Connect with us

Банки

ЕБОР ја назначи Екатерина Соловова за нова шефица на канцеларијата во Црна Гора

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја назначи Екатерина Соловова за придружна директорка и шефица на канцеларијата за Црна Гора, а на новата функција ќе стапи на должност на 1 септември 2026 година.

Соловова ќе ги предводи активностите на Банката во Црна Гора, вклучувајќи ја реализацијата на инвестициите, дијалогот за јавни политики и поддршката на реформските процеси во земјата. Таа ќе го наследи Ремон Закарија, кој ќе ја преземе функцијата шеф на канцеларијата на ЕБОР во Ерменија.

Во својата нова улога, Соловова ќе соработува со државните институции, приватниот сектор и меѓународните партнери за поддршка на развојните приоритети на Црна Гора. Меѓу нив се зелената транзиција, зајакнувањето на енергетската безбедност, подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор и поддршката на процесот на пристапување на земјата во Европската Унија.

Таа има повеќе од две децении искуство во развојното финансирање и инвестициската индустрија, стекнато преку ангажмани во Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Soros Fund Management, Varde Partners и ЕБОР. Поседува и значително искуство во управување со комплексни проекти и координација на голем број засегнати страни.

Соловова првпат се приклучила на ЕБОР во 2004 година како банкарка во секторот за технологија, медиуми и телекомуникации. По неколкугодишна работа во приватниот инвестициски сектор во Лондон, во 2012 година повторно се вратила во Банката, каде извршувала повеќе високи функции, меѓу кои советничка на претседателот на ЕБОР и придружна директорка за приватен капитал.

Во јули 2021 година беше назначена за шефица на канцеларијата на ЕБОР во Албанија. За време на нејзиниот мандат, Банката инвестирала околу 900 милиони евра во повеќе од 90 проекти, со значително проширување на поддршката за приватниот сектор во областите на обновливите извори на енергија, туризмот, рударството, агробизнисот и финансиските услуги.

ЕБОР ја смета Црна Гора за важно пазарно подрачје, со фокус на одржлива инфраструктура, енергетска транзиција, развој на приватниот сектор и реформи на јавните политики. Од Банката оценуваат дека искуството и резултатите на Соловова ќе бидат значајни за понатамошната реализација на инвестициите и реформите поврзани со европската интеграција и долгорочниот развој на земјата.

Банки

Кредитите во август пораснале за 13,6 отсто, депозитите за 9 отсто

Објавено

на

Кредитната активност на банките во август годинава забележала раст од 0,7 отсто на месечно и 13,6 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Раст е забележан и кај кредитите на домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Вкупните депозити, пак, во август се зголемиле за 1,6 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот изнесува 9 отсто. Зголемување е регистрирано и кај депозитите на домаќинствата и кај компаниите.

Кај корпоративниот сектор, депозитите пораснале за 6,2 отсто на месечно и 6,1 отсто на годишно ниво. Кредитите на компаниите, пак, во август се зголемиле за 0,6 отсто на месечно ниво, додека годишниот раст забрзал на 15,1 отсто. Зголемувањето целосно произлегува од кредитирањето во домашна валута.

Депозитите на населението во август се намалиле за 0,4 отсто во однос на јули, но на годишна основа се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на домаќинствата пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,8 отсто годишно.

Кредитите на населението продолжиле да растат, и тоа за 0,7 отсто на месечно и 12,3 отсто на годишно ниво. Потрошувачките кредити бележат годишен раст од 12,2 отсто, а станбените кредити од 16,2 отсто.

Истовремено, паричната маса во август се зголемила за 1,3 отсто на месечно и за 8,2 отсто на годишно ниво.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ и европските централни банки бараат промена на правилата за резервите на стејблкоините

Објавено

на

Европската централна банка и националните централни банки во Европската Унија предлагаат да се укине обврската издавачите на стејблкоини да чуваат минимален дел од своите резерви како депозити во банки, објави Reuters.

Во моментов, според правилата на MiCA, издавачите на стејблкоини треба да чуваат 30 отсто од резервите како банкарски депозити, а кај поголемите издавачи тој удел изнесува 60 отсто. Централните банки предлагаат ова правило да се замени со барање одреден минимален дел од резервите да биде вложен во средства што доспеваат во рок од еден до пет работни дена.

Според Европскиот систем на централни банки, чувањето на резервите како банкарски депозити може да ја промени структурата на финансирање на банките, бидејќи постабилните депозити на граѓаните би можеле да бидат заменети со депозити од издавачи на стејблкоини, кои се почувствителни на пазарни движења.

Европските монетарни власти предупредуваат и на ризиците поврзани со таканаречените модели на повеќекратно издавање на стејблкоини, кај кои токените издадени во ЕУ се третираат како заменливи со оние издадени надвор од Унијата. Според нив, ваквите модели можат да создадат ризици за финансиската стабилност.

Централните банки дополнително укажале дека европските регулатори се соочуваат со значителни предизвици во спроведувањето на правилата за крипто-секторот, бидејќи дел од компаниите што не се усогласени со прописите и натаму имаат пристап до клиенти во ЕУ.

Продолжи со читање

Банки

Околу 80 вработени во Стопанска банка даруваа крв во крводарителска акција

Објавено

на

Околу 80 вработени во Стопанска банка АД – Скопје вчера учествуваа во крводарителска акција, покажувајќи хуманост и солидарност преку доброволно дарување крв.

Од Банката истакнаа дека со оваа акција вработените уште еднаш покажале дека и еден мал гест може да има големо значење за оние на кои им е потребна помош.

Стопанска банка упати благодарност до сите вработени кои учествуваа во акцијата, нагласувајќи дека со својата несебичност придонесуваат за поддршка, надеж и шанса за живот.

Крводарителската акција е дел од активностите преку кои Банката и нејзините вработени ја поддржуваат хуманоста и општествената одговорност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange