Останато
Премиерот Мицкоски на средба со Македонската банкарска асоцијација: Изразена волја од двете страни за доближување на ставовите во однос на каматата за унгарскиот заем

Премиерот Христијан Мицкоски во текот на вчерашниот ден по средбата со Македонската банкарска асоцијација на која се прецизраа условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, изјави дека е изразена волја од двете страни за доближување на ставовите.
„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите“, изјави Мицкоски.
Суштината е, дека тие 3,25 проценти камата како Влада секако дека ќе ги платиме, додаде Мицкоски.
„Можеби за некоја година ние би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Може ќе одлучиме и за други механизми, во зависност од интересот на државата. Целта е каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Сега, реално има трошоци што ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам, да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално ќе излеземе со позиција“, рече Мицкоски.
Тој повтори дека со банкарите разговарал околу средствата што се дел од заемот од унгарската Влада.
„Би го поделил состанокот во три дела – првиот дел е оној дел што се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично, вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка. Во делот во кој сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација е несомнен, и сите изразија желба и подготвеност да бидат дел од овој процес. Во делот на рочноста земавме заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата, бидејќи членките кажаа имаат одделни клиенти коишто сакаат можеби и пократок рок итн, затоа велиме до три години и до 15 години рок на отплата“, рече Мицкоски.
Во одговор на новинарско прашање рече дека банките може да понудат рок и од пет, седум и десет години, на пример, како што посочи, ако клиентот сака две години грејс период и пет години отплата, затоа ќе се користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.
Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.
Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.
Останато
Фондот за осигурување на депозити од Република Северна Македонија стана полноправна членка на Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI)

Фондот за осигурување на депозити од Република Северна Македонија стана полноправна членка на Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI).
Меѓународната асоцијација на осигурители на депозити (IADI) претставува глобален креатор на стандарди за системите за осигурување на депозити и главен форум каде осигурителите на депозити од целиот свет се состануваат за да споделат знаење и експертиза.
„Со нашето членство во големото семејство на IADI каде членуваат повеќе од 100 држави од целиот свет веруваме дека ќе оствариме соработка, координација и споделување информации меѓу членовите, ќе размениме искуства, практики и техники во однос на ефективните системи за осигурување на депозити, вклучително и управување и решавање на банкарски кризи.
Заедно, продолжуваме да напредуваме кон воспоставување ефективни системи за осигурување на депозити кои ги штитат осигурените депоненти и придонесуваат за финансиската стабилност“, велат од Фондот за осигурување на депозити од Република Северна Македонија.
Останато
УЈП: На 17 март завршува рокот за поднесување образец ДЛД-ДБ и образец Б

Управата за јавни приходи денеска ги информираше вршителите на дејност, односно обврзниците регистрирани како трговец поединец, физичките лица кои се занимаваат со земјоделска, со занаетчиска дејност и лицата кои вршат услуги или слободно занимање, кои остваруваат доход од вршење на дејност утврдена согласно член 19 од Закон за данок на личен доход, дека се наближува крајниот рок за поднесување на Годишен даночен биланс (образец „ДЛД-ДБ“) и Биланс на приходи и расходи (образец„Б“).
„Даночниот период за кои се утврдуваат вкупните приходи и вкупните расходи во работењето на даночниот обврзник е една календарска година.
Доколку даночниот обврзник вршел самостојна дејност за период пократок од една календарска година, за даночен период се смета периодот од годината во кој обврзникот ја вршел дејноста“, се додава во соопштеието од УЈП.
Обрасците „ДЛД-ДБ“ и „Б“ задолжително се поднесуваат до Управата за јавни приходи по електронски пат, преку системот е-даночни услуги https://e-ujp.ujp.gov.mk, најдоцна до 17-ти март 2025 година (со оглед на тоа што 15-ти се паѓа во неработен ден) за доходот остварен во претходната, како и до Централниот регистар на РСМ.
Анализи
Можно примирје и прекин на огнот во Украина – што тоа ќе значи за европската и светската економија?

Според договорот што вчера го постигнаа украинската и американската делегација во Џеда – Саудиска Арабија, предвиден е прекин на воените дејствија за 30 дена, со можност за продолжување со заедничка согласност на Русија и Украина.
САД го потврдија обновувањето на размената на разузнавачки информации со Украина и продолжувањето на воената помош, а договорот за американски инвестиции во развојот на украинските минерални ресурси е повторно на маса.
Овој предлог за прекин на огнот не само што отвора простор за преговори со Русија, туку и ги подобрува односите меѓу Вашингтон и Киев, кои се заладија по јавниот судир меѓу претседателот Володимир Зеленски и Доналд Трамп.
Доколку се постигне примирје и прекин на огнот во Украина, тоа би имало значително влијание на европската и светската економија. Ако се постигне договор за примирје, тоа ќе овозможи стабилизација на регионалната ситуација и би отворило пат за обновување на економските врски и инфраструктура. Некои од клучните ефекти би биле следните:
Економска стабилизација во Европа
Намалување на енергетската криза: Украина е важен транзитен коридор за енергетски ресурси, а во исто време Русија е значаен извозник на енергија. Примирјето би ја намалило нестабилноста на пазарот на електрична енергија и би довело до значителен пад на цените на нафтата и природниот гас, што би ги олеснило енергетските трошоци за Европската Унија.
Обновување на трговијата: Прекин на конфликтот би дозволил рестартирање на трговијата меѓу Европската унија, Украина и Русија, што би ги подобрило економските услови за многу земји во регионот.
Повраток на инвестиции
Со стабилизацијата на ситуацијата во Украина, постојат добри изгледи за враќање на странските инвестиции во земјата, но и во регионот. Бизнисите кои беа принудени да се повлечат поради конфликтот можат повторно да ја разгледаат можноста за инвестирање во Украина и околните земји.
Смирување на глобалните синџири на снабдување
Во текот на конфликтот, глобалните синџири на снабдување со многу производи, вклучувајќи и земјоделски производи како пченица, пченка и други стоки, беа нарушени. Примирје би помогнало за понатамошно нормализирање на снабдувањето, особено за земјоделските производи кои се клучни за глобалните пазари.
Пониски цени на храната и земјоделските производи би имале позитивен ефект врз економиите, особено на земјите во развој кои се зависни од увоз на храна.
Намалување на геополитичката несигурност
Примирјето ќе ја намали геополитичката неизвесност во регионот на Источна Европа, што може да помогне во намалување на ризиците поврзани со инвестирање и трговија.
Потенцијално, на глобално ниво, се очекува да се намалат и цените на металите и минералите кои се важни за производството на технологија и автомобилска индустрија.
Ризик од нови санкции и економски одмазди
Освен позитивни, ова примирје може да има и некои негативни последици. Доколку примирјето подразбира големи отстапки од страна на Украинa или значајни политички договори, може да предизвика нови санкции или економски одмазди од страна на западните земји против Русија или други актери кои се поврзани со конфликтот.
Во зависност од деталите на договорот, санкциите врз Русија може да останат или да се променат, што ќе има големо влијание врз глобалната економија, особено на пазарите на нафта и гас.
Психолошки ефект на глобалните пазари
Примирјето би дало сигнал за намалување на глобалниот ризик и несигурност. Како резултат на тоа, глобалните капитални пазари би можеле да реагираат позитивно, со раст на индексите и враќање на довербата во инвестирањето, особено на развиените пазари.
Во целина, постигнување примирје, прекин на огнот и конечен крај на војната во Украина, би имало повеќекратен ефект врз глобалната економија, со потенцијално позитивни исходи за Европа и светот, особено ако конфликтот не се продолжи. Сепак, важен фактор ќе биде тоа како ќе се имплементира договорот и какви политички, економски и безбедносни гаранции ќе бидат поставени во процесот.
- Банкипред 2 месеци
Комерцијална банка: Исплатата на пензиите за јануари започнува на 31 јануари
- Банкипред 2 месеци
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА ЈА ЗГОЛЕМИ ДОБИВКАТА ЗА НЕВЕРОЈАТНИ 40% – во 2024 година оствари добивка од рекордни 80,7 милиони евра!
- Банкипред 2 месеци
Добивката на ТТК Банка порасна за 2,9% и дојде до 1,76 милиони евра во 2024 година
- Банкипред 2 месеци
Халкбанк АД Скопје: Јануарските пензии се веќе исплатени!
- Банкипред 2 месеци
Комерцијална банка ќе подели бруто дивиденда од 1.250 денари по акција за 2024 година!?
- Анализипред 2 месеци
Наглиот пад на Nvidia: Дали конкуренцијата од Кина ја загрозува технолошката доминација?
- Банкипред 2 месеци
Европската централна банка за разлика од ФЕД одлучи да намали три клучни каматни стапки
- Business Womanпред 2 месеци
Катерина Јанковиќ е нов член на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје