Connect with us

Останато

Над 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји доаѓаат во Скопје на третото издание на MicroBalkans 2026

Објавено

на

Под мотото „Lending Reimagined“, на 24 и 25 септември Скопје ќе биде регионална точка за разговор за иднината на микрофинансирањето, кредитирањето, вештачката интелигенција и новите модели на финансирање. Како може да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Зошто небанкарското микрофинансирање е важно за финансиската инклузија и економскиот развој? На кој начин дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформираат кредитирањето?

Ова се дел од клучните прашања што ќе бидат во фокусот на третото издание на меѓународната конференција MicroBalkans 2026, која на 24 и 25 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје ќе собере повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји.

Под мотото „Lending Reimagined “, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, експертите, инвеститорите, компаниите и иноваторите во разговор за промените што веќе ја обликуваат финансиската индустрија – од дигитализацијата на кредитирањето и примената на вештачката интелигенција, до пристапот до капитал, европската регулатива и развојот на одговорни, одржливи и поинклузивни финансиски решенија.

Свои воведни обраќања на конференцијата ќе имаат гувернерот на Народната банка на Северна Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници и реномирани експерти од финансискиот сектор од регионот и Европа.

Активно учество ќе земат и небанкарските и микрокредитните институции од земјите на Западен Балкан, членки на Алијансата, со што дополнително се потврдува регионалниот карактер и значењето на MicroBalkans 2026 како платформа за размена на искуства, регионална соработка и развој на финансискиот сектор.

Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и штедилниците, во партнерство со Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.

„Финансискиот сектор веќе не разговара дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе го направи тоа. MicroBalkans сака Скопје да биде едно од местата каде што ќе се води тој разговор – меѓу банките, штедилниците, небанкарските финансиски институции, микрокредитните институции, регулаторите, инвеститорите и останатите чинители кои можат заеднички да создаваат подобар пристап до финансии и поконкурентен финансиски сектор“, истакнуваат организаторите.

Од вештачка интелигенција до нови модели на финансирање

Во текот на дводневната програма, преку панел-дискусии, работилници и експертски сесии, MicroBalkans 2026 ќе отвори дел од најактуелните прашања што ја определуваат иднината на финансискиот сектор.

Во фокусот ќе бидат дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција и новите технологии, пристапот до капитал, новите модели на финансирање за микро, мали и средни претпријатија, регулаторните промени на европско ниво и одговорното дигитално задолжување.

Еден од важните фокуси ќе биде финансиската инклузија – како финансиските услуги да станат подостапни и како микрофинансирањето, во соработка со банкарскиот сектор, може да придонесе за развојот на претприемништвото, малите бизниси и локалните економии.

Скопје како точка на регионалниот финансиски дијалог

MicroBalkans 2026 има амбиција да биде простор на кој регионалното искуство ќе се сретне со европските финансиски трендови и во кој различните делови од финансискиот екосистем ќе можат директно да разговараат за конкретни решенија, партнерства и идни модели на соработка.

Конференцијата е наменета за претставници на небанкарските финансиски институции, микроекредитните институции, штедилниците, банките, микро, мали и средни претпријатија, финтек и ИТ компании, инвеститори, развојни финансиски институции, регулатори и други релевантни чинители.

MicroBalkans 2026 не е само конференција за финансискиот сектор. Тоа е регионална платформа за креирање на иднината на кредитирањето – поинклузивна, подигитална, поодржлива и подобро поврзана со европскиот финансиски пазар.

Пријавувањето за учество е отворено. За повеќе информации, програмата и регистрација, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница на MicroBalkans 2026 и официјалните профили на конференцијата на социјалните мрежи.

Останато

Трамп доби своја монета од еден долар во САД

Објавено

на

Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.

Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.

Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.

Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.

Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.

Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.

Продолжи со читање

Останато

МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор

Објавено

на

Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.

Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.

Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.

Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.

Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.

Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.

Продолжи со читање

Останато

Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП

Објавено

на

Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.

Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.

До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.

Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].

Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange