Бизнис
Македонскиот тим – вицешампиони на финалето на Европскиот квиз за пари за 2025 година
Нашите претставници на Европскиот квиз за пари, учениците Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „ Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска, го освоија второто место на овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост. Финалето се одржа на 23-ти мај 2025 година во Брисел, Белгија во организација на Европската банкарска федерација (ЕБФ).
Тимот од Италија го освои првото место, додека пак третопласирани беа учениците од Шведска.
Овогодинешниот Европски квиз за пари забележа рекорден одзив во 30 земји во Европа, при што над 73.000 ученици од 2.877 училишта ширум Европа учествуваа на националните натпревари одржани во земјите учеснички. Од сите учесници само 60 продолжија во финалето на Европскиот квиз за пари, кое беше организирано со дводневна агенда и вклучуваше низа активности за запознавање и зближување помеѓу тимовите.

Иницијативата, започната од ЕБФ во 2017 година, цели да ги подобри финансиските знаења на младите луѓе и да поттикне финансиски одговорна генерација.
Оваа година на натпреварот учествуваа вкупно 30 земји: Албанија, Австрија, Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Република Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина.
Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност ќе продолжи да ја поддржува и промовира финансиската едукација како клучен елемент за успешната и независна иднина на младите луѓе.
Бизнис
Димитриеска-Кочоска: Во целост исплатена Еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра
Министерството за финансии денеска изврши исплата на 327,9 милиони евра (316,3 милиони евра за главница и 11,6 милиони евра за камата) со што во целост е заокружено сервисирањето на обврската по Еврообврзницата издадена во 2020 година во вкупен износ од 700 милиони евра.
Средствата за сервисирање на оваа обврска државата, односно Министерството за финансии, ги обезбеди преку издавање Еврообврзница во текот на јануари 2026 година. Еден дел, односно 383,7 милиони евра беа предвремено исплатени во февруари 2026 година, додека останатиот дел од Еврообврзницата кон имателите коишто не прифатија предвремена исплата во февруари, беше исплатен денеска.
„Со исплата во износ од 327,9 милиони евра комплетно ја исплативме Еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа е дел од обврските што како Министерство за финансии редовно и навремено ги сервисираме. Во втората половина од 2024 година, откако ја презедовме власта, исплативме обврски во износ од 786 милиони евра. Во текот на 2025 година исплатени се 2,198 милијарди евра и во текот на 2026 година 1,571 милијарди евра, што во вкупен износ за целиот овој период изнесува 4,556 милијарди евра“, истакнува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерството за финансии применува внимателен и сериозен пристап во управувањето со јавниот долг, а одлуката за предвремена отплата на Еврообврзницата донесе заштеди во Буџетот од 3,2 милиони евра. Ваквата определба за прудентно управување со јавниот долг ќе продолжи и во наредниот период преку финансирање на потребите на државата навремено и со најнизок можен трошок.
Бизнис
УЈП: Раст на даночната основа и на нето даночниот ефект кај данокот на добивка за 2025
Раст на даночната основа и на нето даночниот ефект кај данокот на добивка, покажува обработката на даночните биланси за 2025 година што ја направи Управата за јавни приходи. Ова, според УЈП, укажува на стабилност во наплатата на приходите од данокот на добивка.
„Даночен биланс за оданочување на добивка – образец „ДБ” поднесоа 25.506 даночни обврзници, наспроти 25.051 во 2024 година, додека даночен биланс за оданочување на вкупен приход – образец „ДБ-ВП” поднесоа 50.465 даночни обврзници, што е повеќе во однос на 49.126 поднесени биланси за претходната година. Овие податоци покажуваат дека најголем дел од даночните обврзници – трговски друштва и понатаму се микро и мали компании кои ги користат поволностите од поедноставениот даночен режим. Кај даночните биланси за оданочување на добивка, по исклучување на даночните обврзници кои согласно закон имаат право на даночни ослободувања (компании во технолошко индустриските развојни зони, заштитни друштва и казнено-поправни установи), даночната основа и пресметаниот данок за 2025 година бележат раст од 14% во однос на 2024 година. По пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 5 милијарди и 805 милиони денари, за поврат на даночните обврзници се евидентирани 323 милиони денари, додека 4 милијарди и 534 милиони денари повеќе платен данок ќе се користи за подмирување на аконтациите за 2026 година. Нето даночниот ефект за 2025 година е повисок за 33% во однос на претходната година“, информира УЈП.
Овие резултати, како што наведува УЈП, првенствено се должат на повисоките добивки кај компаниите и на помалиот износ на користени намалувања на даночната основа во однос на 2024 година.
„Во рамки на поедноставениот даночен режим, компаниите со вкупен приход до 3 милиони денари се целосно ослободени од плаќање данок, додека за приход меѓу 3 и 6 милиони денари се применува данок од 1% од вкупниот приход. Од вкупниот број 50.465 поднесени ДБ-ВП обрасци, данок на вкупен приход пресметале 3.883 даночни обврзници, што како број претставува раст од 8,6% во однос на 2024 година. Нето даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок во однос на претходната година кога изнесуваше 53,5 милиони денари. Овој даночен режим ја потврдува поддршката што даночниот систем ја обезбедува за микро и малите компании преку ниско или целосно ослободено даночно оптоварување. За разлика од компаниите, даночната основа и пресметаниот данок на доход за 2025 година кај трговците-поединици и физичките лица кои се занимаваат со земјоделска и занаетчиска дејност и лицата кои вршат услуги и слободни занимања во однос на 2024 година бележат пораст меѓу 2% и 3%. По пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 147,7 милиони денари, додека повеќе платениот данок од 54,1 милион денари ќе се пренесе во годишните даночни пријави на граѓаните. Нето даночниот ефект е помал од 2024 година и се должи на поголемиот износ на аконтативно платен данок во текот на 2025 година што го надминува годишниот раст на нето-доходот, а воедно повисок раст имаат и користените даночни намалувања. Овие показатели произлегуваат од обработени 9.921 годишни даночни биланси „ДЛД-ДБ” за 2025 година, што е повеќе во однос на 9.705 биланси за претходната година“, појаснуваат од УЈП.
Обврска за оданочување на приходите од стопанска дејност имаат и здруженијата на граѓани, фондациите и другите непрофитни организации кога приходите од вршење стопанска дејност го надминуваат законскиот праг од 1 милион денари годишно.
За 2025 година 247 здруженија и фондации поднеле даночен биланс „ДБ-НП/ВП” и пресметале данок од 1% од остварениот приход од стопанска дејност. Иако бројот на обврзници е помал во однос на 2024 година кога ваков биланс поднеле 1.310 даночни обврзници, пресметаниот данок изнесува 21,7 милиони денари и е повисок од минатогодишниот износ од 19,4 милиони денари.
Бизнис
ОКТА продолжува со мерките за поддршка на домашниот пазар: Компанијата воведува попуст од 2 денари за бензините
Како резултат на тековните движења на меѓународните цени на горивата и континуираната конструктивна комуникација со Владата, ОКТА АД – Скопје донесе одлука да воведе привремен попуст од 2 денари по литар бензин (95 и 98 октани) во периодот од 2 до 16 јуни 2026 година.
Оваа иницијатива е продолжение на серијата мерки за поддршка што ги спроведува ОКТА од март оваа година, а имаат за цел ублажување на влијанието на нестабилноста на меѓународниот пазар врз домашниот пазар на горива.
Попустот ќе важи за трговците кои работат на продажба на големо и мало и набавуваат бензин од ОКТА. Со оваа мерка компанијата им овозможува поддршката да ја рефлектираат во цените што им ги нудат на крајните потрошувачи. Како и досега, големопродажните и малопродажните трговци самостојно ќе ги утврдуваат своите крајни малопродажни цени, во согласност со нивните комерцијални политики и пазарните услови.
Вкупно, се очекува придонесот на Компанијата за поддршка на пазарот да надмине 7 милиони евра. Истовремено, ОКТА останува посветена на обезбедување сигурно и непречено снабдување со горива, притоа зачувувајќи ја долгорочната стабилност на своето работење и синџирот на снабдување.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Останатопред 2 месеци
Какво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Бизниспред 1 месец
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година


