Останато
[Конференција INFINTECH 2025]: Западен Балкан се подготвува за воведување на регионален TIPS клон до 2026 година
Земјите од Западен Балкан, ја започнаа завршната фаза на подготовки за воведување заедничка инфраструктура за инстант плаќања по примерот на европскиот систем TIPS. Новиот платежен систем, кој треба да започне со работа на 20 јули 2026 година, ќе овозможи пресметка и порамнување на трансакции во реално време, за само десет секунди, и претставува клучен чекор кон модернизација на платежните услуги и поголема финансиска интеграција на регионот.
Вицегувернерката на Централната банка на Црна Гора, Зорица Калезиќ, потсети дека остатокот од светот веќе длабоко е навлезен во ерата на инстант плаќањата:
„Денес живееме во свет во кој 106 земји веќе имаат инстант плаќања. За жал, во регионот, освен Србија, ниту една земја нема таква можност.“
Калезиќ посебно укажа на фактот дека трошоците за трансакции преку граница меѓу земјите од регионот се меѓу највисоките на европскиот континент.
„Кога станува збор за трансакциски надоместоци преку граница, мораше да бидеме многу транспарентни. Тие беа највисоки на европскиот континент. На пример, за испраќање на 20.000 евра од Црна Гора до компанија во Северна Македонија, трошокот изнесуваше 1,4% од вредноста на средствата. За испраќање на 5.000 евра, трошокот беше 1,1%. Според податоците на Светската банка, тие трошоци изнесувале околу 0,18% односно 0,38% од вредноста, но сè уште зборуваме за многу високи надоместоци.“
Патот кон TIPS клон
Земјите од регионот инспирација пронајдоа во нордискиот модел P27, азиските платежни врски и системот RT1. Во еден момент, поставено беше прашањето зошто да не побараат од Европската централна банка да им овозможи „клон“ на TIPS системот.
„На почеток бевме одбиени, но на крајот сфатија дека можеме да бидеме многу добар пилот за потенцијално идно проширување на TIPS системот на уште поголеми пазари“, наведува Калезиќ.
Во јуни 2024 година, Европската централна банка го одобри воведувањето на TIPS клон во регионот, а Банката на Италија, како еден од операторите на TIPS, ја презеде задачата за развој на инфраструктурата. Тие се институција која ќе биде задолжена за порамнување на трансакциите и прецизно клонирање на TIPS, додека земјите една по една се приклучуваа. Денес, во регионот имаме пет земји: Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Останато
Иднината на дигиталните плаќања доби нови автори – Иуте ги прогласи победниците на IutePay студентскиот иновациски предизвик
Како изгледа иднината на дигиталните плаќања кога идеите ги создаваат младите генерации?
Одговорот го дадоа студентите кои беа дел од првиот IutePay студентски иновациси предизвик– иницијатива на Иуте Македонија која ги поврза академската заедница и индустријата, отворајќи простор младите да креираат решенија за реални бизнис предизвици.

Во изминативе недели, студентски тимови од повеќе високо-образовни институции низ земјава работеа на развој на иновативни концепти за лансирање на IutePay – новиот дигитален паричник на Иуте. Нивните идеи беа резултат на истражување, тимска работа, креативно размислување и желба да понудат решенија што ќе одговорат на потребите на новата генерација корисници.

По првичната презентација на решенијата, беа избрани 10 храбри тимови и решенија кои излегоа надвор од комфор зоната, со што започна и јавниот дел од предизвикот. Специјално креираната платформа за онлајн гласање овозможи јавноста да ги поддржи своите фаворити, а за време на гласањето беше посетена повеќе од 50.000 пати, генерирајќи илјадници интеракции.
И конечно…победниците:
🥇 ГенВоЗен – Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), УКИМ-Скопје
🥈 УМО – Brainster Next College
🥉 TripleFun – Економски факултет, УКИМ-Скопје
“Вечерва не наградивме само три тима. Прославивме генерација млади луѓе кои имаат храброст да создаваат, да иновираат и да ја обликуваат иднината. Целта на иницијативата беше многу повеќе од избор на победничка идеја. Таа беше создадена за да им дадеме простор на младите да размислуваат поинаку, да предизвикаат статус кво и да покажат дека иднината се создава со храброст, знаење и визија“, истакнаа од Иуте.
На завршниот настан, покрај официјалното прогласување на победниците, трите најдобри тимови ги претставија своите идеи пред присутните гости, претставници од академската заедница, партнери и медиуми.

Вистинскиот успех на овој предизвик е создавањето на простор каде идеите добија сцена, додека соработката помеѓу академијата и индустријата доби нова димензија.
Иуте континуирано инвестира во дигитализација, иновации и создавање на нови искуства за корисниците.
Но, исто толку важна е и инвестицијата во луѓето кои ќе ја креираат иднината.
Затоа, IutePay студентскиот иновациски предизвик е само почеток на приказна која има за цел да инспирира нови генерации млади иноватори.
Иуте упатува голема благодарност до сите тимови, соработници, партнери и членови на академската заедница кои беа дел од оваа приказна изминативе месеци.
“Вашите идеи, енергија, ентузијазам и храброст се причината поради која веруваме дека најдоброто допрва доаѓа”, посочија од тимот на Иуте.
Останато
Дигиталното евро влегува во завршната фаза од преговорите во ЕУ
Европскиот парламент и владите на земјите членки на Европската Унија влегуваат во завршната фаза од преговорите за воведување на дигиталното евро, при што меѓу најчувствителните прашања се распределбата на надоместоците и компензацијата за банките и давателите на платежни услуги.
Европскиот парламент во четвртокот во Стразбур ја потврди својата преговарачка позиција, со што европратениците добија зелено светло да ги започнат разговорите со земјите членки за начинот на кој ќе функционира дигиталното евро.
Дигиталното евро ќе претставува електронска форма на пари на централната банка, издадена и гарантирана од Европската централна банка. Неговата цел е да ги надополни готовината и постојните банкарски услуги, а не целосно да ги замени.
Корисниците ќе можат да чуваат дигитални евра во посебен електронски паричник, со ограничување на максималниот износ, кое допрва треба да биде утврдено.
Системот е предвидено да овозможува плаќања преку интернет, но и плаќања без интернет-врска. Се најавува и високо ниво на приватност, при што Европската централна банка нема да може директно да ги идентификува корисниците преку податоците од нивните трансакции.
ЕЦБ ќе ја обезбедува основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и давателите на платежни услуги ќе им ги нудат услугите со дигитално евро на граѓаните.
Според извори вклучени во преговорите, најсложено ќе биде усогласувањето на моделот за компензација, односно кои финансиски институции ќе добиваат надомест, во колкав износ и на кој начин.
Преговорите ќе се водат и за распределбата на надоместоците во платежниот синџир. Се очекува трговците да плаќаат пониски провизии од оние што моментално ги плаќаат при трансакции со платежни картички.
Најинтензивниот дел од преговорите се очекува во текот на есента, а конечното одобрување на регулативата се предвидува до крајот на годината.
Според сегашните планови, пилот-програмата треба да започне во 2027 година, додека дигиталното евро би можело да стане достапно за секојдневни плаќања од 2029 година.
Останато
УЈП: Реформите се дел од европската даночна агенда, институцијата доби меѓународни признанија
Управата за јавни приходи соопшти дека реформите што се спроведуваат во институцијата во изминатите две години не се само национален процес, туку се дел и од европската даночна агенда.
Во објавата на УЈП, посветена на периодот од јули 2024 до јуни 2026 година, се наведува дека институцијата остварила значајни резултати во областа на меѓународната соработка и институционалната афирмација.
Како едно од најзначајните признанија се истакнува претседателството со Интра-европската организација на даночни администрации, IOTA, за периодот 2026-2027 година. Претходно, УЈП била и член на Извршниот совет на IOTA за периодот 2025-2026 година.
Од Управата посочуваат и дека преку програмата „Fiscalis“ добиле признание како една од најактивните даночни администрации меѓу земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија.
УЈП за првпат била поканета и активно учествувала и на европскиот самит на даночни администрации TADEUS, што, според институцијата, претставува уште една потврда за зголемената меѓународна видливост.
Во изминатиот период, Управата ја зајакнала и соработката со даночните администрации во регионот и пошироко, преку потпишување меморандуми и институционални поврзувања за размена на искуства и добри практики.
УЈП била домаќин и на два меѓународни настани со учесници од повеќе европски даночни администрации: Заедница на практики организирана од ММФ и работилница организирана од IOTA.
Од институцијата наведуваат дека нивната долгорочна цел е УЈП да биде активен учесник во креирањето политики на европските даночни администрации.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 1 месецХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 1 месецАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни

