Connect with us

Банки

Ангеловска-Бежоска на конференција во Приштина: Индексот на финансискиот развој на ММФ ја позиционира нашата земја меѓу најдобро рангираните во регионот

Објавено

на

„Индексот на финансискиот развој на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој го отсликува опсегот, пристапот и ефикасноста на финансиските институции и финансиските пазари, за нашата земја изнесува 0,26, што не позиционира меѓу најдобро рангираните во регионот. Ова покажува забележителен напредок во нивото на финансиското посредување и неговото унапредување. Сепак се уште постои јаз во однос на земјите од Европската Унија, што укажува на потребата за понатамошно финансиско продлабочување, преку коешто ќе се забрза и процесот на доходна конвергенција кон ЕУ “. Ова го посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која заедно со вицегувернерот Фадил Бајрами учествуваше на конференцијата „Премостување граници, градење иднина: интеграција во СЕПА за финансиска инклузија“, којашто се одржа во Приштина, Косово, во организација на Централната банка на Косово по повод 25-годишнината од нејзиното формирање.

Гувернерката посочи дека банкарскиот сектор остана потпора на економиите во регионот и за време на последната инфлациска криза. Зборувајќи за домашниот банкарски сектор, Ангеловска-Бежоска истакна дека тој оствари  највисок раст на адекватноста на капиталот во регионот, нефункционалните кредити се на историски најниски нивоа, додека ликвидноста останува висока. Сепак, за да се постигне побрза конвергенција и за да се зголеми потенцијалот за економски раст, потребен е понатамошен развој на финансискиот систем со повеќе алтернативи за финансирање.

„Земјите во регионот имаат релативно ниска стапка на домашно штедење, при што домашните пазари на капитал се плитки и не нудат доволно финансиски алтернативи. Оттука, финансирањето на структурната трансформација на економиите наметнува потреба од дополнителни извори, како на пример влез на странски капитал, вклучително и во банкарскиот систем, поттикнување на домашното штедење, искористување на странската готовина во оптек во овие земји за продуктивни цели, меѓународно финансирање. Во овој контекст, понатамошната консолидација и дигитализација на банкарскиот систем, како и понатамошното усогласување со европските стандарди ќе ја зголеми неговата конкурентност, овозможувајќи побрза интеграција со финансиските системи во ЕУ“, порача гувернерката Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека земјите од регионот се посветени на овој процес преку пристапувањето кон Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА).

Претставниците на меѓународните финансиски институции коишто присуствуваа на конференцијата искажаа поддршка за заложбите на централните банки од регионот за усогласување на националната правна рамка со европската, што е предуслов за пристапувањето во СЕПА.

На конференцијата, беше ставен фокус и на модернизацијата на платните системи кои се клучни за јакнењето на економските врски помеѓу државите во регионот. Членството во СЕПА, носи мноштво на придобивки, како за граѓаните, така и за стопанството преку намалување на трошоците и времето за прекуграничните трансакции. Нашата земја, Албанија и Црна Гора имаат висок степен на усогласеност со правната рамка на ЕУ и се првите три земји од Западен Балкан коишто наскоро очекуваат одговор на барањата за скорешно пристапување во СЕПА.

Банки

Народна банка: Каматите на вкупните кредити се намалија, новите заеми поскапеа во август

Објавено

на

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2026 година изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и од 0,23 процентни поени на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала непроменета во однос на јули и изнесувала 2,18 проценти. На годишно ниво е забележано минимално намалување од 0,01 процентен поен.

Истовремено, податоците покажуваат поинакво движење кај новите банкарски производи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и за 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70 проценти.

Повисоки камати се забележани и кај новопримените депозити. Нивната просечна каматна стапка изнесувала 2,72 проценти, што е зголемување од 0,30 процентни поени во однос на јули и од 0,66 процентни поени во однос на август минатата година.

Каматите за компаниите благо се намалуваат кај постојните кредити

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август се намалила за 0,01 процентен поен и изнесувала 4,33 проценти. На годишно ниво намалувањето изнесува 0,19 процентни поени.

Кај депозитите на компаниите, пак, е забележано зголемување. Просечната каматна стапка изнесувала 2,69 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени на месечно и од 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Позначителен раст е регистриран кај новоодобрените корпоративни кредити. Нивната просечна каматна стапка достигнала 4,68 проценти, по месечен раст од 0,47 процентни поени. На годишна основа, по неколку месеци на намалување, каматата се зголемила за 0,35 процентни поени.

Кај новопримените депозити на компаниите каматната стапка изнесувала 2,75 проценти, при месечен раст од 0,77 и годишен раст од 0,89 процентни поени.

Каматата на кредитите за населението падна на 5 проценти

Кај домаќинствата продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во август таа изнесувала 5 проценти, што е намалување од 0,02 процентни поени во однос на јули и од 0,27 процентни поени на годишно ниво.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата останала непроменета на месечно ниво и изнесувала 2,11 проценти. Во споредба со август минатата година, таа е пониска за 0,03 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити за домаќинствата немало промена во однос на претходниот месец, па просечната каматна стапка останала на 4,73 проценти. На годишно ниво, сепак, таа е повисока за 0,05 процентни поени.

Новопримените депозити на домаќинствата во август носеле просечна камата од 2,72 проценти, што претставува зголемување од 0,07 процентни поени на месечно и од 0,54 процентни поени на годишно ниво.

Податоците на Народната банка покажуваат дека, иако просечните камати на вкупното кредитно портфолио продолжуваат благо да се намалуваат, кај новоодобрените кредити во август е забележан раст на каматните стапки. Од друга страна, повисоките камати на новопримените депозити значат и нешто подобри услови за новото штедење во банките.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange