Connect with us

Банки

Средба на Ангеловска-Бежоска и Сојузот на средношколците: Финансиска едукација наместо финансиски совети од инфлуенсери на социјалните мрежи

Објавено

на

„Mладите не смеат да се потпираат на непроверени извори за финансиски совети, финансиската едукација преку формалните канали не смее да биде заменета со совети од влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со членовите на Сојузот за средношколци, којашто се одржа во рамките на Глобалната недела на парите, којашто оваа година се одржува под мотото „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“. „Динамичните промени во финансискиот систем мора да бидат придружени со соодветни промени во образовниот систем, за да имаме младина којашто е подготвена активно да се вклучи во сите текови на општественото делување“, посочи Ангеловска-Бежоска и ги повика младите да бидат љубопитни, да прашуваат, да истражуваат и постојано да ги надградуваат своите знаења, бидејќи тоа е најдобриот начин да ја обликуваат својата иднина преку одлуки засновани на информации и мудро управување со ресурсите.

Истражувањата покажуваат дека околу една третина (31%) од младите на возраст од 18 до 21 година во Обединетото Кралство се потпираат на извори на интернет, вклучително на влијателни лица (т.н. инфлуенсери) на социјалните мрежи за насоки и информации во областа на финансиите, од кои 25% се потпираат главно на „Тик-ток“.

„Во светот којшто се менува со невидена брзина, во предвечерието на петата индустриска револуција, финансиското знаење не е повеќе луксуз, туку е суштинска потреба. Според начинот на кој управуваме со нашите финансии, ги донесуваме одлуките и ги разбираме економските текови, се обликува не само нашиот личен напредок, туку и стабилноста и напредокот на целото општество“, истакна гувернерката, поддржувајќи ја иницијативата на Сојузот на средношколци, коишто преку презентација ја претставија важноста на финансиската едукација за младите.

Податоците од последните мерења од страна на ИНФЕ-ОЕЦД за финансиската писменост во нашата земја укажуваат дека младите на возраст од 18 до 29 години имаат 54% од вкупните бодови за финансиски знаења, што е малку под просекот од регионот којшто изнесува 56%, но сѐ уште постои јаз во однос на земјите од Европската Унија. Во еврозоната, во 2021 година, 95% од младите на возраст од 15 до 24 години имале сметка, наспроти 74% од младите кај нас, исто така 90% од младите поседуваат дебитна или кредитна картичка, а кај нас 52%. Исто така, 82% од младите во еврозоната имаат некаква заштеда, а во нашата земја само 50% од младите. Дури 93% од младите во еврозоната направиле дигитално плаќање, наспроти 64% од младите кај нас. Сепак, позитивни придвижувања се забележуваат кај штедењето, при што јазот е намален од 40 на 32 п.п. и кај дигиталните плаќања од 40 на 29 п.п. во споредба со 2014 година.

„Овие бројки не треба да нè обесхрабрат, туку напротив – треба да нè мотивираат да поттикнеме промени. Тоа значи дека постои простор за подобрување преку едуцирање на најмладите уште од ученичките клупи, со заеднички напори како од страна на финансиските регулатори, приватниот финансиски сектор, така и од страна на образовните институции“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Банки

Комерцијална банка: Илјадници корисници веќе плаќаат со Apple Pay

Објавено

на

Илјадници корисници веќе го користат Apple Pay за брзо и безбедно плаќање во продавници, преку апликации и онлајн, информираат од Комерцијална банка.

Корисниците на Mastercard дебитни и кредитни картички од Комерцијална банка можат да ги додадат своите картички во Apple Wallet и да плаќаат преку iPhone, Apple Watch, iPad или Mac.

За плаќање во продавница, потребно е корисникот двапати да го притисне страничното копче на уредот, да се автентицира и да го доближи iPhone или Apple Watch до терминалот за бесконтактно плаќање.

Од Комерцијална банка посочуваат дека секоја трансакција преку Apple Pay е заштитена со Face ID, Touch ID или лозинката на уредот, како и со еднократен уникатен динамичен безбедносен код.

Apple Pay може да се користи во маркети, аптеки, ресторани, кафетерии, продавници и на други продажни места што поддржуваат бесконтактно плаќање.

Активирањето на услугата е едноставно. На iPhone потребно е да се отвори апликацијата Wallet, да се избере знакот „+“ и да се следат чекорите за додавање на Mastercard дебитна или кредитна картичка од Комерцијална банка.

Откако картичката ќе биде додадена, Apple Pay може веднаш да се користи на соодветниот Apple уред.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка со викенд поволност: Подигнување готовина од банкомат без провизија

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје најави специјална поволност за своите корисници во текот на овој викенд.

Корисниците на VISA или MasterCard кредитни картички на банката ќе можат да подигнат готовина од кој било банкомат на Стопанска банка без провизија.

Поволноста важи само во текот на овој викенд, информираат од Стопанска банка преку објава на социјалните мрежи.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ ги претстави предлозите за новите евробанкноти, граѓаните ќе избираат меѓу десет дизајни

Објавено

на

Европската централна банка ги претстави десетте дизајнерски предлози што влегоа во потесен избор за новата серија евробанкноти и започна јавна анкета во која граѓаните низ Европа ќе можат да го кажат своето мислење.

Предлозите се базираат на две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“, а онлајн анкетата ќе биде отворена до 21 септември 2026 година.

„Евробанкнотите се повеќе од средство за плаќање – тие се еден од највидливите изрази на Европа“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, додавајќи дека новите дизајни треба да ја зајакнат заедничката европска идентификација.

Десетте предлози беа избрани по конкурс на ниво на Европската Унија, на кој пристигнале повеќе од 1.200 пријави од графички дизајнери. Од нив, 25 автори биле поканети да изработат предлози, по што независно жири составено од 21 експерт избрало десет финални решенија.

Покрај јавната онлајн анкета, независна истражувачка компанија паралелно ќе спроведе и посебно истражување меѓу репрезентативен примерок граѓани од еврозоната.

Управниот совет на ЕЦБ се очекува да ја донесе конечната одлука за дизајнот на новите банкноти кон крајот на годинава. При изборот ќе бидат земени предвид оценките на жирито, техничките анализи и резултатите од двете анкети.

Избраниот дизајн потоа ќе помине низ дополнителен развој и тестирање пред да започне производството. Новите банкноти се очекува да влезат во оптек во следните години, додека постојните евробанкноти ќе ја задржат својата вредност и ќе продолжат да се користат.

Ова ќе биде првиот целосен редизајн на евробанкнотите од нивното воведување во 2002 година.

Новата серија ќе содржи и подобрени безбедносни карактеристики за полесно препознавање на фалсификати и поголема пристапност за лицата со оштетен вид. ЕЦБ најавува и употреба на поодржливи материјали и производствени процеси со цел да се намали влијанието врз животната средина.

Извор: ECB

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange