Connect with us

Банки

Александра Тасеска Бубевска и Билјана Маринческа се најдобрите банкарски службеници од Стопанска банка а.д. Битола за 2024 година

Објавено

на

На свеченото одбележување на Светскиот ден на штедење, кое традиционално го организира Македонската Банкарска Асоцијација, беа доделени признанија за постигнати особени резултати во работата на службениците номинирани од банките, штедилниците, Клириншката куќа КИБС и Македонското кредитно биро.

Стопанска банка АД Битола оваа година го награди ангажманот на своите најдобри службенички, Александра Тасеска Бубевска и Билјана Маринческа, кои се истакнаа со својата посветеност и професионалност. Наградата за најдобар банкарски службеник за 2024 година ја добија овие две извонредни претставнички, кои вложија голем труд и залагање во насока на одлична услуга кон клиентите.

Прашани како се станува најдобар во својата професија и што за нив значи оваа награда, Билјана изјави: „Наградата, по повеќе од 10 години работа во СТББТ, за мене е доказ за моето професионално залагање и труд, што претставува јавно признание за мојата добра работа. Потенцијалот кој е препознаен и успехот кој го постигнав го прават ова признание уште повредно, не само за мене, туку и за тимот со кој работам. Ова признание е поттик за мене да продолжам да се развивам и да бидам поефикасна, мотив со кој гледам кон нови достигнувања.“

Александра истакна: „Пред сè, сум благодарна на Стопанска банка Битола за наградата за најдобар службеник за 2024 година. Работата со клиенти е нешто во кое се пронајдов и ја работам со многу љубов. Кога се работи нешто што се сака, успехот е неминовен. Ме исполнува секојдневната работа со клиентите и нивното информирање. Благодарна сум на клиентите кои секојдневно покажуваат доверба во нашата банка.“

Стопанска банка АД Битола ја препознава и вреднува посветеноста и трудот на своите вработени, што се потврдува со ваквите награди и признанија.

Банки

Одржана седница на Советот на Народната банка: Стабилноста на банкарскиот систем и натаму јакне

Објавено

на

Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои Извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.

Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%.

Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.

Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.

Советот на Народната банка ја усвои Рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење. Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба.

Продолжи со читање

Банки

Федералните резерви на САД ги намалија каматните стапки, но говорот на Пауел го намали оптимизмот на пазарите

Објавено

на

Федералните резерви на САД одобрија второ последователно намалување на каматните стапки, во услови на зголемена економска неизвесност и ограничен пристап до макроекономски податоци. Одлуката, која беше донесена со гласање од 10-2 во рамките на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), ја намали референтната каматна стапка во опсег од 3,75% до 4%.

Паралелно со ова, ФЕД најави и дека ќе го прекине процесот на квантитативно затегнување (QT), односно намалувањето на сопствените хартии од вредност – на 1 декември 2025 година, што претставува значаен пресврт во монетарната политика на институцијата.

Поделени ставови во Федералниот комитет

Одлуката не беше донесена едногласно. Гувернерот Стивен Миран, назначен од поранешниот претседател Доналд Трамп, повторно гласаше против, барајќи поагресивно намалување од 50 базични поени. На спротивната страна се најде Џефри Шмид, претседател на Федералните резерви на Канзас Сити, кој смета дека стапките воопшто не требало да се намалуваат.

Пауел, пак, на прес-конференцијата по состанокот порача дека ново намалување на каматите во декември не е извесно.

„Во Комитетот имаше различни мислења за идните чекори. Намалување на стапките во декември не е завршена работа, далеку од тоа“, изјави Пауел, додавајќи дека меѓу гувернерите се зајакнува ставот дека треба да се почека „барем еден циклус“ пред ново олеснување на политиката.

По неговите коментари, пазарите ги намалија очекувањата за ново намалување во декември од 90% на 67%, според податоците на „CME Group“. Акциите краткорочно паднаа, но потоа се стабилизираа кон крајот на тргувањето.

Неизвесност без економски податоци

Одлуката на ФЕД беше донесена во период кога владата на САД привремено ја суспендираше објавата на официјални економски податоци, што значи дека клучните индикатори како вработеност, малопродажба и БДП не беа достапни.

Во соопштението на FOMC се наведува дека „економската активност се шири умерено, но растот на вработувањето забавува, а инфлацијата останува зголемена“. Комитетот нагласува и дека ризиците за намалување на вработеноста се зголемиле во последните месеци.

Крај на квантитативното затегнување (QT)

ФЕД потврди дека ќе ја заврши својата програма за намалување на износот на обврзници во билансот на состојба, кој изнесува околу 6,6 трилиони долари.
Преку оваа програма позната како квантитативно затегнување (QT), ФЕД го намали своето портфолио за околу 2,3 трилиони долари во последните години.

За време на пандемијата, централната банка го зголеми својот биланс од нешто над 4 трилиони долари на речиси 9 трилиони, поддржувајќи ликвидност и стабилност на финансиските пазари.

„Иако е соодветно да продолжиме со нормализација, не очекуваме враќање на нивото од пред пандемијата“, изјави Пауел.

Баланс меѓу раст и инфлација

Оваа одлука претставува редок случај во кој ФЕД ја олеснува монетарната политика во услови на раст на берзите и релативна економска експанзија.

Иако индексите на акциите достигнаа рекордни нивоа, Федералните резерви се свесни дека прекумерното олеснување може повторно да предизвика раст на инфлацијата, што би наложило нов циклус на заострување на монетарната политика.

Со последните чекори, ФЕД се обидува да го постигне тенкиот баланс помеѓу стимулирање на економијата и спречување на нов инфлаторен притисок, сценарио што ќе биде клучно за глобалните пазари во последниот квартал од 2025 година.

Продолжи со читање

Банки

Профитот на Стопанска банка АД – Скопје достигна 3,34 милијарди денари – раст од 8% на годишно ниво

Објавено

на

Стопанска банка во третиот квартал од 2025 година продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност. Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 4.305.324 илјади денари и во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 963.402 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 30.09.2025 година изнесува 3.341.922 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 8%.

Нето-приходите од камати изнесуваат 4.132.751 илјади денари и се намалени за 11% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на намалените каматни стапки.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 589.267 илјади денари и се намалени за 9% во однос на анализираниот период во 2024 година, како резултат на зголемените трошоци од страна добавувачите на платни и картични услуги, како и регулативни ограничувања на приходите од провизии кај некои категории на сервиси.

Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 15.420.962 илјади денари.

Капиталот и резервите изнесуваат 28.085.802 илјади денари, што претставува намалување за 4% во однос на крајот на 2024 година како резултат на исплатената дивиденда на имателите на обични акции. Дополнително, Банката пренамени износ од 3.670.382 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот на 20,54%.

Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности согласно дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, подобрување на оперативната ефикасност како и понуда на нови услуги. Секако, примарна цел останува редовното и ефикасно извршување на деловните активности, одржувањето на лидерското пазарно учество во сегментот на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите. Банката продолжува интензивно да работи на интерните процеси со цел да обезбеди понуда на пазарот која ќе биде уште побрза, полесна и, секако, посовремена, а филијалите на Банката сè повеќе ќе се ориентираат кон советодавни услуги и изнаоѓање решенија соодветни на потребите на клиентите. Банката е фокусирана подеднакво како на сервисирање на своите клиенти по највисоки стандарди така и на поддршка на своите вработените, унапредување на работните услови и тимскиот дух.

Во анализираниот период, Банката продолжи да ги надградува проектите кои се фокусираат на заштита на животната средина, инклузијата и создавањето подобар свет за сите. Проектот „Зелен ѕид“ продолжи со поставување нови садници на дрвја во Скопје, со цел да се збогати “Паркот на магнолиите” во Градскиот парк. Успешно беше реализирано деветтото издание на спортско-рекреативниот настан „Вози право, вози здраво“, на кој учествуваа над 9.000 граѓани од Скопје. Во јуни, Банката ја отвори новата Читална за студентите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, целосно опремена со најсовремени материјали и ентериер. Како реакција на огромната трагедија во Кочани, Банката донираше директна финансиска помош до семејствата на настраданите и повредените лица во пожарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange