Анализи
Пензиските фондови во Македонија со средства од речиси 200 милијарди денари
Нето средствата со кои управуваат трите задолжителни пензиски фондови во Северна Македонија достигнале 199,7 милијарди денари во април, што претставува раст од 3,5 проценти во споредба со крајот на претходниот месец, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
Најголем дел од средствата ги управува КБ Прво пензиско друштво преку фондот КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, со нето средства од 96,2 милијарди денари.
Следува Сава пензиско друштво со пензиски фонд и средства во вредност од 85,2 милијарди денари, додека Tриглав пензинско друштво преку Триглав отворен задолжителен пензиски фонд управува со 18,4 милијарди денари.
Според податоците на МАПАС, на крајот на април КБ фондот имал 287.931 членови, Сава 266.935, а Триглав 80.374 клиенти.
КБ Прво пензиско друштво е во косопственост на словенечката Скупина прва и Комерцијална банка.
Сава пензиско друштво е во сопственост на словенечкиот реосигурител Сава ре, додека Триглав пензиско друштво е дел од словенечката осигурителна група Триглав.
Според последните податоци, Северна Македонија има население од околу 1,8 милиони жители.
Анализи
ЕУ лани издвоила рекордни 130,2 милијарди евра за истражување и развој
Владите на земјите членки на Европската унија во 2025 година издвоија вкупно 130,2 милијарди евра за истражување и развој, што одговара на 0,69 отсто од бруто домашниот производ на ЕУ, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Во споредба со 2024 година, кога за оваа намена биле предвидени 127,14 милијарди евра, издвојувањата се зголемени за 2,4 отсто.
Растот е уште поизразен ако се погледне подолг временски период. Во 2015 година буџетските средства за истражување и развој изнесувале 81,14 милијарди евра, што значи дека за една деценија се зголемени за 60,5 отсто.
На ниво на Европската унија, буџетските издвојувања за истражување и развој во 2025 година изнесувале во просек 288,9 евра по жител. Тоа е за 57,7 отсто повеќе во однос на 2015 година, кога просекот бил 183,2 евра по жител.
Меѓу земјите членки убедливо води Луксембург, каде што од државниот буџет биле издвоени 917,2 евра по жител. Следуваат Данска со 627,1 евро и Германија со 553,5 евра по жител.
На дното на листата е Романија со само 18,8 евра по жител. Ниски издвојувања се регистрирани и во Унгарија, со 57,4 евра, како и на Малта, со 73,7 евра по жител.
Податоците се однесуваат на државните буџетски средства за истражување и развој, познати како GBARD, кои ги опфаќаат средствата што владите ги планираат за финансирање научни истражувања, технолошки развој и иновации.
Во споредба со 2015 година, Романија е единствената членка на ЕУ што забележала пад на буџетските издвојувања за истражување и развој по жител. Средствата се намалиле за 9,6 отсто, од 20,8 на 18,8 евра по жител.
Сите останати земји членки забележале раст, кој се движи од 14,7 отсто во Шведска до дури 495,5 отсто во Бугарија. Таму издвојувањата се зголемиле од 15,5 на 92,3 евра по жител.
Најголемиот дел од европските буџети за истражување и развој, односно 37,3 отсто, бил насочен кон општиот развој на знаењето преку јавните универзитетски фондови. Дополнителни 18,4 отсто биле наменети за развој на знаењето од други извори, 9,5 отсто за индустриско производство и технологија, 6,7 отсто за здравството, а 5,8 отсто за истражување и развој во областа на одбраната.
Анализи
Волстрит паѓа втор ден по ред, азиските берзи во плус
Берзанските индекси на Волстрит во вторникот паднаа втор ден по ред, додека инвеститорите остануваат претпазливи поради растот на цените на нафтата, неизвесноста околу американско-иранските преговори и состојбата во технолошкиот сектор.
Индексот Dow Jones се намали за 0,34 отсто, на 53.791 поен, S&P 500 загуби 0,32 отсто и се спушти на 7.728 поени, додека Nasdaq падна за 0,60 отсто, на 26.445 поени.
S&P 500 бележи пад втор ден по ред, откако во петокот достигна рекордно ниво. Инвеститорите се повнимателни поради отсуството на напредок во преговорите меѓу САД и Иран, како и поради стравувањата дека поскапувањето на енергенсите би можело дополнително да ги засили инфлациските притисоци.
Под притисок во последните денови е и технолошкиот сектор, по силниот раст на акциите во претходните недели. Во понеделникот позначително поевтинија акциите на неколку производители на чипови, додека во вторникот под продажен притисок се најдоа Amazon и Alphabet.
На азиските берзи во средата се тргуваше претпазливо, но поширокиот MSCI индекс на азиско-пацифичките акции околу седум часот беше во плус од 0,5 отсто.
Акциите во Индија, Австралија и Хонгконг забележаа пад меѓу 0,4 и 1,2 отсто, додека берзите во Шангај, Јапонија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,3 и 4,1 отсто.
Пазарите остануваат чувствителни на сигналите за инфлацијата, каматните стапки и движењата во технолошкиот сектор, по периодот на силен раст на дел од најголемите американски компании.
Анализи
Еврото се повлече од двомесечниот максимум пред клучните податоци од САД
Еврото во средата ослабе во однос на американскиот долар, оддалечувајќи се од највисокото ниво во последните два месеца, додека инвеститорите ги очекуваат клучните податоци за инфлацијата во САД и внимателно ги следат преговорите околу Ормутскиот Теснец.
Во европското тргување еврото се намали за 0,1 отсто, на 1,1533 долари, откако денот го започна на 1,1541 долар. Највисокото дневно ниво изнесуваше 1,1545 долари.
Европската валута во вторникот го заврши тргувањето речиси непроменета, откако во понеделникот загуби 0,25 отсто поради корекција и реализација на добивката од двомесечниот максимум од 1,1581 долар.
Истовремено, индексот на американскиот долар порасна за 0,1 отсто, продолжувајќи ја позитивната серија трет ден по ред. Побарувачката за американската валута е поддржана од неизвесноста околу преговорите меѓу САД и Иран за Ормутскиот Теснец, како и од очекувањата за јулските податоци за инфлацијата во САД.
Инвеститорите очекуваат овие податоци да дадат појасна слика за идните одлуки на Федералните резерви и можноста за зголемување на американските каматни стапки во текот на годината.
Дополнителен притисок врз финансиските пазари создава растот на цените на нафтата. Во средата тие се зголемија за повеќе од еден отсто, трет ден по ред, приближувајќи се до највисоките нивоа во последните две недели поради загриженоста за безбедноста на снабдувањето со енергенси од Блискиот Исток.
Повисоките цени на нафтата повторно ги засилуваат стравувањата од инфлација и во Европа. Како резултат на тоа, очекувањата на пазарите дека Европската централна банка во септември би можела да ја зголеми каматната стапка за 25 базични поени се зголемиле од 35 на 50 отсто.
Инвеститорите во наредниот период ќе ги следат и новите податоци за инфлацијата, невработеноста и платите во еврозоната, кои би можеле дополнително да влијаат врз очекувањата за монетарната политика на ЕЦБ.
Доколку американската инфлација се покаже повисока од очекувањата, тоа би можело дополнително да ги зголеми шансите за заострување на монетарната политика на Федералните резерви и да му даде нова поддршка на доларот во однос на еврото, оценува Economies.com.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



