Connect with us

Осигурување

Многу добри полугодишни резултати – Групација Триглав ја подобри прогнозата за годишниот деловен резултат

Објавено

на

Групација Триглав постигна многу добри резултати во првата половина од оваа година.
Нејзиниот вкупен обем на деловно работење достигна 942,9 милиони евра, што е за 2
отсто помалку од минатата година, а земајќи го предвид ефектот од загубата на премијата поради укинување на дополнително здравствено осигурување во Словенија, забележа раст од 9 отсто. Оствари 89,5 милиони евра деловна добивка пред оданочување (12,1 милион евра во истиот период во 2023 година), додека нето деловниот резултат изнесува 75,4 милиони евра (11,4 милиони евра минатата година). За ова најмногу придонесе осигурителниот дел од деловното работење на сегментот Имот, а сите деловни сегменти на Групацијата работеа успешно. Работењето на Групацијата во доменот на штети беше релативно поволно во првата половина од годината, при што проценетите штети од природни масовни штетни настани не се разликуваат во голема мера од нивоата од претходните години. Групацијата, за првата половина од годинава проценува дека ќе го надмине планираниот годишен деловен резултат пред оданочување и предвидува дека ќе оствари меѓу 130 и 150 милиони евра. Групацијата и оваа година ја одржува финансиската стабилност и капитализација на соодветно ниво, доследно спроведува стратегија во насока на раст, развој и одржливи амбиции и се стреми да биде стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите.

ДЕЛОВЕН РЕЗУЛТАТ НА ГРУПАЦИЈАТА ТРИГЛАВ

Групацијата во првата половина од оваа година оствари деловен резултат пред оданочување од 89,5 милиони евра (2023: 12,1 милион евра), додека нето деловниот резултат изнесува 75,4 милиони евра (2023: 11,4 милиони евра). Матичната компанија на Групација Триглав, Заваровалница Триглав, оствари деловен резултат пред оданочување од 63,4 милиони евра (2023: 29,1 милион евра) и нето деловен резултат од 53,8 милиони евра (2023: 24,6 милиони евра). Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави: „По минатата година, кога еднократни настани влијаеа негативно на резултатите, најавивме, согласно нашата стратегија, нормализирање на работењето за оваа година. Задоволни сме што бевме многу успешни во ова во првата половина од годината, бидејќи по ветувачкиот прв квартал, успехот го повторивме и во вториот квартал. Сите деловни сегменти придонесоа за многу добри полугодишни резултати на Групација Триглав, но најголем придонес имаше осигурителната дејност во сегментот Имот.“

Групација Триглав, повеќе од две третини од полугодишниот резултат пред оданочување, т.е. 62,1 милион евра, оствари во доменот на осигурителната дејност, при што сегментот Имот оствари резултат од 52,2 милиони евра (2023: 20,3 милиони евра). На ова влијаеше зголемениот обем на осигурување на клиентите и растот на продажбата на меѓународните пазари врз основа на принципот на слободен проток на услуги (ФОС бизнис), а дополнително влијание имаа и досегашните зголемувања на премиските стапки и бројните мерки преземени во доменот на преземање ризици во осигурување. Во осигурителниот сектор, сегментот Живот оствари резултат од 9,8 милиони евра (2023: 5,6 милиони евра), додека сегментот Здравство, по минатогодишната загуба, годинава имаше позитивен резултат. Резултатот во инвестицискиот сегмент од работењето достигна 20,8 милиони евра (2023: 14,0 милиони евра), на што најмногу влијаеја зголемените приходи од камати. Неосигурителната дејност оствари резултат од 6,6
милиони евра (2023: 4,3 милиони евра), а нејзиниот раст доаѓа главно од управувањето со средствата на клиентите во заеднички инвестициски фондови и индивидуалното управување.

За работењето на Групација Триглав до крајот на годината, Претседателот на Управниот
одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, рече: „Планиравме, Групација Триглав во 2024 година да постигне деловен резултат пред оданочување меѓу 100 и 120 милиони евра. По полугодието, проценуваме дека ќе го надминеме и ќе постигнеме меѓу 130 и 150 милиони евра. Притоа, ги зедовме предвид очекуваните деловни услови до крајот на годината, меѓу кои, најнеизвесни фактори се природните масовни штетни настани, кои што на годишна основа вообичаено се поинтензивни во вториот и третиот квартал. Поставивме амбициозни цели и нашиот тим во Триглав посветено работи на нивно успешно остварување, за што им благодарам многу“.

НАЈВАЖНИ ДЕЛОВНИ ИНДИКАТОРИ НА ГРУПАЦИЈАТА ВО ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД 2024 ГОДИНА

Вкупниот деловен обем на Групација Триглав достигна 942,9 милиони евра, што е за 2 отсто помалку од минатата година. Но, ако се земе предвид ефектот од загубата на премијата поради укинување на дополнителното здравствено осигурување, обемот забележа раст од 9 проценти. Освен во Словенија, каде што обемот беше под влијание на споменатиот ефект, Групацијата ја зајакна премијата на повеќето други пазари во регионот Адриа (вкупен раст од 7 проценти) и во пошироката меѓународна средина (раст од 16 проценти). Групацијата продолжува успешно да го зајакнува уделот на премијата од пазарите надвор од Словенија. Ова учество се зголеми на 20,6 отсто (2023: 18,6 отсто), учеството на Словенија се намали на 57,9 отсто (2023: 63,3 отсто), додека уделот на меѓународното осигурување и реосигурување достигна 21,6 отсто (2023: 18,1 отсто).

Работењето во доменот на штети на Групацијата беше релативно поволно во првата половина од годината. Побарувањата остварени на ниво на Групација во вкупен износ од 287,3 милиони евра се намалени за 34% споредено со истиот период минатата година, при што се намалени во сите три сегменти на осигурување, но најзабележително во сегментот Здравје. Ова главно се должи на овогодинешното укинување на дополнителното здравствено осигурување во Словенија. Во првата половина од годината, проценетата вредност на штетите од природни масовни штетни настани изнесува 10,0 милиони евра, што не отстапува значително од нивото во претходните години. Оперативните расходи, заедно со другите поврзани расходи за услуги за
осигурување на Групација Триглав, се зголемени за 4 отсто, на 214,6 милиони евра. Во
согласност со активностите на Групацијата, најголемо учество имаат трошоците за работна сила, 45%, додека најголем раст од 18% имаат трошоците за обезбедување на осигурување. Последното е последица на зголемениот обем на работа на пазарите надвор од регионот Адриа и продажбата преку надворешни продажни канали.

Комбинираниот количник во сегментите Имот и Здравје во првата половина од годината изнесуваше поволни 90,6 отсто (2023: 102,0 отсто). Профитабилноста на новиот бизнис во сегментот Живот достигна 14,1 отсто (2023: 13,1 отсто). Останатите сеопфатни приходи изнесуваат 3,8 милиони евра (минатата година: 9,3 милиони евра). Годишниот принос на капиталот е 17,3 отсто (2,6 отсто во 2023), а порастот е пред сѐ резултат на повисокиот нето деловен резултат. Членот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Урош Иванц, рече: “Нашите показатели се значително подобрени, споредено со претходниот период. Комбинираниот количник во сегментите Имот и Здравје е на поволно ниво, на што најмногу влијаеше намалениот штетен количник, како резултат на зголемениот обем на работење и бројните мерки, спроведени во делот на преземање и управување со ризици во осигурување.”

Вкупните средства под управување на Групацијата на крајот на првата половина од годината изнесуваат 5.329,3 милиони евра, што е за 10 отсто повеќе во однос на крајот на 2023 година. Компаниите на Групацијата управуваа со сопствени средства, со средства на осигурените лица кои го преземаат инвестицискиот ризик и финансиските вложувања од финансиски договори во износ од 3.572,1 милиони евра (5 отсто повеќе од крајот на 2023 година). Составот на ова портфолио е споредлив со состојбата на крајот на 2023 година. Профитабилноста на финансиските инвестиции на Групацијата, без инвестициите во корист на осигурениците кои го преземаат инвестицискиот ризик, се зголеми за 1,1 процентен поен во однос на минатата година и изнесува 3,0 отсто.

Групацијата Триглав останува финансиски стабилна, адекватно ликвидна и капитализирана на соодветно ниво. Тоа го потврдува и високиот кредитен рејтинг А добиен годинава, со стабилна прогноза на среден рок, на агенцијата за кредитен рејтинг S&P. Членот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Урош Иванц, објасни: „Внимателно управуваме со ризиците на кои сме изложени. Како дел од континуираните активности на ефикасно управување со капиталот на Групацијата, на почетокот на јули успешно издадовме нова субординирана обврзница.“

Групацијата се грижи за рационализација и оптимизација на своето работење и во таа насока работи и оваа година. Претседателот на Заваровалница Триглав Андреј Слапар додаде: „По минатогодишното регулирање на цените на дополнителното здравствено осигурување во Словенија и последователното повлекување на овие производи од пазарот оваа година, започнавме процес на спојување на подружницата за здравствено осигурување со матичната компанија. На почетокот на јули го прифативме понудениот надоместок во согласност со соодветната владина уредба“.

Групацијата постојано ги следи дефинираните стратешки насоки. И оваа година, имајќи ги предвид потребите на клиентите, развива осигурителни производи, дигитализира и
автоматизира менаџирање на штети и други процеси и внимателно воведува вештачка
интелигенција. Како осигурителна и финансиска групација, спроведува активности за
финансиска писменост и едукација на јавноста за изложеноста на ризици дома и на патиштата, а оваа година дополнително ги едуцираше клиентите за проценка на ризикот од природни катастрофи, покривајќи поплави, земјотреси, град и молњи. Во своето работење, Групацијата се придржува до својата заложба за одржливост, што се рефлектира во секој аспект од нејзините активности, вклучувајќи ги и напорите за намалување на јаглеродниот отпечаток и за промовирање на еднаквоста и транспарентноста.

ГРУПАЦИЈАТА ТРИГЛАВ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР

Групацијата Триглав на македонскиот пазар ја сочинуваат компаниите Триглав Осигурување, Триглав Осигурување Живот и Триглав пензиско друштво. Компаниите Триглав Осигурување и Триглав Осигурување Живот во првата половина од 2024 година ја зголемија вкупната бруто полисирана премија на износ од 19,9 милиони евра (на крајот на првото полугодие од 2023 година изнесуваше 16 милиони евра). Групацијата, која имаше пазарен удел од 14,7 отсто на крајот на првиот квартал од 2024 година (што е за 1,3 отсто повеќе во однос на првиот квартал претходната година), ја зазема третата позиција на македонскиот пазар.

Триглав Осигурување во првата половина од годината оствари раст на премијата и ја потврди лидерската позиција на пазарот на неживотно осигурување. „Во денешниот дигитален свет, посветени сме на искористување на моќта на технологијата за да обезбедиме исклучително корисничко искуство. Затоа, во првата половина од годината работевме на оптимизирање на дигитални решенија за клиентите и за внатрешните процеси, кои што придонесуваат кон поефикасно работење и подобрување на задоволството на клиентите. Истражувањата покажуваат дека нашите клиенти и јавноста го препознаваат квалитетот на производите и услугите што ги нуди Триглав Осигурување, за што потврда се и сертификатот за квалитет Qudal Quality Medal и Best Buy Award наградата што компанијата ги освои оваа година“, изјави Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ.

Во првата половина од годината и Триглав Осигурување Живот оствари раст на премија и на пазарниот удел. „И во првата половина од оваа година го продолжуваме континуираниот раст кај сите продажни канали и тарифи. Сето ова е резултат на препознавање на барањата на клиентите и понуда од која  тие би имале најголем бенефит. Триглав Живот веќе неколку квартали останува на водечката позиција по бројот на продадени полиси за животно осигурување, што ни говори дека клиентите нѐ препознаваат како партнер на кој што можат да му веруваат при инвестирањето на своите средства“, изјави Христина Џамбазовска Анастасов, Генерален директор на Триглав Осигурување Живот АД, Скопје.

Истовремено, Триглав пензиско друштво го задржа приматот на најбрзо растечко членство во сегментот на вториот задолжителен пензиски столб и забележа стабилен раст на средствата под управување. „Задоволни сме од динамиката и интензитетот на реализација на целите. Остануваме посветени на понатамошен напредок во сите клучни области од нашето делување, со фокус на квалитетот на корисничката поддршка, едукацијата и грижата за членовите на фондовите, со кои што управуваме“, изјави г-дин Тихомир Петрески, Претседател на Управен одбор на Триглав пензиско друштво.

