се разговарало за можностите за масовно испраќање фактури, поврзување на постојните информациски системи со е-Фактура, како и за користење на постојните квалификувани електронски сертификати.
Во пилот-фазата системот може да се тестира на два начина – преку директно поврзување со деловните информациски системи со API-интерфејс или преку веб-апликацијата.
Во моментов се проверуваат функции за креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури. Во следната фаза е предвидено тестирањето постепено да се проширува и на останатите процеси и видови документи.
Од УЈП ги повикуваат општините и јавните претпријатија активно да се вклучат во тестирањето и навреме да доставуваат предлози за подобрување на системот.
Според Управата, раното вклучување на локалната самоуправа и јавните претпријатија е важно за успешна примена на е-Фактура, особено поради тоа што комуналните претпријатија се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.
УЈП најавува дека ќе продолжи со информативни и едукативни активности за подготовка на сите обврзници, а од воведувањето на е-Фактура се очекуваат побрзи и поефикасни процеси на фактурирање и поголема транспарентност.
Бизнис
Германската индустрија се враќа во игра: Производството повторно расте и ги надмина очекувањата на пазарот
Германската индустрија забележа подобри резултати од очекувањата во јуни, што претставува дополнителен сигнал за стабилизирање на најголемата европска економија во вториот квартал од годинава.
Според податоците на германскиот Федерален завод за статистика, индустриското производство во јуни пораснало за 0,2% на месечно ниво, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа раст од 0,1%. Истовремено, индустриските нарачки се зголемиле за 3,1%, иако растот главно се должи на неколку големи поединечни нарачки.
Позитивни сигнали пристигнаа и од надворешната трговија. Германскиот извоз во јуни се зголемил за 0,9% во однос на претходниот месец, значително над очекувањата од 0,2%, додека увозот пораснал за 4,4%.
Во првата половина од 2026 година, Германија извезувала 3,7% повеќе стоки во споредба со истиот период лани, а увозот е повисок за 4,4%. Извозот кон земјите членки на Европската Унија пораснал за 1,3%, додека испораките кон земјите надвор од ЕУ се зголемиле за 0,3%. Наспроти тоа, извозот кон САД бележи значителен пад од 14,2% на месечно ниво.
Податоците укажуваат дека германската индустрија постепено закрепнува, иако аналитичарите предупредуваат дека одржливоста на растот ќе зависи од идната побарувачка и глобалните економски услови.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



