Банки
Народната банка ги презентира макроекономските проекции пред дипломатскиот кор и меѓународните организации
Макроекономската слика за домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви,посочи гувернерот д-р Трајко Славески, кој ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. На настанот, којшто се организира редовно, по секој нов циклус макроекономски проекции на Народната банка, присуствуваа амбасадори, претставници на дипломатскиот кор и меѓународните институции.
Во презентацијата беше наведено дека инфлацијата за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, односно ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок. Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени. Во рамките на есенскиот циклус проекции, согласно подоброто остварување во првата половина на годината, се предвидува забрзување на растот на економијата од 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7% на среден рок, поддржан од натамошното проширување на депозитната база, при стабилен банкарски систем.

Очекувањата за надворешната позиција на економијата укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година. Се очекува дека финансиските текови, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство, ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви. Светските услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата од водење претпазливи домашни макроекономски политики, а пред сѐ политики коишто влијаат врз домашната побарувачка.
Народната банка внимателно, на дневна основа, ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат, и како и досега, соодветно ќе реагира. Притоа, гувернерот истакна дека доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.
Банки
Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со нето-добивка од 270,6 милиони евра во првата половина од 2026
Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, во чиј состав е и Шпаркасе Банка АД Скопје, ја заврши првата половина од 2026 година со раст на деловната активност и позитивни финансиски резултати.
Во првите шест месеци од годинава, групацијата остварила нето-добивка по оданочување од 270,6 милиони евра, додека оперативниот резултат достигнал 337 милиони евра.
Според објавените податоци, корпоративното кредитирање во овој период е зголемено за 2,1 отсто. Истовремено, забележан е поголем интерес за станбено финансирање, како и значителен раст на приходите од провизии, особено во сегментите на инвестициските услуги и хартиите од вредност.
Вкупната актива на групацијата достигнала 23,9 милијарди евра, додека капиталот изнесувал 4,2 милијарди евра. Од Шпаркасе посочуваат и на стабилниот квалитет на кредитната изложеност, како и на придонесот на банките членки од Југоисточна Европа во вкупните резултати.
Шпаркасе Банка АД Скопје е дел од меѓународната банкарска групација, а од банката оценуваат дека постигнатите резултати ја потврдуваат финансиската стабилност на групацијата и нејзината долгорочна ориентација кон пазарите на кои работи.
Банката најавува дека и натаму ќе биде насочена кон развој на современи финансиски решенија, поддршка на клиентите и активности насочени кон домашната економија и заедницата.
Банки
Народната банка и Хрватската народна банка разменуваа искуства за надзорот на платежните услуги
Во Народната банка од 21 до 24 септември се одржа четиридневна работилница посветена на супервизијата над платежните услуги, на која експерти од Хрватската народна банка и претставници на домашната централна банка разменуваа искуства и практики од оваа област.
Работилницата се одржа во рамки на билатералната мерка „Payment Services Supervision“, како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки во Западен Балкан.
Главниот фокус беше ставен на супервизијата и надзорот над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари, како и на практичната примена на европската регулаторна рамка.
Меѓу темите за кои се разговарало биле теренската и вонтеренската супервизија, засилената автентикација на корисниците, заштитата на средствата на корисниците, информирањето на корисниците на платежни услуги, како и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.

Според Народната банка, размената на конкретни примери и искуства од супервизорската работа треба да придонесе за натамошно унапредување на домашните практики за надзор, особено во услови на брз развој на платежниот сектор и појава на нови платежни услуги и деловни модели.
Соработката со Хрватската народна банка ќе продолжи и во наредниот период преку дополнителни активности за размена на практични знаења и зајакнување на капацитетите во областа на супервизијата над платежните услуги.
Банки
Британските банки првпат префрлија токенизирани депозити меѓу различни банки
Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.
Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.
Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.
Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.
Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.
Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.
Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.
Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





