Connect with us
no baners

Бизнис

Триглав ќе дели бруто дивиденда од 3 евра по акција

Објавено

на

Управниот одбор и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав предлагаат распределба на дивиденда во износ од 68,2 милиони евра, што е за 7% повеќе од минатата година.

Управниот одбор и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното Годишно собрание на акционери, ќе предложат исплата на дивиденда од 3,00 евра бруто по акција, односно вкупно 68,2 милиони евра. Предложената дивиденда е во согласност со дивидендната политика на Друштвото и претставува распределба на 50% од нето-добивката на Групацијата Триглав за 2025 година.

Се очекува известувањето за свикување на овогодинешното Годишно собрание на акционери на Заваровалница Триглав да биде објавено на 23-ти април 2026 година, а Годишнто собрание е закажано да се одржи на 2-ри јуни 2026 година.

Андреј Слапар, претседател на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, изјави: „Наша цел е да обезбедиме акцијата на Триглав да остане стабилна, профитабилна и сигурна инвестиција што ги исполнува очекувањата на акционерите, вклучително и преку нејзиниот дивиденден принос. Оваа година, предложивме распределба на дивиденда во износ еднаков на половина од минатогодишната консолидирана нето-добивка, што е во согласност со дивидендната политика. Во моментов, тоа претставува приближен дивиденден принос од 4,8% на акцијата ZVTG, што е над просекот за европските осигурители. Овој предлог, на избалансиран начин ги зема предвид сите цели на дивидендната политика, вклучително и остварувањето на високите амбиции во однос на развојот и растот на Групацијата Триглав во стратешкиот период. Истовремено, ќе продолжиме да обезбедуваме капиталната адекватност на Групацијата Триглав да остане во рамки на целниот опсег на среден рок, бидејќи таа претставува основа за успешно работење и сигурност на нашите клиенти. Сметаме дека предложената дивиденда овозможува развој на Групацијата Триглав во посакуваната насока, а притоа продолжува да ги исполнува очекувањата на акционерите.“

Предлогот на Управниот одбор и на Надзорниот одбор во однос на овогодинешната дивиденда е во согласност со дивидендната политика и политиката за управување со капиталот на Групацијата Триглав. Тој ѝ овозможува на Заваровалница Триглав да одржува соодветно ниво на капитал потребно за обезбедување на целната среднорочна капитална адекватност, паралелно со континуиран раст на работењето. Воедно, настојува да ги исполни очекувањата на акционерите што произлегуваат од дивидендната политика, остварените деловни резултати и деловниот развој на Заваровалница Триглав. Доколку капиталните барања на Заваровалница Триглав се зголемат во иднина, ќе се постапува во согласност со усвоената политика за управување со капиталот.

Надзорниот одбор го одобри ревидираниот Годишен извештај на Групацијата Триглав и на Заваровалница Триглав за 2025 година, кој, во согласност со финансискиот календар, ќе биде објавен во понеделник, 30-ти март 2026 година. Се очекува Друштвото на 23-ти април 2026 година да го објави свикувањето на редовното Годишното собрание на акционери, кое е закажано да се одржи на 2-ри јуни 2026 година.

Бизнис

Руската бизнис заедница предупредува: Интернет-ограничувањата ја притискаат економијата

Објавено

на

Претставници на руската бизнис-заедница го предупредија претседателот Владимир Путин дека засилените ограничувања на мобилниот интернет создаваат сериозни предизвици за економијата и секојдневното функционирање на граѓаните.

На годишната средба на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи во Москва, претседателот на организацијата, Александар Шохин, истакна дека ваквите мерки имаат директно влијание врз деловните активности и врз квалитетот на живот.

„Ограничувањата на мобилниот интернет го отежнуваат функционирањето и на економијата и на граѓаните“, посочи Шохин.

Тој нагласи дека, иако безбедносните причини се разбирливи, неопходно е да се изнајде балансиран пристап што ќе го земе предвид значењето на дигиталната инфраструктура за економскиот развој. Според него, бизнис-заедницата ја поддржува политиката на замена на странските технологии, но очекува процесот да се спроведува постепено и предвидливо, во согласност со развојот на домашни решенија.

Според извештаите на „ТАСС“, рускиот претседател не дал јавен коментар на овие забелешки.

Во меѓувреме, ограничувањата предизвикуваат сè поголемо незадоволство кај граѓаните, бидејќи го отежнуваат користењето на клучни услуги како безготовински плаќања, банкарски трансфери и апликации за нарачки и транспорт. Во јавноста се споменува и можноста за целосна блокада на апликацијата „Telegram“.

Властите ги оправдуваат мерките со безбедносни причини, посочувајќи на потребата од заштита од напади со дронови и ракети од Украина.

Критики за ваквиот пристап доаѓаат и од дел од руските медиуми. Весникот „Независимаја газета“ предупредува дека прекумерните ограничувања може да го забават развојот на интернет-економијата и повикува да не се препушти целосната контрола врз клучните технологии на безбедносните структури.

Продолжи со читање

Бизнис

Кога довербата и грижата растат заедно со децата – Четврта година партнерство меѓу Flex Credit и СОС Детско село

Објавено

на

Постојат соработки кои се мерат со буџети, и постојат партнерства кои се мерат со истрајност. Во годината кога СОС Детско село го одбележува својот голем „сребрен“ јубилеј, 25 години посветеност на децата – Flex Credit ја официјализираше својата четврта последователна година како нивни верен сојузник.

На 25-ти март, во пресрет на новиот пролетен циклус, двете страни потпишаа договор кој е многу повеќе од формалност. Тоа е ветување дека ниту едно дете не треба да расте само. Со донација од 300.000 денари наменета за програмските активности, Flex Credit директно инвестира во најважното: сигурноста, едукацијата и топлината на домот за децата без родителска грижа.

Оваа четиригодишна релација веќе ја надмина рамката на корпоративна поддршка. Таа стана жива приказна во која се вклучени и вработените на компанијата, кои низ заеднички активности и менторство, стануваат дел од секојдневието на децата.

„За нас, партнерствата како ова се показател дека вистинските вредности се градат со време. Четири години заедничка работа значат доверба, посветеност и конкретни резултати. Продолжуваме со иста енергија, но со уште поголема амбиција да придонесеме таму каде што е најпотребно“, изјави генералната директорка на Flex Credit, Јоана Спасовска.

Додека СОС Детско село ги слави своите 25 години како светилник на надежта, Flex Credit ја зацврстува својата мисија, дека успехот на една компанија е целосен само тогаш кога таа активно придонесува за создавање на поинклузивно и похумано општество.

Продолжи со читање

Анализи

Големите технолошки компании создаваат нов „технофеудализам“, предупредуваат економисти

Објавено

на

Најголемите светски технолошки компании, како Google, Apple, Microsoft, Amazon и Tesla, сè повеќе ја менуваат природата на глобалната економија, при што според дел од економистите тие создаваат систем што наликува на поранешниот Советски Сојуз, но во модерна, дигитална форма.

Овие компании, познати како „Величествената седумка“, располагаат со огромна пазарна вредност и инвестираат трилиони долари во развој на вештачка интелигенција. Додека дел од јавноста во тоа гледа технолошки напредок, други предупредуваат на сериозни последици, од губење работни места до зголемена зависност од алгоритми.

Според анализите, класичниот капитализам заснован на слободен пазар и конкуренција постепено се трансформира. Наместо отворена конкуренција, доминираат дигитални платформи кои ги контролираат и купувачите и продавачите преку алгоритми.

Економистите посочуваат дека ваквите системи потсетуваат на централно планираната економија на Советскиот Сојуз, особено преку концептот на Госплан, кој некогаш ја регулирал понудата и побарувачката без вистински пазарни механизми.

Денес, велат тие, слична улога играат алгоритмите на компаниите како Amazon, кои врз основа на податоци за корисниците ги насочуваат нивните одлуки за купување и ги поврзуваат со продавачите, при што цените не се резултат на класична пазарна конкуренција, туку на оптимизација за профит.

Авторот на анализата, Јанис Варуфакис, оценува дека станува збор за нов вид „cloud капитал“, кој не произведува традиционални добра, туку создава дигитални екосистеми во кои корисниците и компаниите стануваат зависни од платформите.

Дополнително, се нагласува дека државите сè повеќе се потпираат на овие технолошки гиганти, особено во области како безбедноста, податоците и вештачката интелигенција, што отвора прашања за нивната растечка моќ и влијание врз глобалната политика.

Заклучокот на дел од експертите е дека светот влегува во нов економски модел, „технофеудализам“, во кој наместо слободен пазар доминираат дигитални платформи и алгоритми што ја контролираат економската активност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange