Connect with us

Анализи

Растот на банкарските депозити во Романија забави во јули

Објавено

на

Депозитите на недржавниот сектор во романските банки во јули продолжиле да растат, но со побавно темпо во споредба со претходниот месец, покажуваат податоците на Народната банка на Романија (БНР).

На годишно ниво, депозитите во јули се зголемиле за 7,8 отсто и достигнале 684,6 милијарди леи, што е околу 130,3 милијарди евра.

За споредба, во јуни годишната стапка на раст на депозитите изнесувала 8,2 отсто, што укажува на благо забавување на растот во текот на јули.

И покрај пониската стапка на раст, вкупниот износ на средствата што недржавниот сектор ги чува во романските банки останува на високо ниво.

Податоците се објавени од романската централна банка, а ги пренесува SeeNews.

Анализи

Македонските банки со силна профитабилност, расте побарувачката за кредити

Објавено

на

Македонските банки се меѓу оние со најсилни резултати во Централна, Источна и Југоисточна Европа, покажува истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за првата половина од 2026 година.

Според ЕИБ, профитабилноста на банките во регионот останува висока, а особено добри резултати се забележани во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Чешка, Унгарија, Косово и Србија.

Истражувањето покажува и силна побарувачка за кредити од граѓаните и компаниите, при што главен двигател се потрошувачките и станбените кредити.

Дополнителен позитивен сигнал е интересот на меѓународните банки за проширување на работењето. Три четвртини од анкетираните прекугранични банкарски групации планираат да ги зголемат своите активности во регионот, а ниту една не очекува повлекување или намалување на присуството.

Во изминатите шест месеци се подобрил и квалитетот на кредитното портфолио, со намалување на нефункционалните кредити. Условите за финансирање, исто така, остануваат поволни благодарение на растот на депозитите на граѓаните и компаниите и пристапот до средства од меѓународните финансиски институции.

ЕИБ оценува дека овие движења се позитивни за инвестициите и економскиот развој и укажуваат на значителен потенцијал за понатамошен раст на банкарскиот сектор во регионот.

Продолжи со читање

Анализи

ММФ: Светската економија подобро од очекуваното се справува со последиците од војната во Иран

Објавено

на

Светската економија подобро од очекуваното се справува со енергетската криза предизвикана од конфликтот во Иран, оцени директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева.

Таа, сепак, предупреди на влошување на фискалната состојба во дел од земјите, што се одразува преку растот на приносите на обврзниците, како и на застојот во намалувањето на инфлациските притисоци.

Во пресрет на состанокот на Г20 следната недела во Ешвил, Северна Каролина, Георгиева изјави дека врз глобалната економија истовремено влијаат енергетскиот шок поради ситуацијата во Персискиот Залив и силниот инвестициски бран во областа на вештачката интелигенција, кој сè повеќе се шири и надвор од САД.

Според неа, изгледите за глобалниот раст сега се значително поурамнотежени отколку во април, иако негативните ризици и натаму преовладуваат. Меѓу главните причини ги посочи растечките фискални притисоци и можноста централните банки подолго да ја задржат построгата монетарна политика за да ја контролираат инфлацијата.

„Глобалниот раст им се спротивставува на негативните влијанија од високите нивоа на долг, упорната инфлација и трговските тензии. Досега енергетскиот шок по затворањето на Ормутскиот Теснец го поднесе подобро отколку што стравувавме“, изјави Георгиева.

Како фактори што придонеле за поголемата отпорност, таа ги наведе користењето на резервите на нафта и гас во повеќе земји, зголеменото снабдување од држави надвор од Персискиот Залив, намалената побарувачка за енергија и растот на капацитетите за производство од обновливи извори. Во одредени региони, според неа, повторно било зголемено и производството на електрична енергија од јаглен.

Георгиева посочи и дека инвестициите во вештачка интелигенција во САД ги поддржуваат профитите на компаниите и личната потрошувачка, додека сè повеќе земји инвестираат во изградба на центри за податоци.

Продолжи со читање

Анализи

Светот во 2025 година доби речиси два милиони нови милионери, нивното богатство достигна рекордни 98,3 билиони долари

Објавено

на

Бројот на луѓе со висока нето-вредност во светот се зголемил за речиси два милиони во текот на 2025 година, а нивното вкупно богатство достигнало рекордни 98,3 билиони долари, покажува најновиот Светски извештај за богатството на „Capgemini“.

Според податоците, бројот на лица со висока нето-вредност, односно оние кои располагаат со инвестициски средства поголеми од еден милион долари без да се пресметува вредноста на нивниот дом, пораснал за 7,9 отсто и достигнал 25,3 милиони луѓе.

Нивното вкупно богатство во 2025 година се зголемило за 8,7 отсто, што претставува најголем годишен раст од 2018 година.

Во оваа категорија, лицата со инвестициски средства меѓу еден и пет милиони долари се сметаат за милионери од пониската категорија, оние со меѓу пет и 30 милиони долари за средна категорија, додека лицата со повеќе од 30 милиони долари се вбројуваат во групата со ултрависока нето-вредност.

Иако последната група сочинува само околу еден отсто од богатата популација, таа поседува дури 34,8 отсто од нејзиното вкупно богатство.

Раст и во Европа

Во Европа има околу шест милиони лица со висока нето-вредност, што е зголемување од околу 6,5 отсто во споредба со 2024 година. Истовремено, растот на нивното богатство значително забрзал – од само 0,7 отсто во 2024 на осум отсто во 2025 година.

Најголем раст на бројот на богати лица е забележан во Луксембург, од 13,5 отсто. Во Германија бројот се зголемил за 11,1 отсто, во Белгија за девет отсто, во Франција за 2,7 отсто, а во Обединетото Кралство за 2,6 отсто.

Според „Capgemini“, се менува и начинот на кој најбогатите го распределуваат својот капитал. Сè поголем дел од средствата се насочуваат кон акции, сопственички удели и инструменти со фиксен принос, додека се намалува уделот на готовината.

Извршниот потпретседател на „Capgemini“, Герет Вилсон, оценува дека поголемата подготвеност на богатите лица за инвестирање може да придонесе за економски раст и создавање нова вредност.

Во Европа, секторите како одбранбената индустрија и енергетиката придонеле за силниот раст на берзите. Германскиот индекс DAX во 2025 година пораснал за речиси 22 отсто, додека британскиот FTSE 100 забележал раст од 21,5 отсто.

Како фактори што придонеле за ваквите движења се наведуваат и политиката на каматните стапки на Европската централна банка, поголемата стабилност на пазарите и зголемените инвестиции во иновации.

Извор: Euronews

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange