Анализи
Каде во Европа пензиите ги покриваат трошоците за живот, а каде не?
Дали државните пензии во Европа се доволни за покривање на основните трошоци за живот? Според најновото истражување на компанијата за човечки ресурси и пресметка на плати Moorepay, одговорот е негативен за повеќе од половина од анализираните земји.
Анализата, која ги споредува пензиите со трошоците за живот кон крајот на октомври 2025 година, покажува огромни разлики низ континентот. Во дури 20 од 39 европски држави, пензиите не се доволни за покривање на основните трошоци и тоа без да се земе предвид киријата, што значи дека реалната состојба може да биде уште понеповолна.
На врвот на листата се наоѓа Луксембург, каде просечната пензија изнесува околу 28.790 евра, додека трошоците за живот се проценети на 12.791 евра. Тоа значи дека пензионерите таму имаат значителен вишок. Слична состојба има и во Италија и Финска, каде пензиите се повеќе од двојно повисоки од трошоците, како и во Шпанија и Данска, каде покриеноста е речиси целосна.
Во групата земји каде пензиите значително ги надминуваат трошоците за живот спаѓаат и Исланд, Норвешка, Германија, Белгија, Австрија, Франција, Холандија и Шведска, со сооднос меѓу 150 и 180 проценти. Постојат и земји како Швајцарија, Ирска, Обединетото Кралство, Полска, Чешка и Грција, каде пензиите ги покриваат основните трошоци, но со многу помал простор за дополнителни расходи.
Од друга страна, во голем број земји пензионерите се соочуваат со финансиски притисок. Во 20 европски држави пензиите не се доволни за покривање на трошоците за живот. Во некои од нив, како Словенија, Словачка, Естонија и Португалија, покриеноста е блиску до 100 проценти, но сепак недоволна.
Во оваа група се и земјите од регионот, Црна Гора, Литванија, Хрватска и Унгарија, каде пензиите покриваат околу 80 до 90 проценти од трошоците.
Состојбата е уште потешка во дел од Источна Европа и Балканот, каде пензиите не покриваат ни половина од трошоците за живот. Најниско рангирани се Грузија, Албанија, Украина и Молдавија. Во оваа категорија се и Босна и Херцеговина, Кипар, Северна Македонија, Турција и Латвија.
Податоците укажуваат на јасна географска поделба, во Северна и Западна Европа пензиите најчесто ги покриваат или ги надминуваат основните трошоци, додека во Централна Европа покриеноста е умерена. Во Источна Европа и на Балканот, пак, пензиите најчесто не се доволни.
Експертите посочуваат дека разликите се резултат на економската моќ на државите, но и на структурата на пензиските системи. Во многу посиромашни земји, семејната поддршка останува клучен фактор за преживување на постарите лица.
Според податоците на ОЕЦД, дури 66 проценти од приходите на лицата над 65 години во Европа доаѓаат од јавни трансфери, што ја нагласува важноста на пензиските системи за квалитетот на живот на пензионерите.
Анализи
Берзанските индекси на Волстрит без поголеми промени, Nasdaq повторно во плус
Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот завршија со мали промени, додека инвеститорите останаа внимателни поради растот на цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници.
Dow Jones ослабе за 0,3 проценти, на 51.349,98 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.704,13 поени. Nasdaq Composite, исто така, заврши речиси без промена, на 26.939,37 поени.
Притисок врз пазарите создадоа повисоките приноси на обврзниците и поскапувањето на нафтата, кои повторно ги засилија стравувањата од подолготрајни инфлаторни притисоци и построга монетарна политика на американската централна банка. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се искачи на околу 5,22 проценти.
Тргувањето во Азија во петокот исто така беше претпазливо, по мешаната сесија на Волстрит и продолжената неизвесност околу движењето на енергентите и каматните стапки.
Анализи
Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање
Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.
Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.
За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.
Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.
Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.
Може ли ваков модел и во Македонија?
Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.
Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.
Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.
За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.
Анализи
Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.
Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.
Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.
Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





