Берза
[Конференција на Македонска берза] Горазд Поповски: Независните членови во надзорните одбори – гаранција за објективност во банките

Формирањето на помошни тела на надзорните одбори, во кои клучна улога ќе имаат независните членови, е неопходно за донесување поквалитетни и пообјективни одлуки. Ова го истакна Горазд Поповски, директор на Секторот за правни работи во Стопанска банка Скопје, на 24-та Годишна конференција на Македонската берза, каде учествуваше како говорник на панел-дискусијата „Добри практики за корпоративно управување – норматива vs. пракса“.
Поповски посочи дека искуството на Стопанска банка Скопје е пример како независните членови можат да придонесат во креирањето на политики за наградување и именување.
„Во нашата банка уште во 2013 година беше формиран Одбор за наградување, кој подоцна ги прошири своите надлежности и стана Одбор за наградување и именување. Благодарение на неговата работа, воведен е систем на оценување на клучните перформанси на вработените, кој претставува основа за финансиската мотивација,“ изјави Поповски.

Тој нагласи дека ова тело има и значајна улога во процесите на донесување одлуки за плати и бонуси на вработените. „Ова тело одлучува за растот на платите и за доделувањето на бонусите врз основа на опсежни анализи и пазарни состојби. Најинтересно е што Одборот учествува и во носењето одлука за бонусот на главниот извршен директор, кој е исклучен од самиот процес,“ објасни Поповски.
Во своето излагање, тој се осврна и на прашањето на сукцесијата и флуктуацијата на вработени. „Сукцесијата не може да даде резултати на краток рок. Таа се планира во рок од три години и потоа се следи, мониторира и надградува. Во моментов во банката работиме на идентификување на таленти и идни лидери, а сегашните лидери ќе треба да предложат наследници и да ја прифатат таа одговорност,“ додаде Поповски.
Тој посочи дека телата на надзорните одбори мора да имаат улога и во идентификување на причините за одлив на кадарот. „Флуктуацијата, односно заминувањето на вработени од компанијата најчесто произлегува од финансиски причини или работниот амбиент, но некогаш и од несакани ситуации како здравствени проблеми. Поради тоа, сукцесијата треба да обезбеди континуитет и во вакви несакани околности,“ заклучи Поповски.
Берза
[Конференција на Македонска берза] Горан Мартиноски: Мултифондовите како иднина на пензиските фондови

Различната возраст носи и различна склоност кон ризик, па затоа портфолиото на еден 25-годишен осигуреник не може да биде идентично со она на 50 или 60-годишник. Токму за ова, концептот на мултифондови претставува едно од најдобрите, ако не и најдоброто решение, бидејќи овозможува прилагодување на инвестиционите портфолија согласно возраста на членовите и годините до пензионирање.
На оваа тема на 24. Конференција на Македонската берза, како дел од панел дискусијата на тема „Што ќе донесат мултифондовите за пензиските членови и пазарот на капитал?“ говореше Горан Мартиноски, Раководител на сектор за управување со средства во КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој посочи дека и во Македонија се работи на подготовка на законско решение за воведување мултифондови. „Во моментов постојат работни групи, но сè уште ги немаме сите детали,“ истакна тој.

Искуствата од останатите земји покажуваат дека најчесто се применуваат три вида портфолија:
Растечко портфолио – за најмладите членови, од вработување до 40 години, со однос 60% во инструменти со варијабилен принос (акции, инвестициски фондови) и 40% во инструменти со фиксен принос (обврзници).
Балансирано портфолио – за лица од 40/45 години до неколку години пред пензија, со структура слична на сегашните фондови: 30–40% варијабилен и 60–70% фиксен принос.
Конзервативно портфолио – за лицата пред пензионирање и самите пензионери, со очекуван принос од околу 4%.
Според Мартиноски, ваквиот систем би ги адресирал тековните предизвици и би донел подобри резултати за членовите на пензиските фондови.
Берза
[Конференција на Македонска берза] Блаж Бродњак: Да размислуваме европски – и да не ја изгубиме визијата за обединета Европа

„Ако сакаме Европа да биде конкурентна, мора да им овозможиме на нашите компании пристап до капитал – не само преку банкарски кредити, туку и преку пазарите на хартии од вредност“, порача Блаж Бродњак, Главен извршен директор на НЛБ Групацијата, на отворањето на 24. Годишна конференција на Македонската берза во Охрид.
Бродњак потенцираше дека интеграцијата на пазарите на капитал е неопходна, бидејќи банките не можат сами да го преземат целиот инвестициски товар кој е потребен за поширок регионален или глобален настап на компаниите од регионот.
Истовремено, тој предупреди и на сè поголемата технолошка зависност на Европа, особено од САД во ИКТ секторот, што според него е сериозна пречка за долгорочна конкурентност.
„Она што вчера изгледаше како гарантирана стабилност, денес веќе не е сигурно“, рече тој, алудирајќи на геополитичките тензии и конфликтите во непосредна близина на Европската унија. „Сигурноста станува приоритет број еден – од воена и политичка до сајбер заштита – но цената што ја плаќаат државите за тоа сериозно ги оптоварува јавните буџети“.
Бродњак посочи дека трошоците за одбрана и инвестициите во сајбер безбедност и ИКТ доаѓаат на веќе преоптоварени буџети, особено во земјите кои се соочуваат со дефицити поради социјални и демографски политики.

Македонија и регионот се срцето на економската иднина на Европа
Како пример за функционална регионална поврзаност и долгорочна вредност, Бродњак ја посочи НЛБ Групацијата, која котира на Љубљанската и Лондонската берза и има активно присуство во сите земји од Западен Балкан.
„НЛБ претставува пулс на домаќинствата и на стопанството во регионот – вложувањето во НЛБ е вложување во целиот регион“, истакна тој.
Бродњак ја нагласи стратешката улога на Македонија во овој контекст и потенцираше дека земјите од Западен Балкан се подготвени за членство во ЕУ повеќе од било кога досега. „Никој не може да ме убеди дека денешна Македонија е помалку подготвена за членство отколку што беа Романија и Бугарија во своето време“, изјави тој, оценувајќи дека блокирањето на проширувањето е исклучиво политичка, а не реална одлука. Според него, неприфаќањето на земјите од регионот би било најголема геостратешка грешка за Европа.
„Мораме да размислуваме европски, обединето и долгорочно, и да не заборавиме дека без нови генерации, нема ни иднина“, заврши Бродњак со силна порака за иднината на континентот.
Конференцијата на Македонската берза, која ќе се одржува и утре, традиционално е еден од најзначајните финансиски настани во земјава, со учество на клучни актери од банкарскиот, инвестицискиот и корпоративниот сектор, како и регулатори и гости од регионот.
Берза
[Конференција на Македонска берза] Гордана Димитриеска-Кочоска: Македонскиот пазар на капитал добива нов замав преку регионална соработка и реформи

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска во Охрид се обрати на 24-та Годишна конференција на Македонската берза, настан кој повеќе од две децении претставува двигател на идеи и партнерства во финансискиот сектор. Таа нагласи дека заложбата на Владата е јасна – создавање посилен, постабилен и модерен пазар на капитал кој ќе биде мотор на економијата.
„Се отвораат нови можности за македонскиот пазар на капитал и за домашните компании, преку поврзувањето и заедничкото делување со земјите од регионот,“ истакна министерката, додавајќи дека конференцијата претставува простор каде што „се спојуваат новите знаења и искуството, домашните компании се среќаваат со меѓународни партнери и се создаваат идеи“.
Како клучен момент, Димитриеска-Кочоска го посочи потпишувањето на регионалниот Меморандум за соработка со седум земји од Централна и Југоисточна Европа: Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија. „Ова е голем чекор кон отворање нови можности за домашните компании и нивен полесен пристап до капитал,“ нагласи таа.

Министерката објасни дека со овој Меморандум земјите потписнички ќе работат на усогласување на регулаторното опкружување, вклучувајќи ги постапките за издавање лиценци и условите за обелоденување информации, со цел намалување на бариерите за проток на капитал. Исто така, тие ќе се консултираат за предложените регулативи и иницијативи на ЕУ и ќе координираат регионален пристап во разговорите со европските институции.
Според министерката, ова е особено значајно за македонскиот пазар кој, иако стабилен, е релативно мал и често се соочува со недостаток на ликвидност – фактор клучен за малите и средни претпријатија кои секојдневно го носат товарот на економијата. „Со поврзувањето на пазарите им даваме шанса на компаниите полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на земјата,“ рече таа.
Паралелно, Владата работи на реформите во регулативата, со цел создавање на јасни и предвидливи правила. Промените во законите за финансиски инструменти и за проспект и транспарентност на издавачите се пролонгирани за една година за сите учесници да имаат време да се подготват за квалитетно спроведување на реформата.
„Со новата соработка и реформите во регулативата се создаваат услови за поголема доверба, ликвидност и енергија за економски раст. Да ги искористиме овие можности кои се отвораат пред нас, да се поврземе повеќе, да си веруваме и да бидеме посмели во нашите чекори,“ порача Димитриеска-Кочоска, истакнувајќи дека Министерството за финансии ќе остане партнер и поддржувач на развојот на современ и конкурентен пазар на капитал.
Фотографија: Ива Јовановиќ
Известува: Банкарство.мк од Охрид
-
Берзапред 2 месеци
Јавна опомена од Македонска берза за 5 котирани друштвa поради непочитување на обврските за навремено објавување на информации за финансиската состојба
-
Берзапред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со добивка од над 32,8 милиони евра во првото полугодие од 2025 година
-
Банкипред 2 месеци
Одржана редовна седница на Извршниот одбор за монетарната политика – Народна банка ја задржува каматната стапка на 5,35%
-
Банкипред 2 месеци
ПРВО ПОЛУГОДИЕ ОД СОНИШТАТА ЗА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА – добивка од 2,96 милијарди денари за шест месеци!
-
Продуктипред 2 месеци
Потрошувачки кредити од Комерцијална банка со нова можност – животно осигурување со плус погодности
-
Продуктипред 2 месеци
НЛБ Банка со промотивна фиксна каматна стапка од 8,9% за сите безготовински трансакции со НЛБ haPPy картичката
-
Продуктипред 1 месец
Промотивен потрошувачки пакет од ПроКредит Банка што „ги отвора сите врати“
-
Бизниспред 2 месеци
Триглав Осигурување АД Скопје со нето добивка од 70,9 милиони денари и раст на премијата за 5% во првата половина на 2025 година