Осигурување

Халк Осигурување со порака за Светскиот ден на грижата за себе: Осигурај се денес за посигурно утре

Објавено

на

На 24 јули се одбележува Светскиот ден на грижата за себе, ден посветен на потсетувањето дека грижата за сопственото здравје, благосостојба и сигурност треба да биде дел од секојдневието.

По тој повод, од Халк Осигурување порачаа дека грижата за себе денес претставува инвестиција во тоа како ќе се чувствуваме утре.

„Осигурувањето е еден од начините да се грижиш за себе – преку одлуки што се однесуваат и на денес и на иднината“, наведуваат од компанијата во објава на социјалните мрежи.

Со пораката „Покажи си самољубов. Осигурај се“, од Халк Осигурување потсетуваат на значењето на навремената грижа и носењето одлуки кои придонесуваат за поголема лична сигурност.

Продолжи со читање

Осигурување

Пазарот на животно осигурување со силен раст во 2025 година! Кој го движи?

Објавено

на

За пазарот на животно осигурување 2025 беше година на забрзување. Шесте компании на овој пазар ја завршија 2025 година со вкупна бруто полисирана премија од 3,19 милијарди денари, наспроти 2,89 милијарди во 2024, што претставува раст од 10,2%.

Притоа, овој раст најмногу се должи на силниот раст oд 28,5% на животното осигурување комбинирано со удели во инвестициски фондови, а тоа во апсолутен износ значи од 794,4 милиони во 2024 на 1,02 милијарди денари во 2025 година. Класичното животно осигурување има умерен раст од 3,3%, од 2,10 милијарди денари во 2024 на 2,17 милијарди денари во 2025.

Табела 1 – Рангирање според пазарен удел и премија

КомпанијаВкупна полисирана премијаПазарен удел
КРОАЦИЈА Осигурување – Живот937,9 млн. ден.29,4%
Триглав Осигурување Живот666,6 млн. ден.20,9%
ВИНЕР ЛАЈФ (VIG)642,5 млн. ден.20,14%
ГРАВЕ537,8 млн. ден.16,86%
СИГАЛ ЛАЈФ358,8 млн. ден.11,25%
ПРВА ЖИВОТ46,3 млн. ден.1,45%

(податоците се од Агенција за супервизија на осигурување)

Трите водечки компании Кроација Живот, Триглав Живот и Винер лајф заедно држат 70,4% од пазарот, што е малку повеќе од 69,1% во 2024, што значи дека пазарот останува концентриран. Во однос на вкупната полисирана премија, најбрзо расте Прва Живот (129%), но врз основа на ниска база. Следуваат Кроација Живот со раст од 13,7%, Сигал лајф (13,1%), Триглав Живот (12,6%), Винер лајф (10,0%) и Граве (-3,2%). Во однос, пак, на пазарниот удел најмногу го зголемиле Кроација Живот (0,89 п.п.), Прва Живот (0,75 п.п.) и Триглав Живот (0,44 п.п.), додека најмногу изгубил Граве (-2,34 п.п.)

Во класично осигурување живот, Кроација Живот има најголема вредност на бруто полисираната премија во вкупен износ од 724,9 милиони денари. Следуваат Триглав Живот со 478,2 милиони денари и Граве со 439,1 милиони денари. Потоа доаѓа Винер лајф со 261 милион денари, па Сигал со 239,7 милиони денари. Последна е Прва Живот со само 25,8 милиони денари. Полисите за традиционалното осигурување живот остануваат база на пазарот, но бележат умерен раст. Мотор на растот на бизнисот е категоријата „удели во инвестициски фондови“, каде на чело е Винер лајф со вкупна полисирана премија од 381,5 милиони денари. Потоа се Кроација Живот со 213 милиони денари и Триглав Живот со 188,4 милиони денари. Сигал бележи вкупна премија во оваа категорија од 119,1 милион денари, а Граве од 98,7 милион денари, додека Прва Живот има само 20,4 милиони денари.

Во број на склучени договори, заклучно со последниот квартал, 2025 година заостанува зад 2024. Вкупниот број на ниво на цел сектор за животно осигурување е намален од 95.023 во 2024 на 34.055 во 2025. Ова најмногу се должи на рекордот на Триглав Живот во 2024, кој изнесува 74.245 склучени договори. Во минатата година, најмногу склучени договори за полиси за осигурување живот има Сигал лајф (17.533). Триглав Живот со 5.872 и Кроација Живот со 5.883 договори се во тесна трка.

Во 2025, бруто вредноста на исплатените (ликвидирани) штети достигна 1,22 милијарди денари, наспроти 1,05 милијарди во 2024, што е раст од 16,5%. Најголем износ бележи Кроација Живот 516,2 милиони денари. Следува Граве со ликвидирани штети во вредност од 273,6 милиони денари. На трето место е Триглав Живот со 194,8 милиони денари, а на четврто Винер лајф со 156,7 милиони денари.

Нерешените штети се намалени од 692 во 2024 на 606 во 2025 година, додека штетите во судски спор се намалени од 14 на 9. Бројот на одбиени штети расте од 284 на 340.

На ниво на пазар, вкупниот капитал за една година порасна од 2,50 милијарди денари на 2,74 милијарди денари, што е раст од 9,5%. Маргината на солвентност е зголемена од 670,9 милиони денари на 737,2 милиони денари (+9,9%). Кога растот на премијата е поддржан со раст на капиталот, тоа е добар знак за стабилноста на овој сектор.

Оваа година се очекува да покаже дали растот на инвестицискиот сегмент ќе продолжи со исто темпо и како компаниите ќе го балансираат растот со профитабилноста и ефикасноста.

Рамка

Што велат во компаниите за осигурување живот?

Ги прашавме компаниите:

  • Дали во 2025 година граѓаните повеќе размислуваа за финансиска сигурност и животно осигурување? Како ја оценувате годината од аспект на продажба и интерес?
  • Каков профил на клиенти најчесто склучуваше полиса за животно осигурување во 2025 година – млади, семејства, лица пред пензија – и дали забележувате промени во навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочно штедење и финансиска заштита?
  • Дали класичното животно осигурување и понатаму е најбаран производ во споредба со инвестициското осигурување и полисите со штедна компонента? Што најмногу ги мотивира клиентите при изборот на ваков тип производ?
  • Какви се Вашите очекувања за 2026 година? Дали очекувате раст на пазарот на животно осигурување и кои фактори најмногу ќе влијаат врз одлуката на граѓаните да инвестираат во ваков вид финансиска заштита?

Граве Осигурување: Младите сè почесто избираат животно осигурување

Во 2025 година забележавме продолжување на веќе растечкиот тренд кај осигурувањето на живот, при што особено се издвојува зголемениот интерес за информирање и запознавање со различните опции што им се достапни на осигурениците. Ова укажува на постепено созревање на пазарот – клиентите не носат импулсивни одлуки, туку вложуваат време во разбирање на производите. Дополнително, влијание имаат и глобалните економски неизвесности, инфлацијата и зголемената свесност за личните финансии, што ги поттикнува граѓаните да бараат долгорочни решенија за заштита и штедење.

Анализата на податоците од продажбата покажува дека најголем дел од клиентите се млади лица и штотуку формирани семејства. Интересно е што значителен дел од нив доаѓаат од ИТ индустријата, што може да се поврзе со нивната изложеност на глобални финансиски трендови, каде осигурувањето на живот се смета за стандардна алатка за управување со ризик и долгорочно планирање.

Во однос на навиките, забележуваме неколку важни промени:

•          Клиентите започнуваат со осигурување на помлада возраст

•          Се зголемува интересот за комбинирани производи (заштита + штедење)

•          Се носат поинформирани одлуки, често по детална споредба на производи

Ова укажува на постепено преминување од реактивно кон проактивно финансиско планирање.

Со години, во нашата компанија најголема побарувачка имаше за производите за традиционално осигурување на живот со штедна компонента. Тоа се производи каде што вложувањата на штедниот дел ги управува нашата компанија и средствата се вложуваат во стриктно пропишани категории согласно законската и подзаконската регулатива во областа на осигурувањето.

Во последните години, овој тренд се менува и побарувачката расте за производи за осигуруввање на живот со штедна компонента која се инвестира во инвестициски фондови (или познато кратко како јунит линкд осигурување). За илустрација, БПП кај традиционалното осигурување на живот (класа 19) во 2018 учестувало со 90% во вкупната премија за осигурување на живот, а во 2025 со 68%. 

Кај јунит линкд осигурувањето, штедниот дел од средствата на осигурениците се вложува во отворени инвестициски фондови, во зависност од одбраниот осигурителен производ. Овие производи се направени во соработка со Друштвата за управување со инвестициски фондови и вложувањата во нив носат различен степен на ризичност.  Главна карактеристика им е дека вложувањата се повеќе или помалку волатилни и зависат од многу надворешни фактори. Во актуелниот глобален контекст, со зголемена геополитичка и економска неизвесност, оваа волатилност е особено изразена.

Од тие причини, ние секогаш на нашите клиенти им советуваме првенствено да го имаат предвид основниот концепт на производот осигурување на живот, а тоа е да пружи заштита на корисниците на осигурување, пред заработката.

Очекуваме трендот на раст на пазарот на осигурување на живот да продолжи. Покрај самите предности кои ги носи осигурувањето на живот како мотив за инвестирање во овој вид финансиска заштита, сметаме дека од големо значење е факторот на квалитетна продажба, каде што потенцијалните осигуреници ќе ги добијат вистинските информации за да доднесат информирана одлука. Покрај тоа, сметаме дека на понатамошниот развој на пазарот на осигурување на живот ќе влијае и вовоедувањето на даночни стимулации.

Винер Лајф: Даночните стимулации се услов за раст на пазарот на животно осигурување

Ако разгледуваме подолг период од 10-15 години, секако може да се забележи позитивен тренд во размислувањето на граѓаните за финансиската сигурност и животното осигурување. Меѓутоа, ако ја анализираме изолирано само 2025 година, не може да се каже дека има некаков позначаен исчекор напред.

Во текот на 2025 година продажбата на полиси за животно осигурување на ниво на целиот пазар бележи мало зголемување, но тоа не е доволно за да има позначително влијание врз развојот на животното осигурување во Македонија.

За да се постигне позначаен исчекор во развојот на оваа индустрија, неопходно е и државата да го постави животното осигурување во рамноправна положба со останатите финансиски институции и да овозможи одредени даночни олеснувања. Такви поволности веќе постојат кај други финансиски институции, како што се банките, пензиските фондови од третиот столб и инвестициските фондови.

Иако во нашето портфолио се застапени клиенти од сите старосни групи, сепак најголем дел од осигурениците се на возраст од 30 до 55 години.

Кога станува збор за навиките, забележливо е дека младите луѓе, особено оние на возраст помеѓу 20 и 30 години, сè полесно го прифаќаат концептот на животно осигурување и сè почесто се одлучуваат својата финансиска сигурност да ја обезбедат преку некој од производите за животно осигурување.

Ако ги анализираме само новосклучените договори во 2025 година, може да се каже дека нашите клиенти покажуваат најмал интерес за класичното животно осигурување со штедна функција.

Најголем интерес има за unit-linked производите, или како што вие го нарекувате инвестициско осигурување.

Воедно, значаен раст во 2025 година, како и во претходните години, бележи и осигурувањето поврзано со банкарските кредити. Дополнително, на пазарот на животно осигурување во 2025 година беше забележлив и тренд на пораст на полиси со еднократна уплата на премија.

Исклучително е неблагодарно да се прават прецизни предвидувања за 2026 година, имајќи ги предвид бројните геополитички случувања во светот.

Наше предвидување е дека, кога станува збор за новосклучените полиси, нивниот број ќе се движи во рамките на остварувањата од 2025 година, додека вкупната бруто полисирана премија за животно осигурување на нашиот пазар ќе бележи раст помеѓу 5% и 10%.

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Продолжи со читање

Осигурување

Халк Осигурување инвестира во развојот на лидерските и комуникациските вештини на вработените

Објавено

на

Халк Осигурување продолжува со вложувањата во професионалниот развој на своите вработени, со фокус на унапредување на знаењето, лидерството и комуникациските компетенции.

Во соработка со Институтот „Симбитика“, компанијата реализирала развојни програми наменети за менаџерскиот тим и за останатите вработени.

Програмите биле насочени кон подобрување на лидерските способности, комуникацијата, соработката и тимската ефикасност.

Од компанијата посочуваат дека инвестирањето во вработените не придонесува само за создавање подобри тимови, туку и за зајакнување на довербата, заедничката одговорност и долгорочниот успех.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange