Connect with us

Банки

Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2025 година

Објавено

на

По повод денот на монетарната самостојност, Народната банка традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи. Добитничка на првата награда за 2025 година е Јасна Тоновска, асистентка и докторантка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за трудот со наслов „Волатилноста на меѓународните финансиски текови: импликации за македонската економија“. Во трудот се посочува дека изразената променливост на меѓународните финансиски текови носи ризици за економските остварувања во земјата, особено на среден рок, при што се заклучува дека макропрудентните мерки претставуваат ефикасен инструмент за ублажување на негативните ефекти од оваа променливост, којашто станува особено изразена по 2020 година, како резултат на засилената светска неизвесност и сѐ поголемите геополитички тензии.

По повод доделувањето на наградата, во Народната банка се одржа средба со наградената истражувачка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Одборот за оценување трудови составен од вицегувернерката Ана Митреска (претседателка) и членовите Султанија Бојчева-Терзијан, директорка на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика и Мите Митески, помошник на вицегувернерот, како и вицегувернерите Емилија Нацевска и Фадил Бајрами.

На средбата се разменија мислења за наградениот труд и за значењето на истражувачката работа при носењето политики засновани на докази. Акцентот беше ставен на важноста на поддршката што Народната банка им ја дава на младите истражувачи заради унапредување на истражувачката дејност во земјата. Имено, во изминатите деветнаесет години, токму преку оваа награда, Народната банка активно придонесува за поттикнување на истражувачката активност на младите во областа на макроекономијата и банкарството, со што се зголемува нивниот научен придонес со практична вредност при носењето на политиките.

Според традицијата, наградениот труд ќе биде презентиран на некоја од следните сесии на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто функционира како платформа за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на експертите од овие области.

Доделувањето на наградата е дел од одбележувањето на 33-годишнината од монетарното осамостојување и формирањето на Народната банка. Постојаното јакнење на институционалните и истражувачките капацитети ѝ овозможи на Народната банка да се издигне како реномирана и кредибилна институција на меѓународно ниво, со голем придонес во обезбедувањето на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Банки

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Објавено

на

Во својот најнов извештај за нашата земја, меѓународната рејтинг-агенција „Фич“ ги нагласува кредибилноста и континуитетот на монетарната политика на Народната банка, како и стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор. Агенцијата оценува дека долгорочната посветеност за одржување стабилна монетарна политика, поддржана од фиксниот курс на денарот кон еврото, претставува важен фактор за макроекономската стабилност. Фич воедно оценува дека девизните резерви остануваат стабилни и обезбедуваат соодветна покриеност на идните надворешни плаќања.

Во извештајот, „Фич“ наведува дека кредибилната и конзистентна монетарна политика придонесува за стабилноста на економијата. Во услови на повисоки инфлациски притисоци, Народната банка, во јуни 2026 година, ја зголеми основната каматна стапка за 25 базични поени на 4,25%. Според „Фич“, просечната инфлација во периодот јануари – август 2026 година изнесува 3,7%, при што повисоките цени на енергијата и растот на трошоците за труд и кредитната активност се меѓу факторите што влијаат врз ценовните движења.

Во однос на банкарскиот сектор, извештајот потврдува дека тој останува стабилен и добро капитализиран, со солидна ликвидност и отпорност. Во вториот квартал од 2026 година банките имаат висока адекватност на капиталот од 19,5%. Квалитетот на активата останува солиден, со нефункционални кредити од околу 2%.

Народната банка и натаму е посветена на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Во услови на променливи глобални економски услови и присутни инфлациски и надворешни ризици, централната банка внимателно ги следи инфлациските движења, кредитната активност и состојбата на финансискиот систем и соодветно ја приспособува монетарната политика.

Наодите на „Фич“ се потврда за важноста на кредибилната и соодветно водена монетарна политика, како и на стабилниот и добро капитализиран банкарски сектор, за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.

Продолжи со читање

Банки

Септемвриските пензии преку Халкбанк се достапни на сметките на пензионерите!

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје информира дека од 29 септември 2026 година, пензиите се достапни на сметките на пензионерите кои својата пензија ја примаат преку банката.

Средствата пензионерите можат да ги користат во сите филијали на Халкбанк, преку банкоматите, како и преку електронското и мобилното банкарство.

Пензионерите кои претходно дале согласност, пензијата можат да ја подигнат и во поштенските единици на Пошта на Северна Македонија.

Од Халкбанк посочуваат дека пензионерите имаат повеќе можности за пристап до своите средства, зависно од начинот на користење на банкарските услуги.

„Важни се луѓето!“, порачуваат од Халкбанк АД Скопје.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange