Connect with us

Останато

Ќе добијат ли компаниите пари од унгарскиот кредит и под кои услови?

Објавено

на

Се одвиваат интензивни преговори помеѓу Владата, Министерството за финансии, Народната банка и комерцијалните банки за деталите околу распределбата на 250 милиони евра од унгарскиот кредит, наменети за поддршка на бизнисот во Македонија. Главните точки на преговорите се висината на каматните стапки и трошоците поврзани со овој кредит, како и времетраењето на отплатата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се разгледуваат две сценарија, а во преговорите се вклучува и Народната банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со цел решавање на прашањата во врска со кредитниот ризик и банкарските трошоци. Во моментов, дилемата е дали Владата ќе ги покрие трошоците за кредитниот ризик, што би можело да влијае на конечните услови за бизнисите.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има министерството за финансии поединечни средби со дел од банките вклучително и Гувернерката на централната банка. Очекувам крајот на оваа или почетокот на следната да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Да се трудиме компаниите да добијат еднакви историски најниски услови што во овој момент може да се најдат било каде во светот“, изјави премиерот Мицкоски.

Сојузот на стопански комори ја нагласи важноста на што побрзо започнување со исплатата на средствата, бидејќи тоа ќе има директен позитивен ефект врз македонската економија, а особено на приватниот сектор. Претседателот на ССК, Трајан Ангеловски, истакна дека условите што се разгледуваат во рамки на овој кредит се поповолни од тие во комерцијалните банки, а особено посочи на поволната каматна стапка од 3,25%.

„И да се случи субвенционирање на каматите ова нема да биде првиот случај. И во минатото македонските влади ги субвенционирале каматите. И сите нормални држави на овој свет одлучиле дека им се потребни банки на развој. Очекуваме што е можно побрзо Владата да ги договори условите. Овој кредит во однос на рочноста е поповолен во однос на комерцијалните. Во однос класичните комерцијални камати 3,25 е добра камата. Ние од приватниот сектор очекуваме дека овие средства ќе ги добиеме преку развојната и комерцијалните банки и ќе биде стимул за развој, инвестиции и нови работни места“, изјави Трајан Ангеловски.

Во однос на рокот за отплата, Владата и банкарите на состанокот викендов се договорија дека тој ќе изнесува до 15 години, со можност за грејс период од три години. Ова ќе дозволи поголема флексибилност за фирмите кои ќе ги користат овие средства, иако ова беше една од пречките во првичните преговори, бидејќи банките обично нудат рокови од 7 до 10 години.

Тука се појавува и најважната дилема: банкарите неофицијално сакаат да наплатат над 3% трошоци, што би ја зголемило каматната стапка на речиси 6,5%. Ова се чини како значителен товар за бизнисите, па затоа ќе биде клучно дали Владата ќе се согласи на овие услови или ќе се обиде да ги намали трошоците.

Конечната одлука се очекува да биде донесена во текот на оваа или на почетокот од следната недела, по што би започнала исплатата на средствата за бизнисите.

Останато

Олимпиското село останало без кондоми само неколку дена по почетокот на Зимските олимписки игри

Објавено

на

Спортистите на Зимските олимписки игри 2026 очигледно биле прилично активни во своето слободно време во Олимпиското село, можеби и премногу активни.

Наводно се појавил недостиг на кондоми на Зимските игри во Милано-Кортина, откако спортистите земале речиси 10.000 кондоми за само три дена.

Залихите се потрошија за само три дена“, изјавил анонимен спортист за италијанскиот весник La Stampa. „Ни ветија дека ќе пристигнат нови, но кој знае кога.

Недостигот доаѓа откако организаторите испратија порака со цел да промовираат безбеден секс и позитивно сексуално здравје меѓу натпреварувачите.

Здравјето е на прво место: Превенција и здрав разум“ беше слоганот користен при дистрибуцијата на кондомите, додека гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана, на пакувањата го вклучи и симболот на регионот.

Сепак, залихите брзо се исцрпиле, а организаторите сè уште не се изјасниле кога повторно ќе бидат достапни нови кондоми за речиси 2.000 спортисти сместени во селата.

Како се снаоѓаат спортистите додека нетрпеливо го чекаат новото снабдување?

Мора да ја користите фантазијата“, изјавил анонимниот спортист, додавајќи дека многумина од нив слободното време го минуваат играјќи PlayStation додека чекаат нови залихи.

Спортистите во Олимписките села кои годинава ги има шест поради географската распространетост на Игрите имаат уште една предност кога кондомите повторно ќе бидат достапни.

Креветите на овогодишните Игри се значително подобрени во споредба со претходните изданија. За време на Летните олимписки игри 2024 во Париз, креветите во собите беа изработени од картон со цел да се промовира одржливоста. На Игрите во Токио, слични кревети беа користени и како мерка за ограничување на „интимноста“ меѓу спортистите поради заканата од КОВИД-19.

Колку кондоми биле поделени на претходните Олимписки игри?

Обезбедувањето заштита за сексуално здравје одамна е практика на олимписките организатори, уште од Летните олимписки игри 1988 во Сеул.

За време на Летните олимписки игри 2024 во Париз, на спортистите им биле достапни 300.000 кондоми што всушност е помалку од 450.000 обезбедени на Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година.

Иако на Летните игри има приближно петпати повеќе спортисти, бројот на кондоми по лице во Милано-Кортина е значително помал. Досега, олимпијците во Италија добиле просечно по два кондоми по лице, додека во Париз бројката изнесувала околу 20 по спортист.

Со доза иронија, веста за недостигот се појави токму на Меѓународниот ден на кондомот, кој секоја година се одбележува на 13 февруари „со цел да се промовира употребата на кондоми како ефикасна мерка за спречување на непланирана бременост и намалување на преносот на сексуално преносливи инфекции, вклучително и ХИВ“.

Продолжи со читање

Бизнис

Здружението на инфлуенсери го отфрла Правилникот на АВМУ и предлага Кодекс согласно европските практики

Објавено

на

Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини ја информира јавноста дека во целост ги отфрла Правилникот и Водичот донесени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека истите се надвор од законските рамки и не се усогласени со реалноста на дигиталниот простор.

Според ставот на инфлуенсерите, предложените акти не нудат системско решение за транспарентноста и одговорноста во интернет комуникацијата, туку отвораат простор за правна несигурност, различни толкувања и дополнителен хаос во онлајн сферата. Наместо да придонесат кон уредување на областа, тие создаваат ризик од селективна примена и ограничување на креативната слобода, без јасна законска основа и без претходна широка консултација со засегнатите страни.

Здружението нагласува дека инфлуенсерите не бегаат од одговорност, редовно плаќаат данок во Македонија, наспроти сите невистини кои се ширеа во медиумите во изминатиот период и дека ја поддржуваат потребата од транспарентност, јасно означување на комерцијалните содржини и почитување на етичките стандарди. Сепак, тие сметаат дека ваквите прашања мора да се уредуваат преку инклузивен процес и решенија што ќе бидат во согласност со законите и европските практики, а не преку акти што излегуваат надвор од утврдените надлежности.

Согласно изработената европска анализа за тоа како оваа проблематика е решена во земјите членки на Европската Унија, Здружението достави предлог до министерот за дигитална трансформација, со кое се предлага донесување Кодекс кој ќе се темели на принципите на саморегулација и ко-регулација. Во најголем дел од државите членки, прашањето на инфлуенсер маркетингот се регулира преку јасни насоки за означување на спонзорирана содржина, едукација и соработка меѓу индустријата и институциите, а не преку рестриктивни и еднострано наметнати подзаконски акти.

Предложениот Кодекс има за цел да воспостави јасни, применливи и пропорционални правила што ќе обезбедат заштита на јавниот интерес, особено на потрошувачите и малолетниците, а истовремено ќе ја почитуваат слободата на изразување и спецификите на дигиталната економија. Овој пристап, според Здружението, претставува единствен одржлив и европски усогласен модел за уредување на интернет просторот.

Здружението на инфлуенсери и креатори на содржини ги повикува институциите да го повлечат спорниот Правилник и Водич и да отпочнат отворен и транспарентен дијалог со сите релевантни чинители, со цел изнаоѓање решение кое ќе донесе правна сигурност, јасни правила и стабилна рамка за развој на дигиталната комуникација во Македонија.

Продолжи со читање

Анализи

Трошоците за живот поскапени за 3,2 проценти за една година!

Објавено

на

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, е намалена за 0,7%, додека цените на мало бележат пад од 2,7%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, трошоците на живот во јануари 2026 година во однос на јануари 2025 година бележи зголемување од 3,2 %, а индексот на цените на мало се покачил за 1,2% во споредба со јануари 2025 година.

Месечниот пад на инфлацијата е резултат на значително поевтинување кај транспортот (-9,3%), како и намалување на цените во групите информации и комуникации (-1,6%), рекреација, спорт и култура (-1,5%), облека и обувки (-1,2%) и лична нега и разновидни услуги (-0,5%).

Истовремено, зголемување на трошоците е забележано кај домувањето и енергенсите (+1%), покуќнината (+1%), рестораните и хотелските услуги (+0,7%), како и кај образованието и алкохолните пијалаци (+0,1%).

На годишна основа, најголем раст на цените е регистриран кај покуќнината и апаратите за домаќинство (5,8%), храната (5,5%) и алкохолните пијалаци (5,3%). Кај индустриските прехранбени производи цените се зголемени за 4,8%, а кај земјоделските производи за 3,2%.

Од јануари 2026 година, Државниот завод за статистика започна со примена на новата европска класификација ECOICOP 2, усогласена со стандардите на Евростат и Обединетите нации, без промени во методологијата на пресметка на индексите.

Фото: ВИ

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange