Банки
Комерцијална банка прогласена за Најдобра банка за 2023 година од магазинот Global Finance
Врвните услуги, грижата за клиентите, стабилноста и знаењето се вредности на кои Комерцијална банка е исклучително горда и кои по 12-ти пат ѝ ја донесоа престижната меѓународна награда „Најдобра банка во Северна Македонија за 2023 година“, доделена од магазинот Global Finance.
Комерцијална банка е препознаена како банка која во континуитет ги следи потребите на клиентите и на тој начин ги поставува темелите за иден заеднички успех. Тоа ја вброи Комерцијална банка во друштвото на најдобрите банки во над 150 држави во светот, избрани во рамките на 30-то издание на годишните награди на угледниот магазин Global Finance.
Ова признание претставува огромна чест и гордост за целиот тим на Комерцијална банката затоа што ги истакнува силните резултати, посветеноста и довербата што ја ужива Банката и во услови на динамични промени на финансиските пазари.
„Признанијата ни даваат дополнителна енергија да продолжиме напред во исполнување на стратешките цели на Банката, кои се фокусирани на следење на потребите на клиентите, на дигитализирање и постојани иновации во понудата на производи и услуги и на поттикнување на растот на бизнисот. Оваа награда, како и останатите, е резултат на негувањето долгорочна соработката и доверба од клиентите и, секако, на инвестициите со кои Банката не само што ги следи современите трендови, туку и се наметнува како лидер во земјава во имплементацијата на дигитални алатки кои ги прават банкарските трансакции побрзи, полесни и достапни од секое место во секое време. Клиентите ги препознаваат предностите и привилегиите што им ги нудиме, а особено нѐ радува што тоа го препознаваат и истакнати финансиски експерти кои се дел од стручното жири на Global Finance“, изјави по повод наградата Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Според Global Finance, победници се банките кои внимателно ги следеле потребите на клиентите, постигнале силни резултати и управувале со своите средства и обврски на разумен начин во услови на брзо менливи каматни
„Идентификувањето на најдобрите банки врз основа на услугите, стабилноста и институционалното знаење е поважно од кога било. Оваа година наградите за најдобри банки ги препознаа финансиските институции кои нудат широк опсег на услуги, како и доверливост потребна за долгорочни финансиски односи“, изјави Џозеф Д. Џиарапуто, издавач и уреднички директор на Global Finance.
Остварените резултати на банките ги оценуваат извршни финансиски директори, банкари, банкарски консултанти и аналитичари од целиот свет. Клучни објективни критериуми за оценување се раст на актива, профитабилност, географски опсег, стратешки односи, нов бизнис развој и иновации во производи. Дополнително, во оценувањето се применуваат и субјективни критериуми кои ги вклучуваат мислењата на истакнати аналитичари на капитал и кредитен рејтинг, банкарски консултанти и на останати експерти од финансиската индустрија.
Магазинот Global Finance е основан во 1987 година во Њујорк и има 50.000 читатели од 193 земји, а особено е профилиран во корпоративниот и финансискиот свет. Вообичаено избира најдобри банки и останати финансиски институции, а доделените награди се сметаат за стандард за извонредност од страна на меѓународната финансиска заедница.
Комерцијална банка е особено почестена што во последните четири години, кога светот, а со тоа и целиот финансиски сектор доживува големи промени, редовно е добитник на признание за најдобра банка во земјава од страна на угледни меѓународни магазини, како што се The Banker, Euromoney и Global Finance. Тие се признание за лидерството што го покажува Банката во сите сегменти од своето работење, од иновации и инвестиции во дигитална технологија до сестрана грижа и поддршка на зедницата со цел да придонесе за просперитет на целото општетство.
Банки
Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со нето-добивка од 270,6 милиони евра во првата половина од 2026
Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, во чиј состав е и Шпаркасе Банка АД Скопје, ја заврши првата половина од 2026 година со раст на деловната активност и позитивни финансиски резултати.
Во првите шест месеци од годинава, групацијата остварила нето-добивка по оданочување од 270,6 милиони евра, додека оперативниот резултат достигнал 337 милиони евра.
Според објавените податоци, корпоративното кредитирање во овој период е зголемено за 2,1 отсто. Истовремено, забележан е поголем интерес за станбено финансирање, како и значителен раст на приходите од провизии, особено во сегментите на инвестициските услуги и хартиите од вредност.
Вкупната актива на групацијата достигнала 23,9 милијарди евра, додека капиталот изнесувал 4,2 милијарди евра. Од Шпаркасе посочуваат и на стабилниот квалитет на кредитната изложеност, како и на придонесот на банките членки од Југоисточна Европа во вкупните резултати.
Шпаркасе Банка АД Скопје е дел од меѓународната банкарска групација, а од банката оценуваат дека постигнатите резултати ја потврдуваат финансиската стабилност на групацијата и нејзината долгорочна ориентација кон пазарите на кои работи.
Банката најавува дека и натаму ќе биде насочена кон развој на современи финансиски решенија, поддршка на клиентите и активности насочени кон домашната економија и заедницата.
Банки
Народната банка и Хрватската народна банка разменуваа искуства за надзорот на платежните услуги
Во Народната банка од 21 до 24 септември се одржа четиридневна работилница посветена на супервизијата над платежните услуги, на која експерти од Хрватската народна банка и претставници на домашната централна банка разменуваа искуства и практики од оваа област.
Работилницата се одржа во рамки на билатералната мерка „Payment Services Supervision“, како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки во Западен Балкан.
Главниот фокус беше ставен на супервизијата и надзорот над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари, како и на практичната примена на европската регулаторна рамка.
Меѓу темите за кои се разговарало биле теренската и вонтеренската супервизија, засилената автентикација на корисниците, заштитата на средствата на корисниците, информирањето на корисниците на платежни услуги, како и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.

Според Народната банка, размената на конкретни примери и искуства од супервизорската работа треба да придонесе за натамошно унапредување на домашните практики за надзор, особено во услови на брз развој на платежниот сектор и појава на нови платежни услуги и деловни модели.
Соработката со Хрватската народна банка ќе продолжи и во наредниот период преку дополнителни активности за размена на практични знаења и зајакнување на капацитетите во областа на супервизијата над платежните услуги.
Банки
Британските банки првпат префрлија токенизирани депозити меѓу различни банки
Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.
Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.
Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.
Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.
Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.
Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.
Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.
Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 2 месециНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





