Connect with us
no baners

Банки

Шпаркасе Банка пионер во имплементација на платформата Отворено банкарство

Објавено

на

Шпаркасе Банка АД Скопје ја стави во функција платформата за Отворено банкарство. Станува збор за регулаторно барање, кое стапува во сила во март 2026 година, и платформата е целосно усогласена со барањата од Законот за платежни услуги и платни системи и постојната регулатива на ЕУ.

Како пионер во пласирање отворено банкарство, и институција посветена на задоволството на клиентите и подобрување на банкарското искуство, Шпаркасе Банка е фокусирана на професионална примена на овие иновативни решенија.

Со максималната посветеност да ги имплементира сите новини, Банката ја докажа својата позиционираност како клучен двигател во економијата, и како банка што инвестира во дигитализација и која секогаш ги слуша ставовите на клиентите и ги задоволува нивните потреби.

Платформата за Отворено банкарство е реализирана во партнерска соработка со АСЕЕ, членка на Asseco групацијата. Таа е отворена за пристапување на сите заинтересирани фин-тек компании, со цел преку неа да развиваат свои иновативни решенија користејќи ги можностите на отвореното банкарство. Развојниот портaл и техничка документација се достапни на https://developer.open-bank.sparkasse.mk/

Oтвореното банкарство е новитет во платежниот сектор и претставува иднина на банкарството каде што финансиската слобода и врвната технологија се спојуваат за да го редефинираат начинот на кој клиентите ги користат финансиските услуги.

Потенцијалот што го нуди Отворено банкарство за бизнисот и за корисниците е огромен, почнувајќи од обезбедување нови, иновативни финансиски продукти, персонализирани понуди, па сè до директни плаќања од корисничките сметки и консолидирани информации за крајните корисници, притоа обезбедувајќи целосна безбедност и заштита на корисничките податоци.

Крајните корисници ќе можат да ги користат придобивките на платформата за Отворено банкарство користејќи ги постојните механизми за автентикација и авторизација, без да се наметнуваат никакви дополнителни побарувања за кориснички акции специфични за ова решение.

Шпаркасе Банка е фокусирана кон целосна дигитална трансформација, која има за цел олеснување на достапноста на производите на Банката како и забрзување и унапредување на услугите кон клиентите. Банката интензивно работи на напредни проекти, кои ќе овозможат целосно дигитално патување при користење широк спектар сервиси преку дигитални канали. Подобрувањето на банкарското искуство на клиентите останува еден од главните приоритети на Банката.

Банки

Каматната стапка останува 4%: Народна банка предупредува на ризик од поскапувања и можно затегнување на политиката

Објавено

на

Народна банка одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4 проценти, по редовната седница на Извршниот одбор посветена на монетарната политика.

Одлуката е донесена во услови на зголемена глобална неизвесност и потреба од дополнителни податоци за ефектите врз домашната економија. Во исто време, централната банка посочува дека постојните мерки, како задолжителната резерва и макропрудентните инструменти, остануваат насочени кон зачувување на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата. Сличен пристап задржа и Европската централна банка, која исто така не ги промени каматните стапки.

Глобалните ризици, особено поврзани со продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток, влијаат врз цените на енергенсите, кои и понатаму се на високо ниво. Ова, според Народна банка, создава дополнителен притисок врз инфлацијата и ја зголемува неизвесноста во наредниот период.

Во првиот квартал од 2026 година, инфлацијата забави на 3,7 проценти, но сепак останува нешто над очекувањата. Зголемените увозни цени и новите проекции за раст на цените на енергијата и храната упатуваат на ризик од понатамошно зголемување на инфлацијата. Доколку ваквите притисоци продолжат, централната банка најавува можност за идно зголемување на каматната стапка.

Девизните резерви на крајот на март изнесуваат над 5,2 милијарди евра и бележат раст во однос на крајот на минатата година, делумно поради задолжувањето на државата на меѓународниот пазар. Народна банка продолжува да интервенира на девизниот пазар за да обезбеди доволна ликвидност.

Домашната економија го задржа растот од 3,8 проценти во последниот квартал од 2025 година, додека податоците за почетокот на 2026 укажуваат на умерено забавување. Ризиците за економскиот раст се главно поврзани со надворешното окружување, додека реализацијата на инфраструктурните проекти останува клучен фактор за идната економска динамика.

Во банкарскиот сектор продолжува растот на депозитите и кредитите, со динамика над очекувањата за почетокот на годината.

Од Народна банка нагласуваат дека ќе продолжат внимателно да ги следат сите економски движења и се подготвени да реагираат со соодветни мерки со цел зачувување на стабилноста на денарот и ценовната стабилност на среден рок.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк со нова кампања за финансиска писменост кај децата

Објавено

на

Халкбанк ја промовира новата кампања „Прва финансиска лекција за деца“, насочена кон развој на финансиска писменост уште од најрана возраст. Преку брендот „Халки“, банката има за цел да ги поттикне децата да стекнат основни навики за штедење, планирање и одговорно управување со пари.

Кампањата се базира на пристап според кој првите финансиски знаења се клучни за формирање на идните навики. Од банката посочуваат дека учењето за пари не треба да започне со првите приходи, туку многу порано, преку практични примери и секојдневни ситуации.

„Нашата цел е да придонесеме за создавање генерации кои знаат да носат одговорни финансиски одлуки. Преку ‘Халки’ сакаме да им овозможиме на децата да направат први чекори кон финансиска самостојност, но и да ја разберат одговорноста што таа ја носи“, информираат од Халкбанк.

Платформата „Халки“ вклучува повеќе услуги наменети за деца и родители. Во нејзин состав е и платежна картичка за деца на возраст од 9 до 15 години, преку која тие можат да управуваат со свои средства, додека родителите имаат увид и контрола преку мобилното банкарство.

Покрај оваа иницијатива, Халкбанк реализира и други активности поврзани со финансиска едукација, меѓу кои и издавање на буквар за финансиска писменост, како и организација на едукативни работилници за деца.

Со новата кампања, банката ја продолжува својата практика на вложување во образованието и развојот на младите, со фокус на долгорочно градење на одговорни финансиски навики.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ предупредува на ризик од рецесија: конфликтот со Иран може да ја турне еврозоната во стагфлација

Објавено

на

Ризикот еврозоната да западне во рецесија поради продолжување на конфликтот на Блискиот Исток станува сè пореален. Членот на Управниот совет на Европска централна банка и гувернер на грчката централна банка, Јанис Стоурнарас, оцени дека стравувањата од економско забавување се „реални и оправдани“, особено ако војната со Иран продолжи да создава нарушувања во снабдувањето.

Тој посочи дека еврозоната досега покажала одредена отпорност, но дека растот очигледно забавува. Новиот енергетски шок, поттикнат од геополитичките тензии, доаѓа во момент кога економијата веќе е ослабена, што ја прави ситуацијата поранлива во споредба со претходните кризи.

Клучниот предизвик за ЕЦБ е комбинацијата од слаб економски раст и потенцијален нов раст на цените на енергенсите. Поради зависноста од увоз на енергија, секое поскапување на нафтата и гасот брзо се одразува врз трошоците на компаниите, куповната моќ на домаќинствата и инфлациските очекувања.

За разлика од 2022 година, кога инфлацијата следеше по силно постпандемиско закрепнување, сегашната економска состојба остава помал простор за реакција. Државите се соочуваат со зголемен јавен долг, а монетарната политика и понатаму е под влијание на претходната борба со инфлацијата.

Според Стоурнарас, засега нема значително прелевање на повисоките енергетски цени во вкупната инфлација. Но, доколку дојде до посериозни нарушувања во снабдувањето или оштетување на енергетската инфраструктура, инфлациските притисоци би можеле да се задржат и на среден рок. Воедно, неизвесноста може да ги одложи инвестициите и дополнително да го забави економскиот раст.

ЕЦБ разгледува три можни сценарија: ако шокот биде краткотраен, нема да има промена на политиката; ако инфлацијата привремено значително го надмине целното ниво од два отсто, можна е ограничена интервенција; а во најлошото сценарио, при долготрајни инфлациски отстапувања, би следела поагресивна реакција.

Овие проценки ја отсликуваат сложената позиција на централната банка, која мора да балансира помеѓу поддршката на економијата и контролата на инфлацијата. Развојот на настаните поврзани со Иран ќе има клучно влијание врз каматните стапки, инвестициите и економските перспективи на еврозоната.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange