Останато
Македонија дел од глобалната AI иницијатива на Microsoft
Во новите простории на Семос Едукација, лоцирани на Кејот на реката Вардар, денес свечено започна AI Fest 2025, најголемиот фестивал посветен на вештачката интелигенција во регионот. Овој уникатен настан кој ќе трае 50 дена, сé до 5 јуни, и ќе вклучи бројни активности и обуки за усвојување на вештини поврзани со вештачката интелигенција.
Почетокот на AI Fest 2025, кој се одржа на 8 април 2025 година, го одбележаа:
• 60 бесплатни вебинари на 18 различни теми, насочени кон бизнис корисници, ИТ професионалци и AI ентузијасти;
• Обид за поставување на GUINNESS WORLD RECORDS™ за најголем број корисници вклучени во AI онлајн сесии во период од 24 часа;
• Панел-дискусии, практични обуки, испити и многубројни интерактивни активности за различни целни групи.
Фестивалот се одржува како дел од Националната иницијатива за развој на AI вештини, глобален проект креиран од Microsoft во соработка со партнери низ светот, меѓу кои и Семос Едукација како официјален партнер за Македонија и регионот.
Иницијативата беше поддржана од Министерството за дигитална трансформација и партнерите Support and SolutionsCenter, Стопанска банка, Телеком, Триглав Осигурување и други компании и институции, кои ја препознаа важноста на развојот на AI капацитети во земјата.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој присуствуваше на отворањето, изјави:
„Сепак, дигиталната трансформација не е само за институции или компании. Таа почнува со секој поединец. Во новата дигитална ера, дигиталната писменост е новата писменост. Затоа вложуваме во програми за преквалификација, дигитална едукација за ранливи групи, и посебно во создавање на AI вештини кај младите”.
Семос Едукација уште еднаш покажа зошто е водечки образовен центар во областа на информатичките технологии во Македонија. Со организацијата на AI Fest 2025, компанијата ги постави темелите за понатамошен развој на вештини и компетенции поврзани со вештачката интелигенција – критични за иднината на индивидуалците, компаниите и целото општество.
Валентина Тасева, сопственик и директор на Семос Едукација, изјави:
” Националната иницијатива за развој на AI вештини претставува стратешки чекор напред, со кој обезбедуваме секој граѓанин, од студент до искусен професионалец, да има пристап до квалитетна едукација и практични знаења во областа на вештачката интелигенција. Македонија мора да биде препознаена ширум светот! За следната генерација, за младите, единствениот пат кон модерно и развиено општество е преку технологија — а вештачката интелигенција е најветувачката можност во моментов.”
Повеќе информации за настанот и реализираните активности може да се најдат на официјалните веб-страници: https://ainsi.mk и https://semosedu.mk/semos-ai-courses
Останато
Трамп доби своја монета од еден долар во САД
Ликот на американскиот претседател Доналд Трамп се најде на нова монета од еден долар, издадена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави. Со тоа Трамп стана првиот жив американски претседател во последните сто години чиј лик се појавува на монета во оптек.
Американската ковница ја пушти монетата во продажба во средата, 2 септември. На предната страна е портретот на Трамп, заедно со натписите „LIBERTY“, „IN GOD WE TRUST“ и „1776 ~ 2026“, додека на задната страна е претседателскиот печат и бројот 250, во чест на големиот јубилеј.
Ролна од 25 монети се продава за 61 долар, а пакет од 100 монети за 154,50 долари. Побарувачката била голема, а дел од понудата била распродадена само неколку часа по почетокот на продажбата.
Иако имаат златна боја, монетите не содржат вистинско злато. Според американската Ковница, тие се изработени претежно од бакар, со 6 проценти цинк, 3,5 проценти манган и 2 проценти никел.
Монетите имаат номинална вредност од еден долар и можат да се користат како законско платежно средство, иако Ковницата ги промовира и како колекционерски изданија. Дополнително, 250.000 примероци биле исковани на 4 јули со специјална ознака и по случаен избор се вклучени во пакетите што се продаваат.
Појавувањето на ликот на жив претседател на американска валута предизвика и правни полемики, бидејќи американските прописи генерално го ограничуваат прикажувањето живи личности на парите. Администрацијата, сепак, се повикува на законските овластувања поврзани со специјалните дизајни за одбележување на 250-годишнината на САД.
Останато
МФ: За првпат национална сертификација за внатрешните ревизори во јавниот сектор
Министерството за финансии за првпат ќе организира национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација за оваа професионална функција.
Од Министерството оценуваат дека ова е важен чекор во зајакнувањето на системот на внатрешна финансиска контрола и во професионализацијата на ревизорските единици во јавните институции.
Спроведувањето на испитот, како што посочуваат, треба да придонесе за поголеми капацитети на единиците за внатрешна ревизија, но и за поодговорно, законско и транспарентно работење на институциите.
Од Министерството нагласуваат дека националната сертификација е дел и од активностите за зајакнување на механизмите за спречување на корупцијата и подобрување на контролата во јавниот сектор.
Воведувањето на националниот испит е значајно и во контекст на евроинтегративниот процес. Со неговото организирање се исполнува дел од препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а истовремено се придонесува и кон реализација на обврските од Реформската агенда.
Материјалите за подготовка, како и испитните прашања, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.
Тие се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.
Министерството најавува дека во следниот период дополнително ќе информира за роковите и останатите чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на испитот.
Останато
Привремено недостапни телефонските линии на Контакт центарот на УЈП
Управата за јавни приходи информира дека телефонските линии на Контакт центарот се привремено недостапни, а во тек се активности за отстранување на причините за прекинот.
Од УЈП посочуваат дека во моментов не се во функција телефонските броеви 198, 02/3253-200 и 0800 33 000, при што последниот број е достапен само од фиксни оператори.
До повторното воспоставување на телефонските линии, граѓаните и даночните обврзници се упатуваат да ги користат останатите канали за комуникација.
Физичките лица можат да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП според адресата, додека правните лица според седиштето на компанијата. За информации е достапна и електронската адреса [email protected].
Од Управата за јавни приходи им се заблагодаруваат на граѓаните за разбирањето и најавуваат дека се преземаат активности за нормализирање на работата на Контакт центарот.
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти
-
Анализипред 2 месециДали Македонија ќе ги следи Унгарија, Полска и Литванија и ќе го укине вториот пензиски столб?
-
Продуктипред 2 месециНулта толеранција за измами: Владата усвои нова Стратегија за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава до 2030 година
-
Банкипред 1 месецПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Кариерапред 2 месециАлта банка со активен оглас за стручен соработник во банкарска експозитура во Велес
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Бизниспред 2 месециНови цени на горивата: Дизелот поскап за 5,50 денари, бензините за 1,50 денари





