Банки
Средба Ангеловска-Бежоска − Стамнова: Со Единствениот регистар на сметки ги воспоставуваме најдобрите европски практики

Со реформите направени во изминатиот период преку донесувањето нови закони и подзаконски акти во платежната сфера и во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам, нашата држава го зацврсти својот пат кон европската интеграција. Воспоставувањето на Единствениот регистар на сметки е еден од тие важни чекори, коишто треба да ја олеснат обработката на податоците за платежните сметки, депозитните сметки и сефовите, што ќе придонесе за поефикасно делување на институциите, а ќе обезбеди и зголемена заштита на потрошувачите. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Централниот регистар, Анита Стамнова и нивните тимови.
На средбата беше истакнато дека Единствениот регистар на сметки ќе претставува важна основа за ефикасно извршување на плаќањата, за подобра финансиска контрола и спречување нелегални активности, според најдобрите европски практики. „Со Единствениот регистар на сметки ќе ја унапредиме ефикасноста на платниот систем во земјава. Преку него ќе се обезбеди пристап до важни податоци за институциите, коишто ќе можат да ги извршуваат своите задачи поефективно. Народната банка преку користењето на податоците од овој регистар ќе може да го подобри извршувањето на супервизорските задачи, како и да ја зголеми сигурноста, стабилноста и ефикасноста на платниот систем на земјата, а сето тоа во прилог на стабилноста на финансискиот систем на државата“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека воспоставувањето на овој регистар е значајно и за приклучувањето на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА и за обезбедувањето на потребната регулативна и функционална усогласеност, суштинска за нашата позиција во европскиот економски простор.
„Со донесување на новиот Закон за платни системи и платежни услуги, Централниот регистар ја доби улогата за водење Единствен регистар на сметки како администратор на регистарот. Во тој контекст, Централниот регистар ќе ја поддржи дигиталната трансформација на пазарот на платежни услуги преку воспоставување сеопфатна база на податоци за сметките и сефовите до кои ќе имаат пристап банките и новите небанкарските даватели на платежни услуги и коишто ќе може да ги користат за унапредување на своите решенија и системи за поефикасно и посигурно извршување на плаќањата од граѓаните и компаниите. Исто така, државните институции ќе може да ги користат податоците од овој регистар за поефикасно извршување на своите задачи. Со спроведувањето на барањата од релевантните прописи на Европската Унија во сферата на спречувањето перење пари и финансирање тероризам, проектот ќе придонесе кон одржување на интегритетот на финансискиот систем“, истакна Стамнова.
Воспоставувањето на Единствениот регистар на сметки е пропишано со Законот за платежни услуги и платни системи и со него ќе се исполни едно од главните барања од Петтата директива на Европската Унија за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, создавајќи цврста правна основа за интеграција на платниот систем на земјата во платежната инфраструктура на ЕУ. Со тоа значително ќе ја подобриме размената на податоци и соработката не само помеѓу домашните институции, туку и со останатите земји од Европската Унија. Оваа соработка е важна за зајакнување на контролата врз прекуграничните финансиски текови, како и за зголемување на ефикасноста на процесите за спречување незаконски активности, со што нашата држава покажува дека е подготвена и дека го прави потребниот напредок кон модернизацијата и сигурноста на својот финансиски систем.
На средбата беше истакната размената на податоците и соработката меѓу двете институции, а особено потребата од споделување искуства коишто ги применува Народната банка во делот на финансиската едукација.
Банки
ЕЦБ ги одбра давателите на услуги за дигиталното евро

Европската централна банка (ЕЦБ) направи голем чекор кон воведување на дигиталното евро. Во рамки на подготвителната фаза, избрани се даватели на услуги за пет клучни компоненти на проектот.
Кој стои зад дигиталното евро?
ЕЦБ склучи рамковни договори со следниве компании:
Пребарување псевдоними: Sapient GmbH & Tremend Software Consulting, equensWorldline
Ризик и измами: Feedzai, Capgemini Deutschland
Апликација и сет за развој на софтвер: Almaviva SpA & Fabrick SpA, Tremend Software Consulting
Офлајн решение: Giesecke+Devrient (вториот давател ќе биде објавен дополнително)
Безбедна размена на информации: Senacor FCS, equensWorldline
Барањата за услуги ќе се насочуваат прво кон првопласираните компании, додека вторите ќе бидат ангажирани само доколку е потребно.
Што значи ова за граѓаните и банките?
Со овој потег, дигиталното евро станува сѐ пореално. Сепак, ЕЦБ истакнува дека конечна одлука за негово издавање ќе има дури откако ќе се усвои Регулативата за дигиталното евро.
Тоа значи дека банките, финтек компаниите и граѓаните треба да бидат подготвени за нова ера во плаќањата – каде дигиталното евро може да стане дел од секојдневниот живот, како дополнување на готовината и постоечките електронски трансакции.
Карактеристики на дигиталното евро
Една од најважните карактеристики на дигиталното евро е можноста за офлајн плаќања, без вклучување на трети страни. Ова обезбедува ниво на приватност и отпорност слично на готовината, што денес е единствениот облик на пари со такви својства. Дигиталното евро, нема да ја замени готовината, туку ќе ја надополни, притоа нудејќи им на граѓаните поголема слобода на избор при дигитални трансакции. Средствата ќе се складираат директно на уредите на корисниците (паметни телефони, картички и други компатибилни уреди), а плаќањата ќе се извршуваат локално меѓу уредите. На тој начин се овозможува универзално достапно средство за плаќање, кое ќе функционира во секое време и на кое било место, дури и во услови без интернет конекција или електрично напојување, без притоа банките или централните институции да евидентираат детали за трансакциите.
Следни чекори
Развојот на компонентите ќе зависи од одлуката на Советот на управители на ЕЦБ за следната фаза. Во овој момент, рамковните договори не предвидуваат финансиски плаќања, но овозможуваат флексибилност за усогласување со идните законски промени.
Дигиталното евро има потенцијал да ја промени финансиската инфраструктура на Европа – носејќи повеќе безбедност, иновации и доверба во дигиталните плаќања.
Извор: (ЕЦБ)
Банки
Гувернерот Славески на конференција на Економскиот факултет: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.

Понатаму, гувернерот Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.

Гувернерот Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање гувернерот Славески порача и дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Банки
СЕПА во Македонија: Брзи, поевтини и дигитални плаќања во Европа од 7 октомври

Од вторник, 7 октомври, Македонија официјално станува дел од Единствената зона за плаќања во евро (SEPA – Single Euro Payments Area). Овој историски чекор ќе им овозможи на граѓаните и компаниите во земјава да вршат и примаат плаќања во евро на ист начин како во земјите од Европската Унија и пошироко.
Придобивки за граѓаните и компаниите:
Поевтини: Надоместоците за трансакции во евро ќе бидат значително пониски во споредба со досегашните меѓународни плаќања.
Побрзи: Парите ќе стигнуваат до примателот најчесто во рок од еден работен ден, без разлика дали плаќањето оди во Германија, Франција или било која друга СЕПА земја.
Поедноставени и дигитални: Наместо задолжителна посета на експозитура и обемна документација, како што беше досега, СЕПА плаќањата ќе може да се иницираат преку електронско и мобилно банкарство, што носи поголема удобност и заштеда на време.
Зошто е ова важно?
За бизнисите, ова значи намалување на административните и финансиските бариери при соработка со европски партнери. За граѓаните, пак, полесно праќање и примање пари – без редици и хартиена документација, директно од сопствениот телефон или компјутер.
Со приклучувањето кон СЕПА, Македонија прави значаен чекор кон европските интеграции и унапредување на финансиската инфраструктура, носејќи придобивки кои директно ќе ги почувствуваат и домаќинствата и компаниите.
(Банкарство)
-
Продуктипред 2 месеци
Потрошувачки кредити од Комерцијална банка со нова можност – животно осигурување со плус погодности
-
Продуктипред 2 месеци
НЛБ Банка со промотивна фиксна каматна стапка од 8,9% за сите безготовински трансакции со НЛБ haPPy картичката
-
Продуктипред 2 месеци
Промотивен потрошувачки пакет од ПроКредит Банка што „ги отвора сите врати“
-
Продуктипред 1 месец
Apple Pay достапен и за клиентите на Комерцијална банка
-
Анализипред 2 месеци
НЛБ Банка со Apple Pay и ефектот на бранување на иновациите во финансиската индустрија
-
Анализипред 2 месеци
Две од трите најголеми банки во државата со повисок даночен товар: Што носи глобалниот минимален данок?
-
Фондовипред 2 месеци
КБ Прво пензиско друштво: Разлика помеѓу пензија од втор и од трет столб
-
Анализипред 2 месеци
АНАЛИЗА: Кешот vs дигиталната ера – дали граѓаните ќе им останат верни на банкоматите?