Банки
Вицегувернерката Нацевска: Продолжуваат активностите на Народната банка за развивање на домашниот финансиски пазар
„Ефикасното спроведување на монетарната политика, покрај од мерките на Народната банка, во голем дел зависи и од функционалноста и натамошниот развој на домашните финансиски пазари, меѓу кои девизниот пазар има клучна улога. Оттаму, Народната банка продолжува со активностите за натамошно унапредување и развивање на домашниот девизен пазар и во таа смисла, искажуваме поддршка за иницијативите и активниот придонес на домашните банки. Во тој процес, нашата институција ја одржува активната соработка со сите релевантни банкарски здруженија, со деловните банки и со сите останати чинители, заради натамошно унапредување и развивање на домашниот финансиски пазар“, порача вицегувернерката Емилија Нацевска во обраќањето на 29-тото годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ коешто се одржа во Струга.
Во обраќањето, вицегувернерката Нацевска нагласи дека Народната банка постојано работи на унапредување на ценовната транспарентност и натамошно продлабочување на домашниот девизен пазар. „За задржување на професионализмот и за усогласување со најдобрите меѓународни практики, се разгледуваат можностите за прифаќање на глобалниот кодекс за девизниот пазар (FX Global Code), како во Народната банка, така и од страна на банките. Оттаму се и очекувањата дека АЦИ Македонија и Министерството за финансии ќе продолжат со активната соработка за примена на договорот ИСДА на домашните пазари, како можност за подобро интегрирање и достапност на деловните банки до странските финансиски пазари, во склоп на проектот финансиран од ЕБОР за приспособување на домашната правна рамка за деривати и репо-договори со меѓународната практика“, порача Нацевска.
Поволните движења на девизниот пазар коишто беа забележани минатата година се резултат на нормализирањето на побарувачката на девизи од енергетскиот и од останатите водечки корпоративни сектори, а значителен придонес има и натамошното зголемување на понудата на девизи од физичките лица, што е силен сигнал за довербата во домашната валута. „Ваквите позитивни движења на девизниот пазар изминатата година придонесоа за релативно обемни интервенции на Народната банка за откуп на вишокот девизни средства од банкарскиот систем, коишто беа близу до рекордните нивоа пред пандемијата“, кажа вицегувернерката Нацевска. Поволните трендови на домашниот девизен пазар и на почетокот на тековната година влијаат поволно врз нивото на девизните резерви. Со тоа, според сите релевантни меѓународни одредници, показателите за адекватноста на девизните резерви се постојано во сигурната зона, гарантирајќи ја стабилноста на курсот на домашната валута.
Банки
Потпретседателот на ЕЦБ Борис Вујчиќ: Подлабоката монетарна интеграција може значително да ја намали финансиската ранливост на регионот
Подлабоката монетарна интеграција може да одигра значајна улога во намалувањето на финансиската ранливост на регионот на Западен Балкан, особено имајќи ја предвид широко распространетата употреба на еврото во повеќе економии од регионот. Усвојувањето на заедничката валута го намалува ризикот од неусогласеност меѓу приходите во домашна валута и задолжувањето во странска валута, со што се олеснува управувањето со финансиските обврски на домаќинствата, компаниите и државите и се намалува можноста од поширока финансиска нестабилност како резултат на валутните движења. Ова го истакнува потпретседателот на Европската централна банка и поранешен гувернер на Хрватската народна банка Борис Вујчиќ, во интервјуто дадено за публикацијата на Народната банка под наслов „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“ (80 Years of Central Banking: Global Perspectives, Regional Cooperation and Future Challenges).
Според Вујчиќ, монетарната интеграција придонесува и за зајакнување на довербата кај инвеститорите, намалување на трошоците за финансирање и зголемување на отпорноста на економиите на надворешни шокови. Тој нагласува дека со интеграцијата се продлабочуваат економските врски меѓу земјите преку трговијата, финансиите и заедничките институции, но посочува и дека таа не може да биде замена за стабилни економски политики, одржливи јавни финансии и ефикасни институции.
Осврнувајќи се на искуството на Хрватска со воведувањето на еврото, Вујчиќ оценува дека навременото усогласување со Европската централна банка било од огромна важност за успешниот и непречен премин кон еврозоната. Тој наведува дека со помош на усогласувањето во сферата на монетарната политика и банкарската супервизија, транзицијата се одвивала без нарушувања во финансискиот систем, а придобивките за граѓаните и за компаниите се видливи преку пониските трошоци за задолжување, намалените трансакциски трошоци и елиминирањето на валутниот ризик.
Во интервјуто, Вујчиќ посебно се осврнува и на соработката со Народната банка, оценувајќи ја како силна, конструктивна и заснована на меѓусебна доверба, отворена комуникација и заедничка посветеност на јакнењето на централнобанкарските капацитети и финансиската стабилност. Тој потсетува на успешно остварените заеднички проекти, вклучително и два твининг-проекта и три фази од програмата за јакнење на капацитетите на централните банки на Западен Балкан.
„Она што најмногу се издвојува во оваа соработка е професионализмот, посветеноста и експертизата на персоналот на Народната банка. Нивниот силен ангажман, подготвеноста за соработка и постојаната посветеност на квалитетот беа основните фактори за успехот на нашата заедничка работа“, истакнува Вујчиќ, додавајќи дека со нетрпение очекува продолжување на одличната соработка и во иднина.
Интервјуто со Борис Вујчиќ е дел од публикацијата „80 години централно банкарство: Светски перспективи, регионална соработка и идни предизвици“, подготвена во рамките на одбележувањето на јубилејот – 80 години централно банкарство во земјава. Публикацијата е дел од комуникациски проект што опфаќа серијал тематски интервјуа со актуелни и поранешни гувернери на централни банки, високи претставници на меѓународни финансиски институции и претставници на меѓународни централнобанкарски организации. Преку овие интервјуа се овозможува потемелно разгледување на главните прашања од областа на централното банкарство и се создава релевантна експертска содржина со долгорочна институционална вредност.
Целото интервју е достапно на следнава врска: https://www.nbrm.mk/80-godini-centralno-bankarstvo.nspx
Банки
Халкбанк отвори повик за летна пракса за студенти и млади
Халкбанк АД Скопје објави повик за пријавување на летна пракса, нудејќи им можност на студентите и младите лица да стекнат практично работно искуство и подобро да се запознаат со банкарскиот сектор.
Од банката информираат дека програмата е наменета за развој на нови вештини и стекнување знаења преку директно вклучување во работните процеси.
„Стекни практично искуство, развиј нови вештини и запознај го банкарството одблиску“, порачуваат од Халкбанк, повикувајќи ги заинтересираните кандидати да аплицираат преку објавениот линк.
Летната пракса претставува можност за младите да го направат првиот чекор кон својата професионална кариера и да стекнат увид во функционирањето на една од водечките банки во земјата.
Банки
Комерцијална банка со нови поволности за бизнис-корисниците преку Visa Business картичките
Комерцијална банка објави нов пакет поволности за компаниите кои користат Visa Business картички, овозможувајќи им пристап до дигитални алатки и услуги по пониски цени.

Преку програмата, деловните корисници ќе можат да добијат попуст од 8 отсто за услугите на Google Cloud, кои вклучуваат алатки за пресметување, складирање податоци, машинско учење и аналитика.

Дополнително, достапен е и попуст од 8 отсто за Google Workspace, пакет што ги опфаќа Gmail, Docs, Drive, Calendar и Meet, со цел да се подобри ефикасноста на деловната комуникација и соработка.

За корисниците на Microsoft 365 е обезбеден попуст од 5 отсто, што покрај Word, Excel и PowerPoint ги вклучува и услугите Teams, OneDrive и SharePoint.
Во рамки на понудата се предвидени и поволности за користење на Amazon Web Services (AWS), насочени кон оптимизирање на трошоците и забрзување на деловните иновации.
Од Комерцијална банка велат дека современиот бизнис бара брзи и паметни решенија, а новите поволности преку Visa Business картичките се наменети за зголемување на продуктивноста и поефикасно управување со деловните процеси.
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 2 месециУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 2 месеци
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Промотивен депозит – Сигурност што доаѓа во вистинско време
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство


