Connect with us
no baners

Банки

За првпат објавен Извештајот за спроведување на макропрудентната политика на Народната банка

Објавено

на

Народната банка го објави за првпат Извештајот за спроведувањето на макропрудентната политика, со кој се овозможува транспарентен увид во карактеристиките на преземените макропрудентни мерки, начинот на нивното одредување, како и ефектите од нив. Преземените макропрудентни мерки беа насочени кон исполнувањето на посредните цели на макропрудентната политика за зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем и ограничување на структурните системски слабости, а преку тоа и исполнување на крајната цел за одржување на финансиската стабилност.

Целта на мерките насочени кон кредитокорисниците, коишто се применуваат од средината на 2023 година, беше намалување на ризикот од прекумерно преземање ризици од стрaна на банките и од појава на преголема задолженост кај физичките лица при поолабавени кредитни услови и следствено, намалување на веројатноста за остварување на ризиците при неповолни промени во општите економски услови. Мерките се состоеја од јасни правила за тоа колку може да се задолжи едно лице без да се загрози неговата финансиска стабилност, поврзувајќи ја висината на кредитот со висината на доходот на физичкото лице или со вредноста на станбениот простор којшто е заложен како обезбедување. Воведувањето на овие мерки имаше главно превентивен карактер, нивниот интензитет главно се вклопуваше во применетите кредитни политики и практики на банките, но тие го пренесоа сигналот на Народната банка дека треба барем да се задржат применетите критериуми при новото кредитирање на физичките лица.

Другата група мерки целат кон зајакнување на капиталната сила на банките и нивниот капацитет за справување со потенцијалните негативни ефекти од остварувањето на ризиците, а се состојaт од воведување дополнителни капитални барања, познати како заштитни слоеви на капиталот. Во периодот по воведувањето на заштитните слоеви на капиталот ‒ заштитниот слој на капиталот за системски значајните банки и заштитниот слој за зачувување на капиталот во 2017 година и противцикличниот заштитен слој на капиталот во 2023 година ‒ нивото на капиталот на банките е значително зголемено при што стапката на адекватност на капиталот е поголема за речиси 4 процентни поени, достигнувајќи едно од највисоките нивоа во изминативе две децении.

Макропрудентната политика, како клучна алатка за одржување на финансиската стабилност, беше институционализирана со измените на Законот за банките во 2016 година, a надлежноста на Народната банка како макропрудентен орган беше дополнително зајакната со Законот за финансиска стабилност од 2022 година и со измените на Законот за Народната банка во 2024 година, што овозможи проширување на спектарот на примена на макропрудентните инструменти за целите на одржувањето на финансиската стабилност. Со редовна анализа и можност за приспособување на инструментите, Народната банка и натаму ќе спроведува макропрудентна политика со која ќе овозможи одржување на стабилноста и сигурноста на банкарски систем, што е најважната претпоставка за финансиска стабилност и долгорочен економски раст.

Извештајот е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/makroprudentni-izvestai.nspx

no baners

Банки

Златници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство

Објавено

на

Подарокот златник носи многу повеќе од материјална вредност – тој претставува симбол на грижа, стабилност и долгорочна инвестиција. Токму со оваа идеја, Комерцијална банка во својата понуда ги вклучи јубилејните златници, наменети како внимателно избран подарок за најблиските, но и како сигурно вложување во иднината.

Во услови на зголемена неизвесност на финансиските пазари, златото традиционално останува еден од најстабилните облици на заштита на вредноста. Јубилејните златници нудат можност за промислено вложување, комбинирајќи финансиска сигурност, емоционална вредност и долгорочна стабилност.

Без разлика дали станува збор за инвестициска одлука, подарок за значаен животен настан или создавање наследство за идните генерации, златниците претставуваат избор што носи трајна вредност и јасна порака за одговорно планирање.

Јубилејните златници може да се купат во експозитурата во Централата на Комерцијална банка, додека целосната понуда и дополнителните информации се достапни на официјалната веб-страница на Банката.

Продолжи со читање

Банки

ТТК Банка исплаќа годишна камата на имателите на корпоративни обврзници од втората емисија

Објавено

на

ТТК Банка АД Скопје најави редовна исплата на главницата и годишната камата на имателите на Корпоративната обврзница – втора емисија на обврзници ИСИН MKTTKS200020 и шифра TTKO2.

Исплатата ќе се реализира на 16 февруари 2026 година, при што каматата се пресметува по фиксна каматна стапка од 2,7% на годишно ниво.

Право на исплата ќе имаат сите иматели на обврзницата кои се регистрирани во книгата на иматели во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје заклучно со 13 февруари 2026 година.

Со навремената исплата на обврските, ТТК Банка ја потврдува својата финансиска стабилност и посветеност кон инвеститорите, обезбедувајќи сигурен и предвидлив принос за имателите на нејзините хартии од вредност.

Продолжи со читање

Банки

Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на ЈЗУ Општа болница Кочани современ медицински апарат за ментална рехабилитација

Објавено

на

Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, вчера реализираше значајна донација на современ медицински апарат за длабока транскранијална магнетна стимулација (Deep TMS) на ЈЗУ Општа болница Кочани. Овој апарат ќе биде ставен во функција на рехабилитација и унапредување на менталното здравје и благосостојбата на сите лица кои беа директно и индиректно афектирани од трагичниот пожар во Кочани.

Длабоката транскранијална магнетна стимулација претставува клинички докажан, неинвазивен третман, кој преку современи методи на невростимулација придонесува за подобрување на менталното здравје, психолошката стабилност и општата благосостојба на пациентите. Апаратот ќе биде наменет не само за повредените во несреќата, туку и за сите лица кои секојдневно се соочуваат со последиците од траумата – членови на семејствата, блиски лица и пошироката заедница. Со него ќе управува стручен и обучен медицински кадар согласно медицинските индикации и стручните протоколи на здравствената установа.

Оваа донација е дел од пошироката мисија на Фондацијата „Заедно за едно“ – да обезбеди одржлива, навремена и суштинска поддршка за поединците и заедниците погодени од оваа трагедија. Фондацијата верува дека заздравувањето не завршува со физичката рехабилитација, туку подразбира и долгорочна грижа за менталното здравје, достоинството и квалитетот на живот.

Со јасна визија за континуирана поддршка, Фондацијата „Заедно за едно“ ќе продолжи и во наредниот период со нови активности и иницијативи, чија единствена цел е целосно заздравување на повредените и поддршка на сите оние кои и понатаму живеат со последиците од овој немил настан.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange