Connect with us
no baners

Банки

Историски исчекор за нашата земја ‒ Станавме членка на СЕПА

Објавено

на

Европскиот совет за плаќања денес ја прифати нашата земја како 39 членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Под водство на Народната банка, нашата земја направи значителни напори да ја усогласи правната рамка во доменот на плаќањата и платните системи со регулаторните барања на Европската Унија (ЕУ), со што и официјално се приклучи кон платежната област СЕПА, исполнувајќи една од најважните цели на патот кон членство во ЕУ.

„Од членството во СЕПА очекуваме бројни придобивки за нашите граѓани, компании, но и за економијата во целина. Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност (еден од највисоките во ЦЈЕ) и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“, посочува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во изјавата по повод одлуката на Европскиот совет за плаќања со што нашата земја стана членка на СЕПА.

Гувернерката истакна дека членството во СЕПА е потврда и за високите регулативни стандарди коишто се применуваат од страна на финансиските институции, што е важно за натамошно поттикнување на конкуренцијата, иновациите, но и за задржување на финансиската стабилност, како предуслов и за макроекономската стабилност којашто е јавно добро.

„Нашата економија се карактеризира и со релативно високи приливи на дознаки од странство, коишто достигнуваат и до 15% од БДП. Со оглед на тоа дека дознаките  претставуваат значителен дел од расположливиот доход на населението, нема да изостанат придобивките и врз оваа основа“, истакна Ангеловска-Бежоска додавајќи дека за да станат сите овие можности реалност, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.

„Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на правната рамка и стандардите за работа на платните системи со европските,  за што изразувам голема благодарност. Со овој значаен чекор, ја потврдуваме нашата заложба за финансиски напредок и за обезбедување на придобивките од оваа интеграција за секој граѓанин и бизнис во земјава“, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Банки

Словенечка НЛБ банка сака да ја преземе Адико банка, во игра и Рајфајзен банка

Објавено

на

НЛБ, најголемата банка од Словенија, објави меморандум за доброволна јавна понуда за преземање на австриската Адико Банк АГ, со што официјално започна процесот на една од позначајните банкарски аквизиции во регионот.

Според објавените информации, НЛБ банка нуди 29 евра во готовина по акција, а понудата се однесува на сите акции на Адико банка. Словенечката банка има цел да обезбеди најмалку 75 отсто од гласачките права, што би ѝ овозможило целосна контрола врз банката.

Доколку НЛБ успее да ги преземе сите 19,5 милиони акции на Адико банка по понудената цена, вредноста на трансакцијата би достигнала околу 565 милиони евра.

Периодот за прифаќање на понудата трае до 22 јули 2026 година, со можност за продолжување до крајот на октомври доколку бидат исполнети одредени услови.

НЛБ банка и претходно го најавуваше интересот за преземање на Адико банка, оценувајќи ја како стратешки важна аквизиција поради нејзиниот фокус на работење со население, како и со мали и средни претпријатија.

Потенцијалното преземање дополнително би ја зајакнало позицијата на НЛБ групацијата во Југоисточна Европа, каде што веќе има значително присуство преку мрежа на банки и финансиски институции.

Адико банка е создадена од поранешниот систем на Хипо Алпе-Адриа банка, а во последните години е насочена кон дигитално банкарство и кредитирање на граѓани и компании.

Објавувањето на меморандумот претставува формален чекор во процесот на преземање, кој сè уште треба да помине низ регулаторни процедури и да добие одобренија од надлежните институции.

Во меѓувреме, и Рајфајзен банка интернационал, најави намера да поднесе доброволна јавна понуда за преземање на сите издадени акции на Адико банка кои не се во сопственост на самата банка.

Продолжи со читање

Банки

Управниот одбор на Алта банка Битола со нов член

Објавено

на

Со именувањето на Стефан Николиќ за нов член на Управниот одбор, комплетиран е менаџерскиот тим на Алта банка, соопшти Банката преку објава на Македонска берза.

Николиќ е назначен со мандат од една година, врз основа на одлука донесена од Надзорниот одбор на 2 март 2026 година, а именувањето е потврдено и со согласност од Народната банка на Република Северна Македонија добиена на 8 мај годинава.

Од Банката посочуваат дека со новото назначување Управниот одбор е целосно екипиран, што треба да овозможи континуирано и ефикасно управување со работењето, согласно стратешките цели и регулаторните обврски.

Во актуелниот состав на Управниот одбор на Алта банка Битола се претседателката Александра Радевска, Зарије Коралија и Стефан Николиќ.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со промотивна понуда за штедење со камата до 3,30 проценти

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје нуди промотивна понуда за орочено штедење „Пролетен депозит“, со фиксна каматна стапка до 3,30 проценти и можност за избор на исплата на каматата – месечно или на крајот од периодот на орочување.

Според понудата, клиентите кои ќе штедат во денари ќе добијат каматна стапка од 3,30 проценти, додека за штедење во евра, американски долари и британски фунти е предвидена камата од 2,50 проценти.

Рокот на орочување изнесува 25 месеци, а промотивната понуда ќе важи до 31 мај 2026 година.

Од банката информираат дека повеќе детали за условите и начинот на аплицирање се достапни на официјалната страница на Халкбанк.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange